Офицерски Дом – Скопје / Вилијaм Баумгартен 1925-29
20.12.2014 • ХХ век / I половина
автор : Вилијaм Баумгартен
тип: Општествен објект
година на проектирање: 1925 год.
година на изведба: 1929 год.
Офицерскиот дом е дело на Вилијем Баумгартен како познат и стилски изграден руски архитект. Претставува објект со нагласен академски пристап во третманот на композицијата, организацијата и декорацијата.
Овој проект бил нарачан од страна на Министерството на војската и морнарицата, заради концентрацијата на општествениот живот на воената елита на Скопје и околината.
Објектот настрадал во скопскиот земјотрес во 1963 година. По одлука на тогашните власти, објектот е доурнат. Дали било грешка или не, можеби е предоцна да се дискутира. Набљудувајќи од денешен аспект на тековните случувања, може да се сложиме дека неколкуте скопски предземјотресни објекти-симболи на своето време, требало да се реконструираат и реставрираат веднаш. Така би се зачувал физичкиот спомен и би се одржал архитектонскиот континуитет на градот заедно со неколку малски целини. Новото Скопје, можеше да се развива и со нивното присуство. Но, тоа се одлуки на тогашната власт и тогашното општество.
Проблемот на денешното општество, кое се обидува да го врати назад објектот кој не постои 50 години, е во безмисленоста и неоправданоста на потегот под лажното алиби на “враќањето на духот на старото Скопје”.
Новиот објект претставува имитација, и во никој случај реконструкција, реставрација, реанимација или било кој друг термин кој на прво слушање звучи интелектуално и професионално. Имитација со зголемен габарит, натискани нови катови, нови ентериерни решенија, доградби и стиропор декорации, измешани функции, се во име на профит без чувство за атрактивноста на централниот простор на Скопје и неговото општествено значење . Во ера на современа мисла, градиме нешто кое е на крајот на професионалната етика и морал, со манипулативна мисла на враќање на старите вредности. Споредете ја лево тековната реализација и десно оргиналот, каде се воочува манипулацијата на сличноста.
Повторување на одминати стилови е прашање на невкус, непознавање на материјата и основните принципи на архитектурата.
И покрај чудните моментални текови во македонската архитектура, овој објект (1929-63) е академски пример за своето време и претставува редок грандиозен објект од ваков карактер, на територијата на Вардарска Македонија. Околу неговите вредности ви приложуваме извадок од книгата : “АРХИТЕКТОНСКИТЕ СТИЛОВИ (во македонската архитектура од крајот на XIX век и периодот меѓу двете светски војни)” од почитуваниот професор Кокан Грчев, со цел да презентираме вистински начин на перцепција при вреднување на едно дело, професионален речник кој ја искажува фактичката состојба и опис кој го објаснува стилот, кому припаѓа.
Автор на статија: marh