Кирил Муратовски / 1930-2005

Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век – Георги Kонстантиновски

 

Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на архитектурата на Кирил Муратовски.

 

Кирил Муратовски (14.03.1930, Галичник – 20.07.2005, Скопје) дипломирал на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Скоје во 1957 година на тема Железничка станица кај проф. Јован Ранковиќ.

По дипломирањето се вработил во Проектантското претпријатие за Македонија „Проектант“, каде што работел до 1961 година кога преминал во новоформираното проектантско претпријатие „Македонијапроект“ во Скопје. Тука работел и творел се до завршувањето на својот активен стаж во 1996 година.

Се јавува во групата на водечките проектанти во Македонија. Неговиот творечки опус ги опфаќа речиси сите гранки на архитектонското проектирање.

 

Комплексот Музеи на Македонија во Скопје (со арх. М. Томиќ)

 

Покрај главната преокупација на полето на проектирањето се занимавал и со публицистичка дејност. Публикувал статии во повеќе дневни весници, особено во „Нова Македонија“ и во „Македонија денес“. Со свои есеи се јавувал и во списанието „Аршин“. Со реферати настапувал на регионалниот конгрес на УИА во Никозија, Кипар (1984), на конгресот на САЈ во Марибор и на БИМАС 2000 со тема „Македонскаа архитектура во 90-тите години на XX век“. На полето на просветната дејност бил повеќе години вклучен во наставата како хонорарен асистент на предметот Проектирање на општествени згради на Архитектонскиот факултет во Скопје. Бил хонорарен наставник по предметот Градежни конструкции во Средното техничко училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје, како и хонорарен професор по предметот Нацртна геометрија и перспектива на ВПШ во Скопје.

 

 

Учествувал на повеќе архитектонски анонимни конкурси на кои забележал видни резултати. Бил член на повеќе конкурсни комисии за позначајни објекти, како што се Градското собрание на Скопје, објектот на Македонската академија на науките и уметностите „МАНУ“ во Скопје, Југословенскиот павилјон на Светската изложба во Монтреал, Канада и други.

 

 

Како архитект со потврдено проектантско искуство и практика вршел ревизии на поголем број идејни и главни проекти за познати инвеститори, како што се Станбената дирекција, „ЈНА“, „ЖТП“ и други. На полето на општествената дејност бил претседател на Претседателството на СДАМ во периодот од 1981-1983 година.

 

Домот на културата во Тетово (со арх. В. Николоски и И. Герасимовски)
Домот на културата во Тетово (со арх. В. Николоски и И. Герасимовски)

 

Од богатата палета на неговото творештво позначајни проекти се:

1965 – Стоковната куќа во Кавадарци;
1966 – Конзулатот на Р.Франција во Скопје;
1967* – Градскиот плоштад во Тетово (со арх. С. Ѓуриќ);
1970 – Деловната зграда на царинарницата на Р. Македонија во Маџари, Скопје;
1970* – Домот на културата во Тетово (со арх. В. Николоски и И. Герасимовски);
1974 – Станбената кула и блокот во населбата Карпош I во Скопје (со арх. В. Ладинска);
1975 – Трите станбени кули во населбата Аеродром во Скопје (со арх. Д. Томовски, В. Ладинска, А. Банчотовски, С. Апостолски и Н. Лагудин);
1975 – Градското собрание на Гостивар;
1976* – Комплексот Музеи на Македонија во Скопје (со арх. М. Томиќ);
1977* – Деловната зграда на ЗОИЛ „Македонија“ во Скопје (со арх. М. Сидоски).

 

Стоковната куќа во Кавадарци

 

За придонесот на полето на архитектонското творештво ги добил следниве награди:

1967 – 11 Октомври, за градскиот плоштад во Тетово;
1973 – 13 Ноември, награда на градот Скопје, за комплексот Музеи на Македонија во Скопје;
1974 – 13 Ноември, награда на град Скопје, за станбените кули во населбата Аеродром во Скопје.