Хотел „Континентал“, Скопје / 1972

Година: 1972

Автори: Живко Гелевски, Димитар Димитров

Извори: Архитектурата во Македонија 1969-1989, Александар Кочишки; https://architectuul.com/architecture/hotel-kontinental

Локација: Скопје

 

Во тоа време, во делумно недефинираната урбанистичка структура на источниот дел на Скопје, во контакт со индустриската зона доминира нагласената вертикална силуета на хотелско-угостителскиот објект „Континентал“. Изграден е за потребите на шаховската олимпијада (1972 год.), чиј домаќин беше Скопје, а претставуваше неделив дел од пространиот саемски комплекс.

 

 

 

Основниот габарит со различна височина (П+9 и П+12) во приземјето и првиот кат е проширен кон исток со анекс во кој свој простор најдоа сите придружни содржини потребни за хотел од висока категорија.

Основата на катовите излегува од познатите шеми, а со високата креативност на авторите, добива развлечена форма во која во централното јадро вешто се пласирани вертикалните комуникации. Со тоа се добиени кратки и јасни хоризонтални врски и пречистена просторна диспозиција на хотелските соби и апартмани. Покрај стандардните услужни, погонски и помошни простории, во компактниот волумен на хотелот најдоа нов простор неколку ресторански сали, кафеани и кафетерии, салони, ноќен бар, казино и други содржини наменети за забава и разонода на гостинот.

 

 

 

Поделбта на масите по вертикалата на главниот корпус е во функција на содржината, а нивното урамнотежување е постигнато со хармонична ритмика на белите полни површини со дисциплинирано спроведените вертикални прозорски ленти. Анексот од приземје и кат по целиот фронт има богат развиток на фасадна пластика со нагласени широки и цветни тераси.

 

 

Проектантите Гелевски и Димитров се креатори и на ентериерот во кој нема простор каде нивните вешти раце не интервенирале, создавајќи ја потребната топлина и интимност на внатрешноста. По своите обликовно-локовни вредности, јасната конструктивна шема и применетата креативност во внатрешноста и партерот, хотелот „Континентал“ во потполност ги одразува тенденциите на македонската архитектура од седумдесеттите години.

 

 

 

Насловна фотографија: Аrchitectuul