Архитектурата како молитва во материја / интервју со Студио Лелелеле

По поводот на неодамнешното осветување на црквата „Св. Константин и Елена“, МАРХ разговараше со проектантите на овој храм, архитектите Владимир и Искра Лековски – Студио Лелелеле. Ви го пренесуваме овој разговор каде можете да добиете увид во нивниот процес на проектирање, приказната за иницијативата за подигнување на оваа црква, како и предизвиците во изведбата на овој капитален објект.

 

МАРХ: Во вашето творештво се препознаваат две силни насоки – современата архитектура и сакралната архитектура. Како се развива односот меѓу нив? Како ги поврзувате овие две, на прв поглед, дијаметрално различни сфери?

Владимир : Од своето основање, Studio lelelele следи две архитектонски насоки кои на прв поглед изгледаат спротивставени: од една страна – проектирање на напредна современа архитектура, а од друга – негување и современа интерпретација на православната архитектонска традиција. Иако овие насоки естетски можат да делуваат контрадикторни, во својата суштина тие се концептуално поврзани – двете произлегуваат од истиот стремеж за архитектонска длабочина, културен континуитет и претворање на меморијата во форма.

Современата архитектура се движи меѓу материјалното и дигиталното, додека православниот храм бара постојаност, тишина и ритам што ја надминуваат епохата.

Архитектонскиот опус се протега меѓу воздржаната експресивност на сакралната типологија и слободната флуидност на современата форма. Овие две насоки се меѓусебно збогатуваат – сакралните проекти придонесуваат со својата архетипска тежина и духовен контекст, а современите ја поттикнуваат архитектурата постојано да го преиспитува својот јазик и форма. Следејќи ги овие паралелни насоки, Studio lelelele покажува дека архитектурата – било сакрална или секуларна, стара или нова – е пред сè културен акт, обликуван од тензиите, контрадикциите и поезијата на своето време.

 

Црквата во текот на изведбата. Фото: приватна архива на Studio lelelele

 

МАРХ: Може ли современата архитектура да биде во корелација со минатото без да го наруши неговиот интегритет?

Искра: Ние не ја прифаќаме идејата дека традицијата и иновацијата се исклучуваат. Напротив, нашата методологија се темели на уверување дека современоста не претставува прекин со минатото, туку дијалог со него – таму каде што вечната геометрија, материјалната искреност и духовната атмосфера коегзистираат со структурни матрици, технолошки обвивки и експериментална конструкција.

Владимир: Православната архитектура од самиот почеток е безвременска. Таа нема класична поделба на традиција, современост и иднина. Сè што е сакрално – архитектура, живопис, црковни предмети, облека, црковно пеење – е дел од истата суштина, без разлика дали се создава во минатото, сегашноста или иднината. Различно е само она со што архитектот располага во моментот кога проектира: технологија, информации, можности, материјали. Тоа споро еволуира, бидејќи претставува материјализација на духовното.

 

Камбанаријата во тек на градба. Фото: приватна архива на Studio lelelele

 

МАРХ: Што обично ве движи во самиот почеток на креативниот процес? Дали имавте некоја референца која ја следевте при проектирањето на објектот?

Искра: Инспирација на еден архитект е целокупното животно искуство – сè што видел, слушнал, осознал. Нема конкретен референтен објект или два-три врз кои се надоврзуваме. При проектирање на објект постојат премногу различни аспекти кои се инкорпорираат во различни временски периоди и контексти. Дури и додека проектираш, тоа е нешто веќе напластено и често не си свесен од каде доаѓа. А реално, на сите ни е јасно од каде доаѓа.

 

МАРХ: Како би го опишале архитектонскиот јазик на вашето студио – дали има препознатлив стил или нешто друго го дефинира?

Владимир: Наместо следење на фиксен стилски јазик, студиото во својата суштина не се води од стил, туку од став: став што е истовремено почитувачки и немирен, аналитички и интуитивен, вкоренет и истражувачки. Ако постои нишка што ги поврзува проектите, таа не е во формата, туку во архитектонската атмосфера – во оној суптилен слој на просторот што ги обликува чувствата, сеќавањата и начинот на живеење во него.

 

МАРХ: Каде го барате контекстот кога проектирате црква?

Искра: Храмот е пауза. Во свет преполн со врева и визуелен вишок, тој е простор на воздивнување. Пауза не како прекин, туку како преобликување на времето во вечност. Нема директен експлицитен контекст од околината – тој е нешто сосема различно. Архитектот проектира молитва во материја, претвора духовна димензија во форма. Но храмот не е изолиран – тој е вгнезден, тој е топос на заедницата. Неговиот размер и силуета припаѓаат на просторот во кој се наоѓа.

 

Осветената црква. Фото: Филип Конески

 

МАРХ: Како стигнавте на 27 години да добиете објект во центарот на градот?

Искра : Идејата за возобновување на црквата „Св. Константин и Елена“, уништена во земјотресот, ја воскресна Епископот Антаниски Партениј од Бигорскиот манастир. Врз основа на оваа идеја, Министерството за култура на Македонија во 2008 година распиша меѓународен конкурс, на кој учествувавме и победивме со нашиот идеен проект. Набргу потоа склучивме договор за основен проект, кој го работевме следните две години.

Еден месец траеше потрагата по тим „по своја лика и прилика“. Еден по еден ги наоѓавме како бисерчиња – сите специфични, автентични, амбициозни. Бевме тим од соништата: Јордан, Даниела, Владимир и Александра – шест млади, страствени и лудо креативни архитекти, незаменливи! Секој од нив остави дел од својата душа во овој објект. За секој детал имавме презентации, дебати, размислувања. Работевме и саботи, и недели, и дење, и ноќе.

Првиот дел започна многу креативно – со томови книги од Универзитетската библиотека, кои нашиот тим имаше задача да проучи фрагментите што нас ни беа од значење. Следуваше плодна, хармонична работа во текот на две години. Тимот го надополнија уште многу проектанти, инженери, соработници и консултанти, кои на конструктивен и личен начин се вклучија во проектот.

 

Тимот на архитекти во работна атмосфера. Фото: приватна архива на Studio lelelele

 

МАРХ: Каков предизвик беше тоа за вас?

Владимир: Предизвикот беше огромен, одговорноста неподнослива. Имавме страст како експлозија која не се опишува. Преиспитувавме до бескрај, анализиравме до бескрај, истражувавме и синтетизиравме сè што претходно знаевме. Тоа беше процес што е неповторлив. Смелоста и вербата доаѓаа од чувството дека проектираме храм за Бога. Ништо друго не нè допираше, ништо друго не ни беше важно – знаевме што нè води.

 

Фото: приватна архива на Studio lelelele

 

 

МАРХ: Како дојдовте до идејата за овој храм?

Искра: Она што сакавме да го постигнеме во овој храм е констелација од смиреност, рамнотежа, длабочина, јасност, едноставност, рамномерност и тишина – без прекумерност. Тој е исцртан на свој, автохтон сакрален начин.

Темпераментот на оваа црква подразбира нови плетки, перфорирани тонирања на површините („пробивање“ и дематеријализација на масивноста на материјалот), теми и шари кои суптилно и архетипски имаат свој асоцијативен прототип во византиските цркви на овие простори. Се повикуваме на веќе постоечките (познати) традиционални кодови, со што пропорциите на храмот јасно ја откриваат изворноста на објектот, како македонска православна црква, македонска меморија.

Фрагментарните вредности се надополнуваат на општиот впечаток, независни едни од други, но сепак изразени во ист темперамент.  Се создава целосност преку повторување на една појавност во правилен ритам и јасни насоки.

 

Ситуација на црквата

 

Основа на црквата

 

Јужната фасада на црквата

 

Овој храм, освен волуменскиот, пропорцискиот, силуетниот и материјалниот израз, ја изразува својата појавност и низ пикторесноста, тактилноста, растерот, структурата, текстурата и фонот. Низ текстурата – дише!

Објектот е изграден како фрактална целина, составена од себеслични елементи – триаголници и коцки – кои меѓусебно се мултиплицираат, се надоврзуваат и растат, создавајќи ја неговата пропорција, естетика, силуета и израз.

Владимир: Кулата е урбан репер, лендмарк, поставена на работ на парцелата, на самата улица Македонија, и претставува фокус од сите приодни страни. Затоа е проектирана да има различна појавност од секој агол, што варира во зависност од сончевите проекции. Тоа е постигнато со експоненцијална симетрија, односно со фрактална симетрија, каде новата геометрија создава случајни ефекти, но со правилна геометриска логика и суштина.

Внатрешноста на камбанаријата во тек на градба. Фото: приватна архива на Studio lelelele

МАРХ: Како ја тонирате светлината во внатрешноста на храмот?

Владимир: Православниот храм не употребува доминантна природна надворешна светлина, зашто токму тој на светот му светлозарува духовна, божествена светлина. Затоа суптилно внесовме природна динамична светлина, која создава волшебно треперење околу фреската на Господ Исус Христос Пантократор, овозможувајќи возвишено духовно доживување.

 

МАРХ: Како ја обликувавте просторната динамика за да ја поддржите литургиската возвишеност?

Искра: Ова беше голем предизвик за нашиот тим. Создадовме стотици варијанти и подваријанти, многу преиспитувања, и на крај го устоличивме она што нè задрма сите. Подот во леери, со динамични правци кои ја менуваат геометријата на просторот, ги отвора правците и ја отвора перспективата во црквата, а ја стабилизира таа динамика во една централна моќна композиција – точка од која се гледа целата вселена, ALEPH SPACE.

Иконостасот, раскрилен и моќен, со една прегратка те собира и закрилува во таа точка. Тој е преплетен во архитектурата – не застанува кај столбовите, туку се провлекува низ нив по целата ширина на црквата. Дванаесетте столбови во средишниот дел ја претставуваат присутноста на дванаесетте апостоли.

 

 

 

МАРХ: Со какви најголеми архитектонски и технички предизвици се соочивте?

Владимир: Се соочивме со многу предизвици, својствени за ваков тип објект. Сè беше нестандардно, сложено, уметничко, но тоа не претставуваше кочница. Очекувавме предизвици во секоја смисла, но изведувачот „Бетон“, раководен од Весна Канчевска како раководител на градилиштето, беше на висина на задачата и немавме проблеми. Имавме среќа токму оваа фирма, со своите инженери и мајстори, да го изведува храмот, а градежен надзор беа искусните инженери од „Пуик“, предводени од архитектот Јанко Богојевски, со кого имавме извонредна соработка.

Искра: По застој од седум години, добивме повик од новиот ктитор и започнавме со довршување на објектот. Ктиторите Сашо и Сања Костовски не само финансиски, туку и личносно, со многу труд и голем уметнички сенс, се вложија за храмот да биде довршен достојно. Се надеваме дека во скоро време ќе се завршат и криптата, и кулата, и сите деталчиња што останаа.

 

 

МАРХ: Каква е атмосферата за проектирање во Македонија?

Владимир: Живееме во средина во која, за жал, и црквата е политички таргетирана. Атмосферата е политизирана, а токму поради тоа објектот беше во застој седум години. Живееме во земја каде е можно ревидентите на твојот проект да ти го украдат проектот на 80% изведен објект .

Инвеститорите често на своја рака менуваат детали и суштински елементи, што резултира со изведбени неможности и конфликт меѓу визија и желби. За изведувачите „сè е невозможно“. Архитектот кај нас често се смета за луксуз и проблем – тешко си го дозволуваат, а и кога ќе го ангажираат, го прашуваат „кој си ти да ми кажеш што јас ќе правам со свои пари?“

Искра: Чувството е дека архитектурата не е ценета. Авторите не се спомнуваат во новинарските текстови, што зборува за нивото на културата. Ние, сепак, имавме среќа за овој објект да се вклучат луѓе кои искрено и безрезервно сакаа да се создаде безвременско дело.

 

Архитектонски проект:

Проектанти: М-р инж арх Искра Лековска, М-р инж.арх. Владимир Лековски

Соработници архитекти: Дипл. инж.арх. Јордан Тасевски, Дипл.  инж.арх. Даниела Андоновска, М-р инж.арх. Владимир Димитров, М-р инж.арх. Александра Шекутковска, Дипл. инж.арх. Стефан Коцевски

Градежно-конструктивен проект: М-р град. инж. Влатко Коцевски

Проект за Водовод и канализација: М-р инж.арх. Мерџана Казанџиска, Дипл.град.инж. Благоја Петрушевски

Електротехнички проект: Дипл.ел. инж. Влатко Спировски Дипл. ел. инж. Златко Нонкуловски

Машински проект: М-р град. инж.  Никола Барсов

Живописна програма: М-р умет. Дејан Кратевски

Електроакустика: М-р инж. Живко Дракуловски

Елаборат за Противпожарна заштита: М-р инж.арх. Нада Тортеска

Елаборат за екологија: М-р инж.арх. Катарина Максаровска

Консултанти: Епископ Партениј, Владика Климент, Отец Игор Калапакоски, Проф. Гаврилович, Зограф Кирил Златанов, Проф. Митко Хаџи-Пуља, Проф. Димитар Папастерески