Се отвори XXII Биенале на македонската современа архитектура
07.10.2025 • Информации

Вчера во Музејот на современа уметност-Скопје, се отвори XXII Биенале на македонската архитектура. Во вонредно издание, со пристигнат рекорден број на трудови, во атмосфера како доликува беа присутни огромен број на посетители.
МСУ беше вистинскиот избор од повеќе аспекти, каде паралелно посетителите може да ја видат и изложбата посветена на Живко Поповски.
Биеналето го отвори претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија арх. Валентино Константиновски чиј говор го пренесуваме во целост:
„ Прво да Ве поздравам и да Ви посакам топло Добредојде на сите гости, колеги, пријатели, вљубеници во архитектурата и останатите.
Би сакал да нагласам дека за свеченото отворање на „XXII Биенале на современа македонска архитектура – БИМАС 2025”, не случајно беше одбран овој датум, 6ти Октомври, кој оваа година е прогласен за Светскиот ден на Архитектурата. Со голема љубов и радост ја праќаме пораката, дека славиме нешто свое, локално, во исто време со глобалната светска прослава.
Нашата отвореност и интернационална ориентираност, може да се согледа преку поканетите странски гости од повеќе европски земји, кои ќе бидат присутни кај нас, да ги пренесат нивните ставови, идеи, архитектонски визии, преку конкретни примери и теоретски размислувања, на предавањата кои ќе ги одржат, во рамките на Биеналето, на различни локации.
Јас ќе говорам општо за Биеналето, за неговата хронологија. Претседателот на Организациониот одбор на Биеналето, колегата Иван Мирковски ќе зборува конкретно за ова Биенале, а колегата, професор Мишко Ралев, ќе ја има честа да се обрати со краток говор и да го прогласи годинешното Биенале за отворено, како поранешен Претседател на ААМ. Со тоа покажуваме меѓусебна доверба и континуитет во работата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Претпоставувам дека ќе Ве изненадам со информацијата, првото Биенале на современата македонска архитектура е одржано во Февруари 1981 година, токму тука, во Музејот на современа уметност, имало над 100 пријавени авторски труда, колку што имаме и ние денес. За ситуацијата да кулминира, студентската изложба била исто така во рамките на Биеналната и се одржала во Музеј на современа уметност. И сегашната студентска изложба, БИСТА 2025, ќе се одржи тука, во Музејот на современа уметност, заедно со главната изложба.
Ќе се обидам да Ви го прикажам тоа совпаѓање и преку конкретен пример. Ќе Ви прочитам краток цитат, од каталогот од првото Биенале :
„Современите барања на модерната светска и македонска архитектура, бара извонредно ангажирање и своевидна синтеза на творецот, општеството и материјалот како нераздвојни чинители во овој вид творештво. Познатите архитектонски дела и нивните автори, еднакво, како и славните сликари и нивните слики, познатите вајари и нивните скулптури, учествуваат во големата преобразба и заокружување на културниот лик на нашата епоха.
Ставови и размислувања, кои се и денес актуелни и би можеле да важат, освен секако новата технологија, која незапирливо напредува и единствено за неа, не важи истото.“
Резиме: да ги користиме мудростите и знаењето на нашите претходници, познавајќи го добро минатото, може да се предвидуваат работи и во иднината, бидејќи историјата се повторува.
Уште една битна информација за сликата да биде целосна. Водечкото светско Биенале за архитектура во Венеција е за прв пат одржано во 1980 година, само една, и тоа неполна година пред нашето Биенале, што говори за една напредна мисла, визија, спроведена на дело. Сето тоа дополнително не прави горди.
Денес, по точно 44 години постоење на Биеналето, можеме да се пофалиме со богато минато, минато за почит, кое уште повеќе не обврзува да бидеме сé подобри и подобри, да бидеме најдобрата верзија од самите нас. Таа 44 годишна одисеја била исполнета со премрежја, успони, падови, но ете, сега сме тука, полни со елан за нови предизвици и искушенија, желни за соработка и постојана размена во повеќе правци.
Колективна одговорност е главната тема на годинешното Биенале, но и колективен настап. Да останеме доследни и цврсти, да не отстапуваме од идејата и зададените насоки за здружување и спроведување на заедничките интереси. Ние, архитектите, не треба да се гледаме како конкуренти, туку како потенцијални соработници. Во тој случај и поединечните резултатите ќе се подобрат. Тие се неизбежни!
Токму овој период, е всушност продолжение на одамна започнатата приказна, која се нарекува БИМАС, но и нов почеток, со осетно зголемена активност и голема посветеност на Управниот одбор, на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Верувам, и се надевам, дека така ќе продолжиме и во иднина да работиме, со истото темпо, кое го наметнува современиот начин на живеење, насекаде околу нас. Но здружени, сите заедно, тимски…
Затоа, повикувам на акција, помладите колеги да се охрабрат, да ја согледаат отвореноста за соработка и да се приклучат во нашите активности. Спојот помеѓу искуството на повозрасните и младешкиот дух и енергија кај помладите, е скоро секогаш добитна комбинација. Таа комбинација веќе ја применуваме, во Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти, повеќе од половина се млади, имаме и надворешни соработници, исто така млади луѓе.
Така нашите замисли и идеи подобро и полесно ќе ги спроведуваме на дело.
Времето е сега и веднаш, уште подобро звучи: THE TIME IS NOW!
На крајот да се заблагодарам на домаќините, Музејот на современа уметност и луѓето кои го раководат, на сите соработници, најголем дел од нив, доброволци, за нивната несебична поддршка и секако на спонзорите и донаторите на овој значаен настан, меѓу кои сакам да го истакнам генералниот покровител на Биеналето – австиската компанија БАУМИТ, и генералните спонзори на манифестацијата – Министерството за Култура и Туризам.
Сите останати спонзори и поддржувачи се наоѓаат на нашите портали и печатени материјали, составен дел на сите настани од Биеналето, и секако ќе бидат влезени во ексклузивниот каталог, кој ќе се промовира на свеченото доделување на наградите на БИМАС 2025, на 20ти Октомври. Сите Вие, претходно споменати навистина многу ни помогнавте, да можеме да го реализираме замисленото сценарио на Биеналето.
Уште еднаш, големо БЛАГОДАРАМ до сите присутни “
По говорот на претседателот на ААМ, се обрати и претседателот на одборот за организација на Биеналето, проф. Иван Мирковски :
„БИМАС 2025 — Колективна одговорност: кон трансгресивни архитектонски парадигми
Кога ја создавав програмата на ова издание на БИМАС, во мислите постојано го имав манифестот — кој гордо е истакнат во МСУ денес… идејата дека архитектурата е чин на одговорност, а не само професија. Одговорност кон просторот, кон времето, и кон луѓето за кои градиме.
По 44 години, БИМАС повторно треба да биде платформа за културно воздигнување— простор каде архитектурата повторно зборува за заедничкото добро.
И токму денес, кога Скопје чекори кон 2028 година — кон својата титула на Европска престолнина на културата, оваа манифестација станува уште поважна. Тоа е уште една одговорност што ја имаме кон нашиот град: да ја насочиме архитектурата како јазик на култура, на паметење и на визија.
Архитектурата премногу често се сведува на изолиран чин — дело на мал круг поединци, што мнозинството го доживува пасивно, без да се доведе во прашање нејзиниот поширок општествен контекст.
Но нашите градови не се статични — тие се живи организми, обликувани од секоја постапка и секој пропуст, од нашите сеќавања и од она што одлучуваме да го заборавиме.
Градењето не смее да се престори во бизнис фетиш, градењето е цивилизациски чин – долготраен процес што ги сврзува историските наративи со идните очекувања. Во таа смисла, архитектурата не е само уметност или технологија — таа е манифест за одговорноста!
Одговорност кон просторот во кој живееме, кон времето во кое дејствуваме, и кон луѓето за кои градиме.
Архитектурата може да ги зајакне релациите со локалниот контекст и наследство, или, обратно, да предизвика отуѓување и прекин со вредностите што нè определуваат.
Токму затоа, архитектите и планерите имаат суштинска улога — како медијатори меѓу техничките услови и социо-културните детерминанти, нивните одлуки оставaат траги што ја обликуваат културната меморија на едно општество.
Алдо Роси уште во 1976 година, преку проектот La Città Analoga, нè потсети дека градот е слоевит палимпсест — место каде секоја нова интервенција се впишува врз постојните мемории, создавајќи нови енграми на сеќавање. Тие слоеви не се пасивни остатоци, туку активни учесници во обликувањето на идентитетот на градот и на нашата колективна свест. Архитектурата има моќ да ги обедини тие значења во современа и кохерентна целина,ако одбереме да ја градиме како чин на почит и континуитет, а не на бришење и заборав.
Но денес, сè почесто сведочиме на редукција на архитектурата во чист визуелен спектакл — спектакл на моментална привлечност, без содржина, без меморија, без општествена смисла.
Во едно мое интервју, Богдан Богдановиќ пророчки ми рече: „Е мој Иво, тоа ќе биде смртта на архитектурата“. И навистина — кога архитектурата ќе се сведе на илузија, кога ќе стане производ за моментална фасцинација наместо простор на колективната смисла, таа престанува да биде културен чин и се претвора во декор на заборавот.
За да го надминеме тоа, ни е потребна зрелост. Ни е потребна колективна одговорност. Само така можеме да создадеме нови, трансгресивни парадигми — кои ќе ја преиспитуваат традицијата, ќе ги надминуваат конвенциите, но никогаш нема да ја изгубат врската со наследството што нè обликувало.
Оттука, архитектурата е моќна алатка која ги обликува нашите искуства, ги кодифицира нашите наративи и ги проектира нашите очекувања врз светот. Затоа, таа мора да се третира како општествен договор — како спогодба со која секој проект и секоја идеологија се стремат кон заедничкото добро.
Денес, на Светскиот ден на архитектурата, преку овој манифест која ја постави темата на ова 22ро Биенале, треба да го потврдиме тој договор.
Да ја признаваме архитектурата како заедничка одговорност — и како поле каде се среќаваат меморијата, иднината и одговорноста на нашето време.
Изборот е наш — заедно!“
По излагањето на Мирковски, честа официјално да го отвори БИМАС 22 му припадна на професорот Мишко Ралев, кој беше претходниот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
фото: Борис Јурмовски

Автор на статија: Filip Koneski
2025 / XXII / ААМ / Асоцијација на архитекти на Македонија / Биенале на македонската современа архитектура / МСУ