Посвета на конструкцијата и поезијата: Последниот ден од програмата на БИМАС

 

Во вторник, на 16 октомври 2025 година, во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) се одржа последниот ден на организирани настани и прадавања во склоп на БИМАС 2025 (Biennale of International Modern Architecture in Skopje). Настанот ги обедини истражувањето, архитектонската практика и критичкото размислување преку серија предавања и изложби што ја споија научната експертиза со уметничката интерпретација на просторот.

 

 

Современи пристапи кон заштита на културното наследство

Вероника Шендова, истражувач во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), го отвори програмскиот дел со предавањето „Modern approach to earthquake protection of cultural heritage“.

Во своето излагање, Шендова го претстави искуството на институтот во областа на сеизмичката заштита на културното наследство, нагласувајќи ја важноста на интегрирањето на современите инженерски методи со принципите на конзервација. Преку примери од локалниот и меѓународниот контекст, таа го потенцираше значењето на сеопфатниот пристап – од анализа на структурната состојба, до примената на најсоодветни техники за санација, при што се почитуваат историската автентичност и материјалниот интегритет на објектите.

 

 

Шендова истакна дека ИЗИИС развива сопствени модели на интервенција, засновани на повеќедецениското искуство на институтот во испитување и реставрација на значајни објекти. Овој пристап овозможува создавање прецизни насоки за зачувување на архитектонското наследство во сеизмички активни подрачја, како што е Скопје.

 

 

 

 

Сеизмичка повредливост на Старата скопска чаршија

По неа следеше предавањето на Александар Златески од ИЗИИС, кој го насочи фокусот кон историското јадро на градот – Старата скопска чаршија. Во своето излагање, Златески ја презентираше методологијата за процена на сеизмичката повредливост на идани објекти во урбани историски средини, развиена според современи европски модели (Benedetti, Petrini, Vicente, Ferreira) и прилагодена на специфичните услови во Скопје.

Преку систематски пристап кој ги вклучува конструктивните карактеристики, нерегуларностите во структурата, меѓукатните системи и состојбата на неконструктивните елементи, тимот на ИЗИИС изработил детална процена за степенот на ризик кај објектите во Чаршијата. Истражувањето потврди дека поголемиот дел од постојната градба – составена од тула, камен и керпич, со доминантно отоманско влијание – е изведена без критериуми за сеизмичка отпорност, што ја зголемува потребата од системски пристап кон нејзина заштита и обновување.

Целта на оваа анализа не е само утврдување на ризиците, туку и развивање на методи за санација и зајакнување што ќе овозможат зачувување на културниот карактер на Чаршијата, а истовремено ќе ја подобрат нејзината безбедност и одржливост.

 

 

Изложба на Штефан Медер – Leporello: A Walk Through Space & Time of 4 Houses

Вечерната програма, исто така во МСУ, продолжи со отворањето на изложбата на швајцарскиот архитект Штефан Медер, насловена „Leporello – A Walk Through Space & Time of 4 Houses“.

Изложбата ги претстави личните архитектонски „вежби за прстите“ на Медер — серија од мали проекти за куќи создадени во период од речиси четири децении. Овие дела претставуваат интимна реконструкција на авторовата мисла, каде преку архитектонски скици тој ги истражува односите меѓу просторот, времето и меморијата.

 

 

Централен експонат на изложбата се лепорелата – флаери свиткани како хармоника, кои преку низа поврзани скици ја пренесуваат идејата за движење низ простор и време. Името на проектот е инспирирано од ликот Лепорело во операта „Дон Џовани“ на Моцарт, каде слугата на главниот јунак води список на неговите љубовни освојувања. Кај Медер, „списокот“ станува архитектонски – низа куќи, простори и идеи, кои во континуитет ја обликуваат неговата лична архитектонска топографија.

 

 

Организација и продукција на изложбата:
Изложбата е организирана од архитектонското студио к87а, во рамки на XXII Биенале на Македонска Современа Архитектура – БИМАС 2025. Дизајнот на изложбата е реализиран од Максим Наумовски, Павел Вељаноски и Мирослав Пејовски, а текстот е авторство на Штефан Медер, со превод и лектура од Анета Трпковска. Проектот е поддржан од Швајцарската Агенција за Развој и Соработка SDC и ГД Гранит Скопје.

 

 

Штефан Медер е роден во Кирхберг, Швајцарија во 1951 година. Дипломирал архитектура на ETH Цирих во 1978 година, а истата година го основал своето архитектонско биро. Од 1988 година работи заедно со архитектката Сузана Меклер, а неговото предавачко и истражувачко дејствување опфаќа институции во Винтертур, Цирих и други европски градови. Неговите проекти се реализирани и изложувани во Гимараеш, Валенсија, Загреб, Љубљана и Цирих, претставувајќи пример на архитектура која прецизно ја спојува педагогијата, материјалноста и дисциплината на мислата.


Денот во МСУ, во рамки на BIМAС 2025, заврши со тивок дијалог меѓу инженерството и архитектурата — меѓу конструкцијата и поезијата на просторот. Преку научното истражување на ИЗИИС и визуелниот јазик на Медер, настанот уште еднаш го потврди својот карактер како платформа што ги поврзува дисциплините и ја поттикнува културата на архитектонскиот разговор во Скопје.