13 ПРЕДЛОЗИ до идниот градоначалник на Скопје / 8-20

Откако заврши првиот круг од локалните избори, битката за градоначаничкото место останува на двајца кандидати – Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ ( Коалиција „Твоја Македонија“) и Амар Мециновиќ од Левица. Вториот одлучувачки круг е закажан за 2ри Ноември, по кој ќе го добиеме името на новиот татко на градот.

Скопје тоне во ѓубре, во безидејност и летаргија на немањето визија. Затоа продолжуваме со нашите предлози кои сметаме дека новиот градоначалник треба да ги земе в предвид. Доволно Скопје размислуваше дефанзивно, потребни се визии за метропола со идентитет.

До сега објавивме 7 предлози, продолжуваме со нови 13, или од предлог 8 до предлог број 20.  Нашето делување во интернет просторот се покажа како влијателно во делот на креирањето на јавниот став и мислење по многу прашања и точки кои не засегаат. Минатите избори како и тековните посведочивме на уште поголемо прифаќање на дел од нашите идеи и иницијативи кои станаа дел од кампањите на кандидатите.

Затоа продолжуваме понатаму >>>

  1. БРЕНДИРАЊЕ НА СКОПЈЕ КАКО ПРЕСТОЛНИНА НА БРУТАЛИЗМОТ

Периодот на постземјторесната обнова на градот, донесе нов бран во домашната архитектонска продукција на  јавни и станбени објекти во манирот на брутализмот. Скопје често е препознавано како „Скриената престолнина на брутализмот“ што е идентитет кој градот треба да го препознае и прифати. Скопје не е град на барок, ниту на ренесанса, за жал повеќе не е град ниту на еклектично наследство. Средновековното наследство и сите останати слоеви во поголема или помала мерка ги поседува регионот, и тие се непобитен значаен сегмент кој треба да е на пиедестал. Но она кое Скопје го разликува и го искатнува по бројноста на реализирани објекти од некој препознатлив стил, тоа е брутализмот. Затоа новиот тим на градоначалникот треба градот да го препознае овој брендинг и да го унапреди.

 

Студентски дом „Гоце Делчев“ / Фото од збирката разгледници „Бетонско Скопје“

 

Што треба да опфати една ваква иницијатива?

  • обемно истражување, препознавање и броење на објектите, нивно документирање на севкупната архивска документација, создавање на архитектонски книшки за секој објект одделно со се што постои за истите;
  • добивање на статус, преку соработката со Заводот за заштита на културното наследство, коj ќе ги заштити објектите од нивно несоодветно третирање, интервенции и деградација;
  • носење на заклучоци, кој објект се реконструира верно, задржување или промена на функции, препознавање на нови;
  • директна импликација врз деталните урбанистички планови, создавање на правилник за зона околу истите, во која не смее да се делува, заштитен појас и строги критериуми;
  • презентација преку електронски медиуми, специјализирани страни со информации за истите, поставување на табли со информации, креирање на сувенири и промотивен туристички материјал, обучување на специјализирани туристички водичи, организирање на посети, тури и сл;
  • истражувачки процес со вклучување на стручната јавност, како овие објекти да бидат третирани во однос  на енергетската ефикасност, нивната оддржливост  и  усвојување на постапки за нивна заштита;
  • носење на децениска програма за нивна обнова и реконструкција, со поставена динамика на изработка на проекти, нивно континуирано финансирање и реализација.

 

Градски стадион / УХМР / Народна Банка / Воена болница / Фотографии од збирките разгледници „Бетонско Скопје“

 

2. ПРВИ ДЕЛУВАЊА ВРЗ СКОПЈЕ 2014

Последиците од проектот „Скопје 2014“ т.е неговата присутност се веќе тековен процес од живеењето на градот. За истото мора да се отпочне ревалоризација во рамките на возможното и истото треба да создаде идеја и динамика за интервенции врз делови од проектот. Што не може да се дисплоцира, што останува, што се пренаменува или што целосно се отстранува. Градот и новата локална власт мора да изнајде начин и да покаже зрелост, за сериозните влијанија на овие интервенции и трезвено да донесе одлуки.

 

Мапа на предлог почетни интервенции над Скопје 2014  ( рушење и демаскирање )

 

Од истите во следниот мандат мора да се покаже на пет точки  кои сметаме дека се првите кои треба да се реализираат:

  • Отстранување на сите таканаречени галии од коритото на реката Вардар, без разлика на финансиските импликации. Просторот е потрошлив ресурс и враќањето на неговиот потенцијал мора да носи финансиски импликации со цел ослободување на истиот. Овие галии се пример за немаче чувство за пропорција, мегаломанија, рак на вкус и естетика – дизниленд во центарот на градот, ризик за водостојот и брана за ѓубре и загадување. Интервенции од сличен карактер може да се преразмислат на еден кроток и одмерен начин, кој може да се види дури и во поблиското регионално опкружување;

 

Од изградбата на мостот „Гоце Делчев“

 

  • Враќање на оригиналниот изглед на мостот „Гоце Делчев“ кој е ремек дело од аспект на инжнерство и градежништво, мост со најсилен авторски печат во Скопје. Оваа интеревенција би значела отстранување на смешната ограда и несоодветните кандилабри и враќање на првобитниот изглед. Ова демаскирање значи финансиски најлесниот проект од сите интервенции на Скопје 2014;

 

Панорама на плоштадот ПТТ / фото: Филип Конески

 

  • Заштита на ПТТ центарот, со трите објекти, каде во моментов е фокусот единствено на шалтер салата. Овој комплекс претставува еден од највпечатливте бруталистички остварувања кој е препознает и ценет ширум стручната јавност во светот. Тука треба да се пристапи кон три сериозни чекори : 1. Рушење на катната гаража која и онака не функционира и претставува урбанистичко злодело во просторот на моќната композиција 2. Враќање на оргиналниот изглед на МЕПСО, преку симнување на фасадата која го крие локалниот „Чандигар“  3. Распишување на конкурс за пренамена на шалтер салата во објект со функција култура и партерно уредување на бруталистичкиот плоштад кој сега е скриен со катната гаража. Во центарот на градот добиваме маркатна композиција, јавен простор и валидираме културно наследство од највисок степен;

 

Нама или Типо во 90тите години на XX век

 

  • Демаскирање на „Нама“ и нејзино враќање во оригиналната форма – објект од особено значење за македонската модерна;

 

фото: Build.mk

 

  • Рушење на колонадата која нема никаква поента на кејот на Вардар, намерна пречка во идејата да се сокрие МОБ и модерното наследство.  Отворање на погледот кон Македонската опера и балет и вовед кон реконструкција на партерот кој е дел од архитектурата на овој објект.

Тука ќе застанеме, ова се сепак предлози за почеток, доволни се за еден мандат 😉 ….

 

3. ИНВЕСТИЦИЈА ВО КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Состојбата со културното наследство во градот Скопје е во постојан прогрес на загрозување и уништување. Од негрижата за локалитетите од сите епохи, до модернистичкото градителско наследство – состојбата е  незадоволителна.  Кога говориме за наследството, зборуваме и за визуелниот идентитет на градот, туристичкиот потенцијал и сликата која говори за нас. Тука мислиме не само за објектите сами по себе, тие треба да се третираат и  урбанистички, т.е околината да се развива со почит, додека визурите и погледите треба да им дозволат да бидат истакнати и лесно приметливи во просторот.

 

Културни точки и оски на поврзување

 

Скопје има неспорен туристички потенцијал кој за жал несмасно се екплоатира, додека нивото е далеку од просечното. Треба да се препознаат амбиенталните целини, и преку патеки да се поврзат локалитетите на начин кој ќе овозможи лесна посета и раскажување на приказната за Скопје.

 

Состојба на театарот при последните истражувања

 

Да започнеме со античкиот предок – Скупи. Неговата позиција сообраќајно е некако на маргините, доколку го посетите овој локалитет, не можете да забележите доволна атрактивност на тоа што го поседува од аспект на конзервација, реставрација и презентација. Она кое е главен адут кај сите вакви антички градови се театрите. Пред повеќе од деценија се заговараше реконструкција на театарот, но рамките и идејата на оваа реконструкција беа излезени од разумните пракси. Многу малку е сочувано од оригиналните остатоци, додека реконструкцијата заговараше мегаломански проект во кој беше третирана и театарската зграда. Овој проект треба да се ревидира и да се задржи фокусот единствено на гледалиштето и сцената, додека театарската зграда е непотребна интервенција. Од тука погледот треба да е ослободен кон Скопје. Во овој контекст Скупи треба да опфати сериозна инвестиција, уредување на влезот и прва фаза која  ќе го претстави локалитетот за неколку години како атрактивен простор за посета и сцена на отворено за 9 000 гледачи.

 

Реконструкција на театарот во Скупи – визуелизација

 

Втората точка од културната оска, треба да е скопскиот аквадукт, кој секојдневно следиме како се уништува. Секоја година се најавуваат интервенции за заштита, но на терен не гледаме сериозни резултати. Покрај неговото реставрирање, урбанистички овој простор е недостапен и сместен во диви депонии. Просторот треба да опфати и сообраќајна достапност, оградување и уредување на околината, поставување јасни граници на се она што во околината би се градело во иднина. Конкурс ? Секако!

 

Состојба на аквадуктот во 2019 година / фото: Филип Конески

 

Третата точка на поврзување е просторот на Скопската тврдина, која во моментов е без потребното внимание. Покрај нејзиното доуредување, таа треба да се направи достапна од повеќе точки. Покрај главниот влез од северна страна, нејзиното поврзување треба да биде од уште најмалку две точки – едната е од југоисточна страна каде своевремено беше овозможен влез, додека другата е во делот од паркингот и меѓупросторот со МСУ – Скопје, простор кој треба да се исчисти од објекти и целосно да овозможи поврзување на музејот со Кале. Од оваа точка треба да се предвидат скалишта и алтернативно поврзување со лифт, кабински превоз или слично, што ќе го врзе просторот и направи подостапен од зоната под ридот. Она што како концепт треба да се земе в предвид е музеј посветен на тврдината.

 

Влезовите во чаршијата, просторот кој треба да се ослободи и новиот музеј – појдовна точка

 

Во последните интервенции на тврдината, се поставија темелите за 3 музеи, кои требаше да го опфатат неолитот, отоманскиот период и средновековниот, но тоа се мали просторни интервенции кои не се доволни да презентираат една поголема слика. За оваа намена, тврдината и нејзиното севкупно управување треба објект кој е во нејзина непосредна близина.

 

Објектот од XIX век, во кој беше сместена администрацијата на Рубин Кармин е просторен потенцијал во служба на чаршијата и скопската тврдина

 

Тој е тука и се наоѓа спроти нејзиниот главен влез на улица Самоилова, некогашниот објект на Рубин Кармин. Треба да се препознае и да се рамзисли за негова функција како збирно место пред посетатата на скопската тврдина. Инфо пункт, музејска постава, тоалети, сувенири продавница, кафетерија итн.

 

Саат кулата и Хјунќар џамија ( Султан Муратова), погледот кој не смееше да се загуби

 

Од тука оваа патека треба да се насочи кон Виргинскиот Рид, т.е просторот на скопската саат кула. Простор кој е директно девалвиран од урбанизмот без идеја. Битпазар требаше да е средиште, со дел на плоштад од кој се пружа поглед кон саат кулата од една страна, од друга страна да го нагласи северниот влез кон чаршијата. Многу девалвиран простор, кој има потреба од визија, конкурс и многу рушење.

 

Бит Пазар и нарушената визура кон Виргинскиот Рид

 

Потоа следи чаршијата, каде итно треба да се одземат сите ингеренции над неа од општината Чаир, која очигледно е причина за нејзиното постепено девалвирање. Итни измени и целосен концепт за нејзина ревитализација.

Оската продолжува преку Камениот Мост, Плоштад Македонија, Улица Македонија, Старата Железничка Станица и продолжува кон Водно, каде треба да ја актуелизираме идејата за целосно истражување на Марково Крувче, или средновековната тврдина Чрнче, нејзина реконструкција преку конкурс кој ќе охрабри смели интервенции, давање на функција на овој простор.

 

Анализа на визуелни можности – средновековна тврдина  Чрнче (Марково Крувче)

 

Она што треба да е предизвикувачки, враќајќи се назад кон поврзувањето меѓу старата железничка станица и Средно Водно е една идеја која е доста смела, но бара истражување. Во една објава поврзана со зеленилото во Скопје, во период кога беше актуелизирано дислоцирањето на Државната Болница, апелиравме да се вметне просторот на сегашната позиција во плановите за Скопје, каде сметаме дека дел од клиниките треба да останат во служба, дел од објектите да се срушат и на оваа позиција да се дефинира градски парк со кој бар малку ќе му се врати од одземеното на градот од изграденото на Водно. Оваа смела идеја, заговара почеток на трасата на жичарата кон Средно Водно. Непосредна близина на центарот на градот, доволно простор каде може да се организира паркинг, зеленило и градски парк.

 

Потенцијалниот иден парк со возможна позиција на жичарницата кон Средно Водно

 

Оската не е единственото нешто, кое треба да е врзано со наследството како потенцијал за економски раст, во првите предлози говоревме и за заштитата на староградската архитектура, со особен третман на Дебар Маало.

 

Предлози до идниот градоначалник на Скопје / 1: Заштита и конзервација на староградската архитектура

 

4. СОЗДАВАЊЕ НА ГРАДСКО ПРЕТПРИЈАТЕ ЗА СТОПАНИСУВАЊЕ НА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР

Најголемата битка за јавниот простор и дефинирање на парковски површини или други јавни намени, поминува низ изговорот за приватно земјиште. Оваа манипулација мора да застане, бидејќи урбанизмот не смее да биде во корист на злоупотребените планови, каде се цртаат нарачките на новите сопственици. Без идеја да пропадне градежништвото, ниту некој да постави грешна теза дека заговараме национализација на имоти, сметаме дека постои решение за се. Најпрвин визија, одредување јавен интерес, потоа продажба на земјишта како стартна точка. Кога доаѓа моментот за приватни земјишта каде сметаме дека постои јавен интерес, често се соочуваме со големи суми на средства за обештетување и откуп. Најголемите комплекси во Скопје, се решени со компензација, давате земјиште добивате станови. Оваа инвеститорска стратегија треба да ја прочита градот преку создавање на Градско претпријатие за стопанисување на станбен и деловен простор и изградба на градски наслеби. Освен што може да помогне на социјални загрозени семејства, изградбата на овие станови, може да служат за компензација на имот. Со тоа трошоците за обештетување може да се намалат неколкукратно, што ќе ги направи големите проекти лесни на дофат. Другата опција во прилог на обештетувањето е трампа или замена на парцели – градот урбанизира простор на државно земјиште со атрактивни парцели за изградба, истите ги нуди во замена за земјиште од јавен интерес.

 

Анализа низ пример на парцели и нивна можна реорганизација на база на сопственичка структура / Прочитајте повеќе во четивото како градот треба да биде менаџер на сопственото земјиште >>>

 

 

5. ЦЕНТРАЛИЗИРАЊЕ НА УРБАНИЗМОТ ВО СКОПЈЕ

Градот повеќе не смее да функционира без визија, без можност за вистинско менаџирање. Сопката во оваа желба за подобро планирање е поделбата на власта помеѓу градот и општините. Градот изработува ГУП, општините работат ДУП. Покрај лошата поделба на општинските граници кои често немаат логика ( Скопската чаршија е дел од Чаир поради етнички интереси), ингеренциите над дуповите останаа зад затворени врати, нарачани небаре купувате тоалетна хартија, презентирани на јавни анкети во време на летни одмори итн. Еден систем кој не ветува град, ветува енклави и безредие. Затоа ние сметаме дека урбанизмот треба да е одземен од општините, истиот да биде централизиран и под ингеренции на градот, класичната форма на скопските општини да биде укината и само во форма на локална административна форма на услуги. Тоа значи слевање на цел буџет во градот и овозможување на рамномерен развој на Скопје. Некои од оштините веќе губат простор за градба, што значи дека најголемиот прилив на средства ќе биде загубен. Притисокот на овие општини од комуналии е вовед во урбанистички хаос. Затоа кога Градот би функционирал на едно ниво, притисокот за градба ќе се префрли кон север, каде градот треба да ја дефинира сопствената граница и има изобилие на простор за ширење, воедно ќе менаџира соодветно на целиот простор.

 

6. КОНКУРСОТ КАКО ПРВА АЛАТКА ВО УРБАНИЗМОТ

Повеќе не смеат деталните планови да бидат предмет на тендерска постапка. На плановите треба да им претходи визија, тоа значи распис на конкурс за идејна визија, а потоа на база на истата, може доработката во план да оди на тендер. Таквиот ангажман е повеќе технички отколку визионерски, а веќе ќе биде дефиниран концептот преку јавен повик. Поинаков концепт на јавна изложеност и натпревар не постои. Планови разработени зад затворени врати, под диригентство на градоначалник во ваква форма како што постои тековно, не смее да биде предмет на размислување. Јавно изложување на целиот процес од самиот почеток.

 

ГУП Скопје 2012 – 2022

 

7. ПРВО МЕЃУНАРОДЕН КОНКУРС ЗА ВИЗИЈА ЗА СКОПЈЕ , ПОТОА ГУП

Гупот кој доцни веќе со години е основната алатка која треба да го насочи градот кон одреден развој. Безброј пати повторената ВИЗИЈА, недостасува од истите причини. ГУПот е разработен зад затворени врати кој дефинира полиња и потези кои потоа општините си ги доработуваат во ДУП, не постои јавен повик, конкурс, дебати – ништо. Тоа што се презентира како јавна дебата е минимум и недоволно!

Скопје го преживува Скопје 2014 и транзицискиот урбанизам и има потреба од натпревар на решенија. Скопје по 1963 година, заслужува меѓународен повик за архитектонско урбанистичка визија. Дури потоа ГУП!

 

8. СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД

Давењето во отпад, доживувањето на крахот со истиот, еко- проблемите и сите предизвици од оваа тематика се невозможни без селекција на отпадот на ниво на цел град. Тоа значи соодветни корпи во индивидуалните и колективните домаќинства, општествените и јавни објекти, деловните и административните. Таа селекција мора да опфати и негово депонирање но и пред се негово понатамошно екплоатирање преку рециклирање, поризводство на енергија и слични преработки за отпад.  За овие нови корпи, контејнери и концепти, потребно е соодветно интегрирање во поглед на урбанизмот. Денес се соочуваме со контејнери на сред велосипедски патеки, на тротоари каде не можете да ги заобиколите и сл. просторни неозбилности.

 

Регионална фабрика за селекција и преработка на отпад во Љубљана – Словенија

 

Друг проблем на јавната чистота е немањето на јасен план на микро ниво и менаџирање на истото. Еден камион, одредена бројка на работници и механизација, треба да биде во фукнција на микро зони. Тие работници, тие возила се користат само за таа микро зона, дали ќе е блок, населба или поголеми опфати. Така полесно ќе се прават плановите за оддржување и овие простори ќе имаат свои домаќини и одговорни.

 

9.  ВОДНО со посебен статус

Парк шумата Водно е најголемата зелена површина под ингеренции на градот. Скопје е привилигиран град, од чиј центар на 1.5 km воздушна линија започнува планинскиот масив кој надминува 1000 мнв. Водно и Скопје се едно и затоа треба неговото менаџирање да биде во приоритетите од секаков аспект. Водно е рекреативна зона, простор за спортски активности, прошетки, Водно е туристички потенцијал но и простор за забава.

 

 

Затоа Водно мора да добие посебна структура на управување и план за негово менаџирање. Водно треба да добие свој простор како засебна установа под градот. Водно поседува планинарски патеки, шума, видиковци, летниковци, жичара, планинарски дом, милениумски крст, телекомуникациска кула, македонско село, Водно го поседува Св. Пантелејмон – црквата предвесник на ренесансата, поседува археологија и неискористен потенцијал во средновековната тврдина – Марково Круфче ( Чрнче).

 

Реконструкција на Чрнче според Заводот за заштита на споменици

 

Доколку постои посебен статус на управување- Водно ќе може поинаку да се чисти и одржува, да се менаџира, да поседува спасувачка екипа, постојано присуство на безбедносни структури, туристички welcome центар, водичи итн. Изнајмување на велосипеди во подножјето, реконструирана тврдина со музеј на хералдика и вексикологија, одбележани патеки, сместувачки капацитети, адреналински паркови, кампинг простор и што ли уште не!

Детското одморалиште на Водно

Остатоци од потпорни ѕидови, можеби омеѓници и чешма со реупотребени археолошки елементи

 

Водно заслужува одделно менаџирање на ниво на развиен национален парк со сите „салтанати“.

 

10. ЕЗЕРО ТРЕСКА, ПЛАЈА ВИСТА, ЛИЗГАЛИШТЕ, КЕЈ НА ВАРДАР итн.

Скопје поседува спортско рекреативни зони кои се пропаднати и девастирани. Нивното воскреснување треба да биде приоритет.

Езерото Треска е тема која ја отворавме повеќепати. Неговото менаџирање и планирање мора да биде на градско ниво и најитно треба да се превземе нешто околу неговата ревитализација.

 

Езеро Треска – Скопје / Пелагонијапроект, 1978

Некогашниот простор на познатиот комплекс ПЛАЈА ВИСТА, вклучително и лизгалиштето, во непосредна близина на центарот на градот, заслужува сериозно посветување и разврска. Тоа започнува од сопственичката структура, урбанистичките планови и секако – визијата за менаџирање. Оваа спортска зона, не смее да остане одделена и загубена во идејата за повторно рушење и изградба на станбени објекти во прилог на приватните инвеститори. За овој простор потребен е сериозен ангажман на градските власти, кои до центарот на градот оставија грда слика.

 

Архивски фотографии од лизгалиштето и комплексот со базени

 

Кејот на Вардар е најдолгата оска која минува низ градот. Регулираниот кеј од Хром до Ново Лисиче изнесува приближно 11 км, што двострано изнесува потег од 22 км рекреативна патека за велосипед, ролери, трчање, спортување. Треба да се размисли хортикултурното уредување и поврзување, како и иницијативата за негово облагородување со дрвореди кои ќе овозможат пријатни прошетки во летните денови, ќе го намалат влијанието на летното сонце врз тревниците и ќе создадат попријатни микро климатски услови. На почетната и последната точка, постои потенцијал на поврзување преку полукружни пешачки мостови, како оваа патека континуирано би се поврзала создавајќи силен идентитески архитектонски печат.

 

Кејот на Вардар – озеленување

 

11. ЈАВЕН ГРАДСКИ ПРЕВОЗ

Скопје пред 4 години доби прва сериозна можност да инвестира во развој на градскиот јавен превоз преку проектот на BRT. За жал тогашниот градоначалник Шилегов, не одигра соодветно во делот на неговата сериозна презентација преку сите 8 варијанти пред стручната јавност, не отвори поширока дебата и најкруциалното – не го започна неговото реализирање поради идејата дека незапочнатиот проект ќе биде адут за реизбор.

 

БРЗИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ

Овој проект во моментов е најбрз и најекономичен за реализација, кој што може да го подигне градот на едно поинакво ниво во поглед на јавниот превоз. Но тој како таков не е доволен сам по себе да ги реши сите проблеми. Треба да се доразмисли, отвори пред јавноста, да се увидат одредени спорни точки и секако негова доработка во контекст на планирање во иднина на нови линии и екстензија. За среќа проектот се појавува и во програмата на некои од кандидатите.

 

Линии на автобуското метро и градската железница ( возможна варијанта)

 

Покрај автобуското метро, за Скопје се говори за враќање на градскиот воз, но се спомнува единствено постојната железничка инфраструктура. Идејата за градски воз е добра, но за да добие полн ефект потребно е да се формира прстен, кој без јужната екстензија долж Јужниот Булевар не е возможен. Оваа траса, овозможува дооформување на прстенот преку мостовско решение налик на монореил, што ќе го спаси просторот од узурпација, ослободувајќи го за тековните функции, додека истовремено го покрива потегот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“  со јавен превоз, кој не е дел од трасата на линија 1 од BRT, која се води долж „Партизански Одреди“.

 

AI анализа на визуелни можности – Градски воз (јужна траса) на бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“

 

Ваквото решение во контекст на Железничката Станица во Скопје како главен транспортен центар ја дефинира обликовната приказна на столбови. Скопје нема логика да размислува ниту на трамвај, ниту на подземно метро, од никаков аспект, затоа БРТ системот, во комбинација со Градскиот Воз и автобуските линии може сериозно да го редефинира јавниот превоз во иднина, преку планирање на нови траси и екстензии како онаа која се предвидува до меѓународниот аеродром.

 

12. КОНКУРС ЗА ПРОЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ГРАД НА КУЛТУРАТА 2028

Проектот Скопје град на културата за 2028 година е помпезно најавен со милион нејаснотии околу истиот од почетокот на кандидатурата па се до изборот и особено периодот после тоа. Ваква сериозна титула, потегнува многу прашања од аспект на доделени средства, отвореност за пошироката културна јавност, натпревар на идеи и траен бенефит во поглед на инфраструктурата. Затоа задолжително по изборот на градоначалник на град Скопје, темата Скопје град на културата за 2028 година потребно е јавно да ја отвори по овие точки. Веднаш потоа да се организира јавен повик за проекти, кои може да допринесат кон програмата за која ни остануваат само 2 години да се подготвиме. Скопје има потенцијал, неговите граѓани имаат идеи, потребно е конечно локалната власт да има луѓе кои може да ги препознаат! Во одредени кругови се шпекулираше за сума од 40 000 000 евра кои би ги добил градот за реализација на програмата. Што од ова е вистина, потребно е да се обелодени.

 

 

13. НОЌЕН И КУЛТУРЕН ЖИВОТ

Последниот предлог кон серијата го отвора прашањето за ноќниот и културниот живот во градот.

Во Скопје, карта за театар се чека и по неколку месеци, штом се пуштат во продажба истите се продаваат во рок од еден час, што значи театарот е во подем. Градот е подготвен за формирање на уште една ваква установа.

Во Скопје, дали се случува концерт на домашни изведувачи или на странски, дали се работи за standup или друга форма, спортските сали се распродадени. Тука говориме за бројки меѓу 5 и 10 000 посетители. Тоа значи на Скопје му недостасуваат повеќе просторни можности, каде Универзална сала е само еден сегмент. На градот му недостасува и Голема концертна сала со капацитет меѓу 3 и 4 000 гледачи, му недостасува простор за концерти налик некогашната Метрополис Арена во состав на Скопскиот саем, Конгрес Центар, му недостасуваат голем број на отворени културни сцени како тие во парк, како некогаш на скопската тврдина, или нешто налик на предложената реконструкција на античкиот театар во Скупи.

Скопје не може да ги прими младите во своите дискотеки кои веќе се бројат на прсти. Задолжително е потребно урбанистичко планирање кое ќе овозможи забава од овој карактер во градските средини но и на периферијата со обезбеден јавен превоз. Постојат многу индустриски сали и хали кои се одлични за пренамена во ваква функција.

 

 

На Скопје му недостасува МКЦ како што го паметиме од пред некоја година, со повеќе настани и изложби од денови во годината.

На Скопје му недостасуваат кино салите низ целиот град.

На Скопје му е потребна сериозна субвенција во полето на ноќниот живот, како од организација на фестивали на отворено и затворено, така и во стимулација на помалите места во форма на буџет за гостување на диџеи, групи и изведувачи од дома и странство, со што ќе се потикне музичкиот сектор.

На Скопје му недостасува Сала на Танец, каде ќе има редовни концерти за странските гости кои ќе може да уживаат во звукот и играта во ритамот на македонската традиција. Со редовна програма и пристојна сала со придружна галерија и музејска поставка на носии и народни инструменти.

На Скопје му недостасува музеј на македонската музика, каде ќе можат да се документираат и прикажуваат сите стилски форми од минатото до денес.

На Скопје му недостасува промена на законот за работа на локалите. Треба да се дозволи најмалку до 1 часот во зимскиот период и до 2 часот во летниот период. Секако под одредени услови и правила. Се соочуваме со наплив на туристи кои немаат каде да ја продолжат забавата или едноотавно таа прерано завршува.

 

 

Скопје има голем потенцијал, на кој треба заеднички да работиме за да го извадиме максимумот пред се за себе!