Григориј Самојлов / 1904 – 1989

Во периодот на интензивниот развој на старото Скопје, под капата на Кралството Југославија, многу архитекти, посакувале да остават свој белег на територијата на Македонија. Дел од нив бил и архитектот Григориј Иванович Самојлов, дел од емигрантскиот бран на Руси во Југославија, кој покажал истрајност со различни проектни апликации за неколку јавни конкурси на територијата на Македонија. Како архитект кој делува меѓу две епохи – Кралството Југославија и СФРЈ – Самојлов покажал умешност за адаптација кон идеолошката догма и личниот архитектонски стил. Неговите предлог-проекти го следат стилскиот преод од нео-византискиот стил до социјалистичкиот реализам. Иако Самојлов дал значаен придонес во обликувањето на белградската архитектура, неговото архитектонско присуство во Македонија се задржало исклучиво на ниво на скици.

 

Григориј Иванович Самојлов 1904 – 1989

 

Григориј Иванович Самојлов, роден во 1904 година во Русија, на седумнаесетгодишна возраст се приклучува кон емигрантскиот бран на белите Руси во Кралството Југославија. Во Белград се запишува на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет, каде што дипломира во 1930 година.

По завршувањето на студиите, Самојлов ја гради својата професионална кариера во Белград, но и пошироко на територијата на Србија. Иако во Македонија не оставил реализирани објекти, во рамкитена оваа објава ќе бидат разгледани три негови проектни апликации, кои нè упатуваат кон пошироко разбирање на архитектонските тенденции и идеолошките влијанија врз архитектурата на едно време.

 

Скица од проектот за железничка станица во Скопје, 1931 (АI интензивирана и оригинал) / извор: Милан Просен

 

Проект за железничката во Скопје – 1931

Политичките промени во Кралството на СХС резултирале со воспоставување на нова политичка диктатура и наметнување на југословенскиот идентитет, што се манифестирало и преку преименувањето во Кралство Југославија, како и преку неговото влијание врз архитектурата. Периодот се поклопува со јавниот повик за креирање на нова железничка станица во Скопје (1931), со услов за истакнување на „југословенскиот карактер“.

Самојлов одлучува да аплицира на проектот, без притоа да има јасна дефиниција што претставува принципот на југословенски карактер во архитектурата, но се потпира на неовизантискиот стил. Неговиот предлог-проект може да се разбере како компромис помеѓу конкурсното барање за „југословенска архитектура“ и модернистичките принципи што во тој период сè посилно доминирале во европската архитектура.

 

Скица од порта на железничката станица, 1931/ извор: Милан Просен

 

Зградата е лонгитудинален троспратен волумен, рашчленет со неовизантиски аркади во приземјето, додека повисоките катови се карактеризираат со бифори и трифори, што е инспирирано од средновековните цркви.  Дополнително, двата масивни „триумфални“ порти со силни архиволти ја нагласуваат димензијата на монументализмот

Проектот на Самојлов бил позитивно оценет од критичарите, кој го опишале како решение во модернизираниот српско-византиски стил, инспирирано од средновековните споменици на територијата на Македонија, но со поедноставен и модернизирано изразен облик. Во согласност со намената на објектот, Самојлов ја нагласил монументалноста на формите на проектуваната станица.

 

Слика 1. Победничкиот дизајн на старата железничка и Слика 2. Друг проект за железничкта со строго нео-византиски карактер од непознат архитект (оргинал и Ai интензивирана слика) / извор: Политика

 

И покрај тоа што неговиот проект не бил избран меѓу најдобрите, сепак можеме да согледаме дека бил сроден со други предлози, како и дека победничкиот проект за старата железничка станица во Скопје имал слични примеси на спој помеѓу монументалниот академизам и неовизантискиот стил.

 

Проекти за пошти во Скопје и Охрид – 1946-1947

Во периодот по Втората светска војна, архитектите се соочиле со ограничени средства, политички притисок и недефинирана теорија, што довело до мешање на различни стилови како модернизам, арт деко, академизам, фолклоризам и национален стил.

Новата Федеративна Југославија го поттикнувала социјалистичкиот реализам со цел создавање симбол на новото социјалистичко уредување по зближувањето со СССР во 1945 година. Соцреализмот се одликувал со нагласен реализам и со славење на хероите на војната, партијата и нејзините водачи. Токму во тој период, во 1947 година во Скопје, имало јавен конкурс за Пошта II, каде проектната апликација на Самојлов претставува еден од најрепрезентативните примери за материјализација на правецот на социјалистички реализам.

 

Скица од портата на предлог поштата, 1947 / извор: Милан Просен

 

Од достапната документација поседуваме само скица од планот за влезот на поштата. Од неа може да се согледа како главниот влез е поставен под монументален профилиран лак, типичен за предвоениот неовизантиски стил. Дополнително, широкиот влез и светларникот во архиволтата се украсени со ковано-железна решетка во духот на академистичкиот декоративизам, на која е аплициран грбот на ФНРЈ.

Вистинскиот социјалистички дух се гледа во украсите околу влезот. Од двете страни на портата стојат големи релјефи во природна големина со ликови на хероите на војната и трудот. Поточно, прикажани се работници, ковачи, жетвари/ки  и војници, кои ја пренесуваат пораката за народниот труд, еднаквоста и напредокот на слободната ФНРЈ.

 

Скица за поштата во Охрид (АI интензивирана и оригинал) / извор: Милан Просен

 

Од истиот период можеме да го анализираме и проектот за поштата во Охрид од 1946 година, кој претставува добар пример за спојот на фолклоризмот и националната архитектура со цел приближување на архитектурата до народните маси. Овој објект ја изразува потребата на новата архитектура да се вклопи во амбиентот и да го продолжи оживувањето на фолклористичкото наследство, развиено во предвоениот период. Структурата на поштата е налик на градските куќи во Охрид.

Истовремено, овој и други проекти од периодот покажуваат дека, и покрај перцепцијата за доминација на соцреализмот, како стилски правец, идеолошкото влијание не продрело длабоко во архитектонската практика, бидејќи финалните реализации најчесто биле изведувани во духот на конструктивизмот и модернистичкиот функционализам. Со заладување на односите со СССР и периодот на Информбирото, СФРЈ целосно го напушта правецот на соцреализмот.

 

Слики од скици на Самојлов со соцреалиситчки карактер / извор: Милан Просен

 

Творење во Белград и Србија

Самојлов во Белград и пошироко во Србија творел со поголема уметничка слобода, при што можат да се сретнат градби изведени во духот на академизмот, неовизантискиот стил, модернизмот и арт деко. Се истакнал не само со своето мајсторство во проектирањето различни типови градби , од монументални јавни објекти до цркви и семејни куќи, туку и како автор на некои од најубавите ентериери во белградските палати од овој период.

 

Слика 1. Палатата на пензискиот фонд 1938 / извор: 011 Инфо и Слика 2. Нишава палата 1936  / извор: нишке вести

 

Палатата „Нишава“ во Ниш, изградена во 1936 година, претставува пример на модернистичка концепција со умерен декоративистички пристап. „Нишава“ е првата зграда со вградени тоалети во становите, а бројните елементи на фасадата ја направиле еден од најрепрезентативните претставници на нишката модерна архитектура меѓу двете светски војни.

Најзначајниот објект на Григориј Самојлов во периодот меѓу двете светски војни, а можеби и препознатлив белег на неговиот целокупен опус, е Палатата на пензискиот фонд, изградена во 1938 година. Таа ги сумира стилските недоумици карактеристични за крајот на предвоениот период, во моментот на слабеење на доминацијата на националниот стил и академизмот, стабилизацијата и прифаќањето на умерениот модернистички правец, како и продорот на елементи на арт деко архитектурата и новиот монументализам.

 

 

Пост соцреализам

Во текот на 1960-тите и 1970-тите години, покрај креирањето на градби како Југобанка во Белград, Самојлов реализирал бројни реновирања и проекти за внатрешен дизајн. Неговото најзначајно дело во оваа област е реконструкцијата на хотелот Москва, каде ентериерот бил редизајниран и модернизиран со руски мотиви.

Неговиот последен проект бил редизајн на ентериер кој своевремено самиот го проектирал, киното „Белград“, во театарот на Теразија (палатата на Пензискиот фонд).

Самојлов починал во 1989 година.

 

 

Проектните скици на Григориј Самојлов претставуваат уникатен увид во можниот архитектонски правец во кој би се развивало Скопје доколку идеолошката догма останела истрајна. Самојлов сведочи за способноста на архитектите да се адаптираат на стилските промени, без притоа да го изгубат својот стилистички идентитет.

 

 

Објавата ја подготви: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ)

Извор:
Просен, М. (2009), O Соцреализму у архитектури и његовој појави у Србији, Наслеђе VIII, Београд 2007, 95-118.

The participation of Russian Аrchitects and Sculptors in making Art Deco architecture in Serbia, Зборник научне конференције „Актуальные проблемы теории и истории искусства”,(Универзитет Ломоносов и Државни Универзитет у Санкт Петерсбургу), Санкт Петерсбург 2016, 624-634.

Неовизантијски елементи у стваралаштву архитекте Григорија Самојлова, зборник научног скупа Ниш и Византија IV, Ниш 2006, 443-464.

Прилог познавању београдског опуса Григорија И. Самојлова, Наслеђе III, Београд, 2001, 89-104.

Википедија