Безистен, Штип / XVI-XVII век
14.03.2026 • XVI - XIX век
Период: Оригинална градба – XVI – XVII век
Локација: Штип
Во историското јадро на Штип се наоѓа еден од најзначајните објекти од османлискиот период – Штипскиот безистен. Овој монументален трговски објект претставува важен пример на покриена исламска архитектура која во минатото била центар на економскиот живот на градот. Безистените биле специјализирани трговски објекти во кои се продавале вредни стоки, а нивната архитектура била прилагодена за безбедност, контрола и складирање на скапи производи. Во близина се развиле бројни занаетчиски дуќани и работилници, со што се формирала градската чаршија.


Безистенот се наоѓа во центарот на градот, на десниот брег на реката Отиња. Според општиот изглед на безистенот, неговите архитектонски и просторно урбанистички вредности, тој претставува објект од посебен интерес. Особено се истакнува начинот на кој се изведени куполите, при што, преминот од правоаголна во кружна основа, упатува на изворите на исламска архитектура во XVI-XVII век. Служел како главна чаршија за продажба на ткаенини и други скапоцености. Има правоаголна основа и два влеза, еден на источната страна и еден на западната страна.
Внатрешноста на објектот ја сочинуваат три дела раздвоени со по еден столб на кој се ослонуваат по два лаци, на тој начин формирајќи единствен простор со скалдни пропорции. Централниот дел е со купола носена на тромпи, додека страничните се со манастирски сводови. Сите внатрешни ѕидови се разиграни со ниши кои служеле за поставување на ткаенините. Неговата внатрешност е осветлена преку повеќе отвори, прозорци што се наоѓаат на куполите.

Конструктивниот систем на објектот е масивен, со два надолжни и два попречни ѕида со дебелина од 1,72 м, олеснети со ниши кои завршуваат со прекршен лак, длабоки 0,76 м и широки 1,5 м. Во основа, надворешните димензии на објектот се 39,96 × 14,12 м и тој е решен подолжно како единствен простор поделен на три дела. Влезовите се поставени од источната и западната страна, подолжно, додека накнадно пробиената врата од јужната страна е повторно созидана. Над влезните врати изведени се сегментни лакови од прецизно обработен камен – песочник и базалт.
Објектот е граден со обработен камен од внатрешната страна, а од надворешната страна со обработен камен (песочник) се градени само ќошињата, венците и партиите околу влезовите. Ѕидните платна се изведени од приделкан и кршен камен. Бочните тамбури (лажни однадвор) се изведени со венци од тула – во вид на запчест венец.
Носивата конструкција на кровот се состои од купола изведена над средниот простор и два крстасти свода над крајните простори. Висината на куполата е поголема од висината на крстастите сводови, кои во надолжен пресек се потпираат на два камени лака со распон од 5,0 м и ја носат тежината на надѕидокот, како и по една четвртина од товарот на крстестиот свод и куполата.
Куполата над централниот дел е прифатена со тромпи, ѕидана е со печени тули со варов малтер, со централен агол од 180°, внатрешен радиус 4,4 м и дебелина од 0,5 м. Пред обавувањето на првите конзерваторски работи (1961–1964), Безистенот бил покриен со камени плочи и делумно со ќерамида.
Објектот е граден од камен и при обработката на фасадата иако не се употребени декоративни елементи, тој со своите едноставни форми делува монументално.
Со исчезнувањето на ориенталниот начин на тргување, се менува неговата намена. Кон крајот на 18 и почетокот на 19 век безистенот служел како затвор, потоа како магацин и како п родавница за прехрамнбени продукти. За време на австро-турската војна безистенот бил запачен.
Безитенот пленува со чистотата на архитектонските форми. По извршената адаптација, неговата внатрешност денес се користи како уметничка галерија, функционира како галериски и културен простор, каде се одржуваат изложби и културни настани. Тој се наоѓа на листата на заштитени културни добра во Штип, заедно со други историски објекти.


Користени извори:
Публикација „Македонско културно наследство: Османлиски споменици“ – М-р Зоран Павлов, Радмила Петкова
Завод и музеј, Штип
Википедиа
Насловна фотографија: Завод и музеј, Штип
Автор на статија: Martina Shteriova









