Како балканските градови создаваат илузија за прогрес преку градежна офанзива
Градежната офанзива што во изминатата деценија ги зафати Скопје, Белград и Тирана темелно ги преобликува урбаните јадра, барем на површина. Но, додека овие земји се соочуваат со масовен одлив на население, ниту една не се соочува со недостиг од градежни дозволи. Зад новите фасади и висококатници останува едно непријатно прашање: за кого всушност се гради?
Овие три града не се карактеризираат само со приватни инвестиции во градежништвото, туку и со бројни договори зад затворени врати за користење јавни средства и јавен простор за изградба на грандиозни објекти под превезот на прогрес. Ова не се случува првпат во историјата на градежниот развој и има своја дефиниција како едифис комплекс.
Културниот центар (десно), Палата „Кокос“ (центар) и Саемот (лево) / Извор: Википедија
Едифис комплекс
Поимот „едифис комплекс“ првпат се користи за да ја опише градежната експанзија на јавни установи на Филипините, предводена од тогашниот претседател Фердинанд Маркос. Тој, заедно со првата дама, со државни средства и заеми започнал изградба на низа јавни институции со импозантен и монументалистички карактер, со цел да создаде илузија на прогрес.
Во периодот од 1970 до 1981 година биле изградени културни установи, болници, мостови, палати, хотели, авионски писти и други објекти. Поради мегаломанските инфраструктурни и градежни проекти, државниот долг се зголемил повеќекратно, што ја довело земјата во сериозна економска криза. Оваа криза подоцна придонела за политичка нестабилност и револуција, со која политичката династија на Фердинанд Маркос била симната од власт.
Како и во нашите локални примери, и покрај големото задолжување за изградба на овие објекти, државата најскапо го плаќа нивното одржување. Често, централните и локалните власти ја занемаруваат одржливоста на инфраструктурата и, наместо тоа, се насочуваат кон нови градежни експанзии.
Новиот излед на главните градови / Извор: Википедија и Бирн
Регионални примери на Едифис комплекс
Западниот Балкан, како плодно тло за корупција и слаба регулација, се соочува со масовен градежен развој, поттикнат од странски инвестиции, кредити и самоиницијативни архитектонски „ребрендирања“. Масовната трансформација на балканските градови како Белград и Тирана создава впечаток на забрзан развој.
Од една страна, тука се проектите како „Белград на вода“ и ЕКСПО 2027, кои му даваат ултрамодерен изглед на градот преку нови зелени површини и импозантни објекти. Од друга страна, Тирана се истакнува со изградба на впечатливи облакодери, кои придонесуваат кон перцепцијата за градот како современа светска метропола. Сепак, Скопје го задржува приматот на Балканот по интензитетот на оваа трансформација, насочена кон создавање илузија за економски и социјален прогрес.
Сите овие проекти, често предводени од лидери склони кон авторитарни практики, ја злоупотребуваат архитектурата и урбанистичкото планирање со цел да создадат илузија на прогрес. Додека туристите можеби се импресионирани од „барокното“ Скопје, модерните зелени населби во Белград и висококатниците во Тирана со меѓународен имиџ, граѓаните се соочуваат со растечки цени на становите, ограничен пристап до домување и деградација на јавниот простор.
Инсталација на веќе посотчеки објект од проектот Скопје 2014 / Извор: Филип Коневски
Скопје
Проектот „Скопје 2014“ е олицетворение на авторитарните амбиции за обликување на архитектурата на градот и, преку тоа, создавање имиџ на прогрес. Од перспектива на авторитарните лидери, „Скопје 2014“ делумно ја постигна својата цел за масивно ребрендирање и промена на изгледот на централното градско подрачје.
Режимот го реализираше проектот не само преку антиквизација на фасадите и споменците, туку и како средство за авторитарна консолидација и ограничување на демократските процеси во државата. Процесот на насилно одземање на јавните површини вклучуваше повеќе институции, поткопување на воспоставените процедури, создавање широка неформална мрежа на поддршка и заплашување на сите што се спротиставуваа.
Руинирани елементи од проектот Скопје 2014 / Извор: Balkan Insight
Денес, сличен пример може да се најде во унгарскиот кредит, делумно наменет за локални проекти, кои може да се гледаат низ призмата на популистички мерки. Иако овие средства значително ги зголемија капиталните расходи и јавните набавки на општините пред локалните избори, по нивното завршување буџетот за проектите беше намален од 250 на 149 милиони евра, без јасни јавни образложенија.
Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажува дека проектите најчесто се однесуваат на локална инфраструктура и дека во дел од општините доминираат само неколку фирми во постапките за јавни набавки.
Иако можеме да препознаеме позитивни проекти и одредена корист за локалните заедници, начинот на нивното спроведување и потребата од задолжување создаваат илузија за напредок на општините, додека всушност станува збор за прогрес финансиран преку кредити.
Локации каде има градежна офанзива / Извор: Google Maps
Неминовно е да се спомене и градежниот сектор, кој во 2025 година бележи раст од 17% и носи значителни приходи во економијата, како на централно, така и на локално ниво. Сепак, речиси 37% од становите во државата, односно над 307 илјади остануваат празни, од кои околу 60.000 се наоѓаат во Скопје.
Сепак, општините продолжуваат да издаваат дозволи за градење со цел да ги зголемат приходите во буџетите и да ги исполнат предизборните ветувања, кои без овој наплив на средства би биле тешко остварливи.
Новата главна железничка станица во Белград / Извор: Википедија
Белград
Во Белград, шаблонот на мегаломанските проекти е поинаков. Проектот „Белград на вода“, вреден 3,5 милијарди долари долж реката Сава, беше најавен како претизборно ветување на Александар Вучиќ уште пред тој да дојде на власт. Инвеститорот, Eagle Hills од Обединетите Арапски Емирати, беше избран без јавен тендер, без архитектонски конкурс и без јавна консултација.
За да овозможи изградба, владата донесе посебен закон кој ги поништува правилата за експропријација и јавни набавки, овозможувајќи приватните инвеститори да ги иселуваат жителите од нивните домови. Агенцијата за борба против корупција оцени дека постои ризик од корупција, а Транспарентност Интернешнл Србија го нарече проектот неуставен.
Градежната офанзива за Експо 2027 / Извор: Новости
Истата приказна се повторува и со ЕКСПО 2027, претставено како „скок во иднината“. Проектот е споен со нов национален стадион и инфраструктурни зафати под еден бренд, што создава конфузија околу одговорноста и трошоците. За него беше донесен уште еден посебен закон кој ги исклучува правилата за јавни набавки за работи со вредност од една милијарда евра, овозможувајќи компаниите да склучуваат договори без конкуренција. До сега, 86% од тендерите, со вредност над 330 милиони евра, беа склучени со само една понуда.
Проценките за вкупните трошоци варираат од 1 до 18 милијарди евра, додека Александар Вучиќ најави 17,8 милијарди евра, во земја со БДП од околу 100 милијарди евра , повторувајќи го рецептот на „Белград на вода“, мегаломански проекти, посебни закони и голема нетранспарентност.
Планираните висококатници во Тирана / Извор: arcfly.net
Тирана
Главниот град на Албанија, Тирана, во моментов е во процес на архитектонска трансформација, со познати архитекти и архитектонски куќи од Холандија, Италија и Белгија. Новите кули го менуваат лицето на градот и му даваат изглед на европска метропола. Додека во Скопје и Белград многу проекти се спроведуваат преку договори зад затворени врати, Тирана успешно ја одржува илузијата за прогрес преку отворени јавни конкурси.
Помeѓу 2015 и 2024 година, во Тирана се издадени градежни дозволи за речиси 11,5 милиони квадратни метри, што е непропорционално за град чија популација расте за само 3.300 луѓе годишно. Слично на Скопје, до 2024 година се проценува дека еден од три станови во Албанија е празен, односно повеќе од 100.000 единици остануваат непополнети.
Од една страна, може да се препознае уметничката вредност и начините на кои националното богатство и културното наследство се преточуваат во современ дизајн и градски идентитет. Но, реалноста во која живеат граѓаните на Тирана е сосема поинаква.
Новите градежни зони во Тирана / Извор: New Eastern Europe
Извештај од 2024 година на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал покажа дека повеќе од 67% од компаниите за изградба на високи згради во Тирана немале банкарски кредити ниту проверен финансиски капацитет. Истражување на Фондацијата „Фридрих Еберт“ процени дека корупцијата и даночното избегнување во градежниот сектор во Албанија генерирале над 8 милијарди евра илегални приходи помеѓу 2015 и 2024 година.
За разлика од претходните два примери, поранешниот градоначалник на Тирана моментално е во затвор по обвиненија за корупција и перење пари.
Ашкабат, Туркменистан, познат по својата авторитарна мегаломанска архитектура / Извор: Википедија
Додека балканските градови се полнат со грандиозни објекти и проекти, државите се празнат од луѓе. Илјадниците неосветлени прозорци во новите згради низ регионот се најсилен доказ дека овие проекти не се градени за потребите на граѓаните, туку служат како симбол на локалните моќници. Прогресот што се мери во кубни метри бетон, додека институциите се распаѓаат, не е вистински развој, тоа е само скап споменик на авторитарното его.
Објавата ја подготви: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ)
Извор:
- Истражување за инфраструктурните проекти во општините од владината програма за децентрализација: „Инјекција“ од 112 милиони евра од Владата за општините во годината на локалните избори , Центар за граѓански комуникации , 2026
- Trpkovski, G., Dragojlo, S., Bami, X., & Sinoruka, F. (2023, September 29). Concrete and cash: The dirty money behind a Balkan building boom. BIRN. Belgrade, Pristina, Skopje, Tirana
- Staletović B. Captured City: Authoritarianism, Urban Space and Project Skopje 2014. Nationalities Papers. 2024;52(2):360-379. doi:10.1017/nps.2022.98
- Transparency International. (2020). Belgrade Waterfront – Tailor‑made laws in the Western Balkans and Turkey. Retrieved from Transparency International website
- Transparency Serbia. (2025). No public procurement for EXPO 2027 project. Transparency Serbia.
- Caruso, F., & Barca, F. (2026, March 11). Empty towers: Inside Tirana’s mad construction boom. New Eastern Europe.
- Afinidad‑Bernardo, D. R. M. (2017). Edifice complex | 31 years of amnesia: Building spree. Philstar NewsLab
Автор на статија: Sorabotnik
Белград / Белград на вода / Висококатници / корупција / Скопје / Скопје 2014 / Тирана / Урбанизам














