Цвеќето на слободата, Гевгелија / Грабул, 1969

Во текот на 60тите години, Федеративна Југославија прави големи напори да создаде една југословенска нација од своите конститутивни народи со визија дека во иднина оваа југословенска нација ќе го предводи Движењето на неврзаните. Водечката идеја која во тоа време ја насочува федерацијата да ја оствари оваа визија е партизанскиот принцип на братство и единство. Наеднаш, во огромни размери низ федерацијата, овој принцип се материјализира преку изработка на споменици кои ја комеморираат борбата за слобода во втората светска војна, но и поодамнешни идеали за ослободување од турската империја. Во ова време бројни уметници низ републиките изработуваат скулптури од значајни борци и просветители, но исто така и апстраткни скулптури со симболичко значење; a освен тоа што овие уметнички дела пренесуваат одредена идеологија, тие се поставени на уредени јавни површини кадешто луѓето слободно можат се собираат и општат.

 

За време на изградбата на овие споменици и промоцијата на принципот на братство и единство, многу други споменици на културата биле занемарени, како на пример оние од Отоманската историја. Како лоша карма, истото ќе ги снајде и самите југословенски споменици по распадот на Југославија. За да се објасни овој циклус на постојана девалуација на еден тип споменици за да се промовира друг тип споменици, ќе се осврнеме на еден од заборавените дела на Јордан Грабул – Цветот на слободата.

 

Концепт предлог на Грабул за споменикот. spomenikdatabase

 

Во чест на дваесет и пет годишнината од ослобудувањето на Гевгелија, општината го одобрува нацрт проектот на познатиот скулптор Јордан Грабул за изградба на нов меморијален комплекс. Проектот за овој комплекс предвидувал еден монументален споменик како централен елемент и три бетонски панели со мозаици кои се поставени на различни нивоа од скалите кои водат од дното на ридот до врвот каде што бил поставен споменикот. Споменикот е висок 12 метри и е направен од скелет со метални рамки опшиени со алуминиумски панели и претставува форма на расцутан цвет, додека бетонските панели претставуваат фолклорни елементи од народната традиција. Комплексот бил официјално отворен нa денот на ослободувањето на Гевгелија, 7 Ноември 1969 година.

 

Околу симболиката на самиот споменик, несомнено е дека авторот испраќа симболичка порака со претстава на флорални елементи и цвеќиња, а таа порака е тесно врзана со времето и секојдневието на народот. Претставата на расцутано цвеќе може да има дуалистичко значење кое генерално го симболизира циклусот на животот – смртта и повторното раѓање. Пред самиот споменик била поставена и една бетонска плоча која ја дополнува симболичката порака на авторот:

“За слободата своја

Со години и векови

се борел.

Со години и векови

пот и крв леел.”

 

Бетонската плоча со натпис. spomenikdatabase

 

Уметничкиот критичар Борис Петковски во еден негов осврт на работата на Јордан Грабул и на еден комплексен начин ќе го опише симболичкото значење на овој споменик:

“Во своите последни споменички проекти и реализации (по 1967 година), уметникот (Грабул) настојува да постигне поцелосна естетска, содржинска и формална изедначеност на функциите на елементите во пластично единство на еден објект, користејќи го кодексот на “знаци-форми” со чија помош сака да толкува некоја предложена тема.

Така, во споменикот на Слободата кај Гевгелија (завршен во 1969 година), во составот од материјални структури произлезени од органскиот и неорганскиот репертоар на форми: растителни, декоративни, фолклорни, измешани со механистичко-технички конципирани пластички детали, праќа сложена симболична порака. Таа не изразува една одредена тема, туку некоја асоцијативна, алузивно-метафорична порака, која е надополнета со специфична материјална монументалност и емоционална изразеност.”

 

Споменикот кратко по отворањето на комплексот. spomenikdatabase

 

Споменикот оригинално бил поставен на Вардарски рид на влезот во Гевгелија. Пристапот до споменикот бил овозможен со серија на бетонски скали кои каскадно се издигаат од дното на ридот до неговиот врв. Бетонските панели со мозаици биле поставени паралелно во линија со скалите. Качувајќи се по скалите, првиот мозаик претставува неколку млади човечки фигури од кои еден држи книга а друг свиток, позади нив се познава фигура на мудрец над кој пишува писмо словенско (на места интерпретиран како мозаик на слободниот македонски народ); вториот мозаик исто така претставува неколку човечки фигури во нејасен сплет, а во еден агол е испишана годината 1903, алудирајќи на Илинденското востание; третиот мозаик претставува неколку човечки фигури од кои две позираат со пушки во рацете додека позади нив се вее знаме со петокрака, алудирајќи на партизанските одреди кои извојувале победа на овие простори во Втората светска војна.

 

 

 

Вардарски рид е исто така археолошки локалитет кој се поистоветува со античкиот град Гортинија спомнат во пишани извори од антиката. Систематски археолошки истражувања на овој локалитет започнуваат во 1995 година и траат до 2002 година кога локалитетот се прогласува за културно наследство на Македонија. Во меѓувреме, во раната 2000та година, државата одлучува да го продолжи меѓународниот пат Е-75 чија траса била предвидена да поминува на околу стотина метри од споменикот при што дел од источната падина на ридот морала да се отсече за да се изгради патот. Тогаш е донесена одлука споменикот да се премести, па во 2003 година истиот бил однесен на соседниот Мрзенски рид, околу два километри северозападно од Вардарски рид. Она што останало на Вардарски рид е само бетонскиот столб за кој бил прицврстен скелетот на споменикот. Комплексот бил пренаменет во археолошки парк со патеки и клупи за одмор во кој биле посетителите можат да уживаат во археолошките остатоци. Монументалните скали кои воделе до споменикот излегуваат од употреба и во средишниот дел биле комплетно уништени за да се доистражи еден ново откриен антички објект.

 

По дислокацијата на споменикот на Мрзенски рид тој бил комплетно запуштен. Дел од алуминиумските панели се извадени и просторот околу него не е уреден како што бил на Вардарски рид. Не постојат патокази или било какви информациони табли за него, и пристапот до споменикот е значително отежнат. Во 2017, во непосредна близина на споменикот, е изградена и кула за комуникации. Денес, споменикот е заборавен и оставен на забот на времето. На старото место на Вардарски рид, во 2015 година, врз бетонскиот столб за кој бил прицврстен стариот споменик е изградена кула за набљудување, наводно поради истата причина за која бил поставен и стариот споменик. Овој акт на заменување на еден автентичен споменик со друг објект кој нема никаква поврзаност со комеморацијата на претходниот, претставува една огромна иронија која е сеприсутна на нашите простори. Дополнително, археолошкиот парк кој го заменува стариот југословенски комплекс е исто оставен на милост и немилост на времето. Археолошките остатоци се обвиени со густа вегетација и оставени да стојат под отворено небо без никаква заштита што значи дека по одреден период истите ќе ги снема.

 

 

 

По распадот на Југославија и осамостајувањето на Македонија политиката околу културното наследство постепено се менува. После децениско градење на едно заедничко југословенско наследство и култура, републиките се задолжуваат самите себе да почнат од почеток и да креираат еден нов идентитет. Па така, 90тите години оставаат печат во историјата на територијална балканизација на републиките и народите, но исто така и балканизација на културата и културното наследство. Постепено се создава еден феномен на авторизирано културно наследство и се прикажува само оној дел од историјата кој ќе го зацврсти националниот идентитет на еден народ додека во истиот процес се занемаруваат други, непожелни делови од историјата кои исто така го сочинуваат идентитетот на тој народ. Овој пример со Цвеќето на слободата јасно покажува на еден циклус на раѓање на една симболичка порака материјализирана во уметничко дело и нејзино постепено погребување се со цел да се изгради и прикаже една нова порака, овој пат во форма на антички остатоци, која исто така со тек на време ќе се заборави.

 

На мапата може да ја видите сегашната локација на споменикот обележана со црвен пин, а доле во десниот агол од мапата старата локација на Вардарски рид.

 

Автор: Кристијан Тошески

Сите материјали искористени за овој текст се превземени од следниот линк. Овој вебсајт е единствениот извор на информации околу овој споменик.