Фондацијата „Миленија и Дарко Марушиќ“ распиша конкурс за регионална награда во областа на станбената архитектура

Фондацијата „Миленија и Дарко Марушиќ“ (MDM) потсетува дека е распишан вториот по ред конкурс за регионалната награда која се доделува за исклучително авторско дело реализирано во областа на станбената архитектура.

Минатата година наградата за првпат беше доделена на авторските тимови: Sadar + Vuga Architects, Gregorc/Vrhovec, Studio Krištof за „Стамбена зграда Елипса“ во Љубљана, како и на авторскиот тим на студиото Dekleva Gregorič Arhitekti за „Двојна алпска куќа“ во Крањска Гора.

Наградата е наменета за проекти кои преку истражувачки пристап и општествена одговорност отвораат прашања поврзани со современото домување, ги поместуваат границите во однос на постојната практика и ги афирмираат хуманистичките вредности кои домувањето го прават нешто повеќе од функционалност – простор на општествениот живот, идентитетот и креативноста.

Наградата се доделува на архитекти-поединци или авторски тимови од областа на станбената архитектура, за најуспешното архитектонско дело реализирано во последните три години, односно во 2024, 2025 и 2026 година, заклучно со датумот на поднесување на конкурсот. Конкурсот го опфаќа просторот на поранешна Југославија: Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

Конкурсните трудови се доставуваат во електронска форма од 01.09. до 15.10.2026 година на адресата info@mdmfondacija.org, преку WeTransfer линк или преку сродни платформи за пренос на датотеки.

Наградата се доделува од фондот на основачките средства акумулирани во текот на 50-годишното занимавање со архитектура на брачниот и уметнички пар Миленија и Дарко Марушиќ. Вреднувањето и оценувањето на успешноста на пријавените трудови го врши жири во чиј состав влегуваат и претставници на добитниците на наградите од претходната година.

Состав на жирито за 2026 година:

Миленија Марушиќ, дипл. инж. арх., основач на Фондацијата и претседател на жирито
проф. д-р Владимир Кулиќ, дипл. инж. арх., историчар на архитектура / САД
проф. Васа Перовиќ, дипл. инж. арх. / Словенија
д-р Татјана Стратимировиќ, дипл. инж. арх. / Србија
проф. Алјоша Деклева, дипл. инж. арх. / Словенија
проф. Боштјан Вуга, дипл. инж. арх. / Словенија

Сите потребни информации за конкурсот и процесот на жирирање се наоѓаат во Правилникот, објавен на веб-страницата на Фондацијата.