Големо Градиште – Коњух

Топонимот градиште се сретнува често на топографски карти или во вербалната традиција на народот и обележува бројни географски локации насекаде низ државата. Во меморијата на народот овој топоним означува место во локалниот пејсаж каде што луѓето имаат случајно пронајдено остатоци од постара архитектура која не била поврзана со нивниот животен век. За археолозите, местата кои го носат овој топоним се секогаш показател дека на тоа место веројатно постои и археолошки локалитет. Еден ваков пример претставува локалитетот Големо Градиште во непосредна близина на селото Коњух во кратовскиот регион. Издолжената акропола се простира на рид кој се извишува кон југ, на север се граничи со Крива река и неговата површина изнесува околу 17 хектари. Во подножјето на овој рид, односно на северната тераса, се наоѓа истражениот дел од локалитетот каде што се откриени остатоци од архитектура која е датирана во доцноримскиот период. Овој локалитет претставува уникатен пример за град од 6 век н.е, кој се одликува со типичен доцноримски урбанизам со силно утврдување и значителен акцент на сакралната архитектура. Иако локалитетот не е идентификуван, постои теорија дека на ова место се наоѓал доцноримскиот град Транупара, кој според историските извори се наоѓал на брегот на Крива река, односно на римскиот пат кој водел кон Пауталија (Ќустендил) и Сердика (Софија).

 

 

Првите сознанија околу овој локалитет биле публикувани во 1952 од страна на Светозар Радојчиќ. Тој го посетил локалитетот за прв пат во 1938 и на терен биле воочливи остатоци од една црква, на неколку стотина метри јужно од акрополата, како и неколку остатоци од архитектонски елементи на самата акропола. Радојчиќ пишува дека црквата, подоцна наречена Ротонда, била откриена од страна на локалното население во 1919 година. Во 1970тите, Иван Микулчиќ извришил неколку рекогносцирања на акрополата. При овие рекогносцирања, на северната тераса, во кофигурацијата на теренот Микулчиќ забележал форма на базиликален објект како и колонади и столпци кои штрчеле над површината. Тој забележал дека помеѓу неговата посета и онаа на Радојчиќ локалитетот бил ископан од локалното население при што биле извадени олтарни парапетни плочи и друга камена пластика. Во неговите публикации, Микулчиќ заклучил дека градот кој бил поставен на овој локалитет бил втор административен центар на источниот дел од провинцијата Дарданија чиј главен град бил Скупи.

 

Поглед кон северната тераса на локалитетот од највисоката точка на ридот. Извор: konjuh.mk

 

Северозападно од локалитетот се наоѓа ридот К’шла каде што се наоѓа една некропола и каде што е откриена една мала црква со гробница во јужниот брод, додека на југ од локалитетот се наоѓа гореспоменатата Ротонда. Бедемите на градот се видливи на северниот дел од акрополата кој граничи со Крива река но исто така се забележуваат и околу ридот во конфигурацијата на теренот. На западната падина од ридот е откриена еднокорабна црква, додека на југ, во карпите кои висат на врвот на овој рид е пронајдена и просторија исклесана во самата карпа. Во рамките на акрополот е откриена трокорабна базилика и резиденцијални објекти за кои истражувачите тврдат дек биле поврзани со базиликата и заедно со неа формираат еден комплекс. Во оваа објава вниманието ќе го посветиме на два сакрални објекти: Ротондата која се наоѓа јужно од акрополата и трокорабната базилика, наречена Епископска базилика, на северната тераса во рамки на акрополата.

Ротонда

Поглед од апсидата кон запад. Извор: konjuh.mk

 

Според извештајот на Радојчиќ, еден старец од Шопско Рударе долго време ги убедувал  селаните дека на градиштето се наоѓа црква посветена на Св. Јован Отсечениот – идеја која му се јавила на сон. Во 1919 година успеал да убеди дел од селаните и заедно откриле црква со значителни димензии со кружна колонада во наосот. Голем дел од градежниот материјал и камената пластика која селаните ја откриле била депонирата околу објектот, а Радојчиќ успеал да собере фрагменти кои биле однесени во депото во Куршумли ан.

 

Основа на објектот, според Радојчиќ. Извор: Радојчиќ 1952.

 

Црквата е градена од камен и тули. Ѕидовите, столбовите и столпците се изработени од камен, додека тулата била користена за ѕидање на арки, сводови и куполата. Подот во олтарскиот дел е изработен од камени четириаголни плочи, а во наосот и припратата од мали шестоаголни тули. Основата на црквата однаднвор има облик на правоаголник кој скоро личи на трапезоид. Должината на објектот од влезот на западната страна до завршетокот на апсидата изнесува околу 23 метри. Западниот ѕид на објектот е долг 17,5 метри кој е поширок од источниот кој изнесува 14 метри. Во внатрешноста на праволиниската рамка на објектот е впишана кружна основа во централниот простор која е обвиена со потковичест ходник. Источниот дел на објектот е поделен на три простории: централниот олтарен дел и две пастофории (ниши сместени на двете страни од олтарот). Западниот дел на објектот е исто така поделен на три дела: припратата во средина, северна капела со апсида на исток и јужна капела. Освен главната врата на западниот ѕид од објектот, две помали врати биле отворени на источните делови од северниот и јужниот ѕид. Архитектонските елементи на објектот се зачувани до значителен степен; ѕидовите на источниот дел од објектот се зачувани во висина од 1,5 метри и околу 2,5 метри на западниот дел од објектот. Колонадите и столпците во централниот дел на објектот се зачувани во висина од над 1 метар.

Иако надворешниот ѕид на апсидата е правоаголен, во внатрешноста таа е полукружна. Апсидата е формирана од полукружен камен постамент до кој водат скали, додека околу постаментот се наоѓа полукружен ходник кој е затворен на северниот крај. Олтарниот дел дополнително бил формиран со еден подиум (бема) кој бил поплочен со камен на кој се наоѓаат две седишта лево и десно од апсидата. Олтарот е одделен од централниот кружен дел со преграда која е формирана од шест столпци меѓу кои се наоѓаат парапетни плочи.

Дијаметарот на кружната основа во центарот на објектот изнесува околу 7,5 метри и е широко отворен према олтарот пред кој се наоѓаат два масивни столпци. Кружната основа во централниот дел е формирана од четири ѕидани столпци и шест монолитни меноа распоредени во круг. На јужниот и северниот дел кругот бил преграден со низок ѕид и парапетни плочи. Во централниот дел има пристап низ пет пролази, односно два десно и лево од олтарската преграда и три на западната страна. Потковичестиот ходник кој го обвива централниот дел е широк три метри, ѕидовите биле украсени со сликана декорација и на северозападниот дел се наоѓаат скали кои веројатно воделе до горниот кат на објектот. Како пандан на скалите, на југозападниот дел од ходникот се наоѓа мала полукружна ниша.

Западниот дел од објектот е значително помасивен од источниот, со поголеми столпци и подебели ѕидови. Припратата во овој дел е одвоена од полукружниот ходник со два масивни столбови. Во северната и јужната капела се влегувало од припратата, од кои северната е далеку посочувана од јужната.

Селаните кои го откопале овој објект успеале да земат само фрагменти од она што нашле. Па така, останати се неколку капители кои имале конструктивна функција, а некои од нив биле орнаментирани со флорални елементи, како и еден капител со натпис. Освен капителите, пронајдени се и голем дел на рејлефни плочи класифицирани во три групи: плочи обработени од една страна кои претставуваат релјефни орнаменти од разни животни; плочи од олтарската преграда кои биле обработени од двете страни и на кои се прикажани мотиви на крст впишан во круг; и полукружни, тенки, рамни плочи со палмети и волути околу централно правоаголно поле со рејлеф за кои се смета дека биле дел од амвонот во црквата.

Ротондата во Коњух претставува еден уникатен пример на доцноримска сакрална архитектура. Ваков објект со изразито централен поткуполен простор околу централен круг во основата и јасно одвоен ходник највеќе одговара на црква мартириум, додека аналогни примери за ваква архитектура се наоѓаат низ Балканот, грчките острови и Блискиот Исток. Според анализата на Радојчиќ која се основа на аналогија со други вакви објекти врз база на нивната архитектура, овој објект може да се датира од 6 век н.е, па се до 12 век н.е.

 

Еден од ѕиданите столпци (лево) и меноа (десно) во преден план, поврзани со низок ѕид. Извор: Радојчиќ 1952.

 

Реконструкција на сликата горе. Извор: Радојчиќ 1952.

 

Поглед од апсидата кон запад. Извор: Радојчиќ 1952.

 

 

Поглед кон апсидата со скалите во средина и полукружниот ходник десно од нив. Извор: Радојчиќ 1952.

 

 

Поглед на објектот од североисток. Извор: Радојчиќ 1952.

 

 

Поглед на кружниот централен дел од објектот од пропратата. Извор: Радојчиќ 1952.

 

Епископска базилика

 

Основа на Епископската базилика. Извор: konjuh.mk.

 

Епископската базилика на Големо Градиште во Коњух е дел од еден поголем комплекс кој е составен од самата базилика, крстилница и два резиденцијални објекти кои се поврзани со базиликата на север и југ. Просторот на северната тераса од локалитетот е истражуван уште од 2000 година, а базиликата е пронајдена случајно во 2008 година. Детални извештаи за истражувањата се веќе публикувани и достапни на вебсајтот на локалитетот. Овој објект е речиси два пати поголем од Ротондата јужно од локалитетот и станува збор за трикорабна базилика со крстилница. Црквата егзистирала заедно со еден придружен објект и резиденција кои според истражувачите биле подигнати и користени во текот на шестиот век, додека нејзината централна позиција во локалитетот, заедно со димензиите (35 метри должина и 15 метри ширина) и специфичните архитектонски решенија и елементи сугерираат дека била главната црква во непознатиот доцноантички град.

Објектот има правоаголна основа со апсида на источниот крај, а на запад се наоѓа нартекс кој овозможува пристап до наосот преку три влеза (по еден за секој брод). Трите брода во наосот се поделени со два стилобати на кои лежат колонади кои се паралелни на надворешните ѕидови. Во средниот брод од наосот, веднаш пред апсидата, се наоѓа презвитериумот, односно оллтарниот дел од црквата. Апсидата е полукружна и подигната повисоко од нивото на остатокот од црквата. Помеѓу надворешниот ѕид и платформата во внатрешноста на апсидата се наоѓа еден полукружен ходник кој води до крипта која се наоѓа на средина под платформата во апсидата. Презвитериумот има правоаголна основа која била направена од камени блокови врз кои стоеле помали столбови и преградни камени плочи со рејлефни претстави на крстови; на север и југ се пронајдени остатоци од клупи кои биле користени од свештениците и остатоци од мал амвон во внатрешноста на презвитериумот. Уште еден поголем амвон е пронајден во наосот со остатоци од неговата база и дел од платформата. Двата амвони биле изработени од камени плочи со флорални и фигурални мотиви во длабок релјеф. Подовите на објектот веројатно биле изработени од варов малтер, но биле оштетени со текот на времето. Парчиња од малтер со црвена боја биле откриени на ѕидот од северниот брод и укажуваат на тоа дека внатрешните ѕидови веројатно биле боени.

Од јужната страна на црквата позиционирана е крстилница која е сместена во посебна просторија со правоаголна основа и апсида на исток. Во крстилницата е пронајдена овална писцина поставена врз кружна поплочена основа и столбови во средишниот дел. Пристапот до крстилницата бил овозможен преку јужниот дел на нартексот од базиликата. Северниот дел од нартексот ја поврзува базиликата со придружен објект, кој во одреден период можеби претставувал главен влез во црквата. На источната страна од овој објект е пронајдена голема резиденција која претставува градба со внатрешен двор околу кои се распоредени седум простории. Ова е најрепрезентативен резиденцијален објект на локалитетот и поради својата големина, план, изведба и непосредна близина со централната црква се смета дека бил во функција на црковниот клер.

Истражувачите појаснуваат дека со резултатите од досегашните истражувања даваат многу аргументи кои одат во прилог на веќе поставената хипотеза дека непознатиот град кај Коњух, во текот на 6 век н.е, бил богат и важен економски, административен и религиозен центар и веројатно епископско седиште. Грандиозната и раскошна архитектура на објектите од црковниот комплекс лоцирани во централното градско јадро алудираат на висок црковен ранк на градот во тој период. Оттаму и произлегува идентификацијата на овие објекти како Епископска базилика и Епископска резиденција.

Детални извештаи и дополнителни информации околу овој локалитет можат да се најдат на вебсајтот www.konjuh.mk

 

Фотогорафија од воздух на Епископскиот комплекс. Извор: konjuh.mk.

 

Крстилницата со писцина. Извор: konjuh.mk.

 

 

Автор: Кристијан Тошески

Извори: 

Микулчиќ И., Два безимени доцноантички града во Источна Македонија, Зборник на Археолошкиот Музеј Скопје 6-7, Скопје (1975), 122-130.

Радојчиќ С., Црква у Коњуху, Зборник Радова Византолошког Института 1 (1952), 148-167.

Mikulčić, I., Antički gradovi kod Drenova i Konjuha u Makedoniji, Arheološki Pregled 15 (1973) 179-182.

Snively, C. S., The New Basilica at Golemo Gradište, Konjuh: a Sixth Century Church in the Province of Dardania, Ниш и Византија 9, Ниш (2011), 187-201.

Snively, C. S., Golemo Gradište at Konjuh: an Unidentified Late Antique City and its Churches, Acta Congressus Internationalis XV Archaeologiae Christianae, (2013).

https://www.konjuh.mk/