12 ГОДИНИ МАРХ
24.11.2026 • Информации
Денес прославуваме 12 години откако МАРХ почна да зрачи во интернет просторот. 12 години борба за домашната сцена, за тековните состојби и предизвици, 12 години едукација за нашите подеми и падови, 12 години иницијативи.
Она што одлучивме да го истакнеме за овој роденден е дека тимот на МАРХ оваа година регистрира и свое здружение преку кое се планираат повеќе активности во иднина.
Нашето полно име е Здружение за заштита и промоција на македонската архитектура МАРХ – Скопје. Си посакуваме плодна работа и многу нови успеси!!!
Се потсетуваме на воведното обраќање на основачот од првиот ден во етерот 14.11.2014 година:
Марх е нет-простор посветен на промоција на македонската архитектура пред пошироката јавност, преку минатите и денешните реализации, проекти, концепти и идеи.
Оваа страна ќе се потруди да ги објави сите достапни проекти, меѓу нив реализираните и нереализираните, кои се недоволно познати на јавноста, конкурсните трудови и смелите студентски проекти кои никогаш не биле сериозно презентирани, како и исклучително смелиот период на македонската архитектура од 60-тите години до крајот на 80-тите години.
Целта е да се подигне самосвеста и самодовербата во професијата, влијаејќи едукативно врз пошироката јавност, која е опсипана со тековни архитектонски неиздржани проекти како дел од урбанистичкиот хаос. Оваа страна стреми да ги покаже домашните вредности кои се скриени или невидливи за јавноста.
Секојдневно, на социјалните мрежи, споделуваме странски дизајн без притоа да имаме конкретна перцепција за современиот македонски дизајн, кој не заостанува зад интернационалниот, напротив, е дел од него. Токму затоа, овој простор ќе биде посветен единствено на македонската архитектура, македонските автори, како и на архитектурата во Македонија од странски автори.
Успешноста на оваа страна ќе зависи од сите нас. Поканети се сите автори, бироа, професори и студенти да ги достават своите најуспешни проекти, да се претстават пред македонската јавност со одмерено образложение и прилози, да напишат критика, мислење или став за она што сметаат дека треба јавно да се посочи или предупреди.
Да создадеме достапна нет-архива и да го стекнеме самоспознанието, да научиме еден од друг и да ја вратиме достоинственоста на професијата, да ги вратиме стандардите според кои работиме и да го вратиме принципот на знаењето. Да растеме заедно преку споделувањето на оваа страна.
Слободен простор за историја на архитектурата, тековна архитектура, студентски трудови, ентериер и мебел, критика и став, информации поврзани со македонската сцена, лекции од професорите, како и простор за промоција.
Да создадеме место на кое споделената порака лесно ќе стигне до професијата и заинтересираната јавност.
Страната почнува скромно и нема за цел да го напаѓа интернет-просторот. Ќе се објавува одмерено и без комерцијални притисоци. Во блиската светла иднина, страната е можно да стане двојазична (на македонски и англиски јазик), како би се впуштила во меѓународна промоција на македонската архитектура. Потоа, печатени изданија од пристигнати трудови (годишен пресек), можеби магазин, рецензија, цел тим итн.
Но… сè по ред, прво да го скршиме мразот. 🙂
Секому добро!
од основачот на страната:
Филип Конески
24.11.2014
Привезок и фото материјал: Љубен Трајаноски
Графичка обработка и дизајн на насловна: Филип Конески
Автор на статија: Filip Koneski
12 години / Здружение / Здружение за заштита и промоција на македонската архитектура МАРХ - Скопје / Македонска архитектура / марх / Основање / роденден



