Како помина SymbioCity?
06.04.2016 • Информации
Утрово во 9:00 часот започна семинарот посветен на SymbioCity пристапот во проектирањето и планирањето. Истиот беше организиран од страна на Шведската амбасада во Скопје, во просториите на Public Room.
На истиот земаа збор повеќе учесници меѓу кои Билјана Џартова – економски и трговски промотор од амбасадата на Шведска во Македонија, Матс Стефансон -амбасадор на Шведска во Македонија, потоа проф. Александар Радевски, продекан на Архитектонскиот факултет во Скопје, проф. Огнен Марина како ментор на работилницата, претставници на општина Велес и Куманово и од скоро магистрите Искра Филипова и Игор Медарски.
На работилницата покрај општото претставување на она што значи SymbioCity принципот на планирање, акцентот беше ставен на соработката на македонските општини Велес и Куманово со шведската амбасада во насока на спроведување на конкретни проекти од истата област.
Општината Велес ги презентира проблемите со атмосферската вода и фекалиите, за кои се изработени анализи, студија и решение вредно 10 000 000 евра, додека општината Куманово го претстави хронолошкиот историски развој на централното подрачје, градскиот плоштад кој опстојува повеќе од 500 години на истата локадија, каде се планира реализацијата на проектот за неговата реконструкција и реорганизација според принципите на SymbioCity.
Во контекст на приложените тековни реални соработки и случувања, беа презентирани и два магистерски труда на студенти од Архитектонскиот Факултет од Скопје.
Првиот беше посветен на Домувањето на „помеѓуто“, истражувачки проект на Искра Филипова, кој ни раскажа нова визија за Велес, во центарот на градот, долж двете страни на реката Вардар. Една сублимација на стремеж за нова градска интервенција базирана на истражувањето на „точкастата“ морфологија на домувањето и решеност да не се игнорира градителското наследство на градот.
Вториот презентиран проект, беше магистерскиот труд на Игор Медарски, посветен на една смела визија базирана на истражување на железничките коридори 8 и 10. Тие се пресретнуваат во две точки – Скопје и Куманово и на тој начин беше извлечен заклучок дека Куманово може да добие транспортен републички центар. Истражувањето поентираше и со новата локација на железничката станица, како подлога за вистинска урбанизација и правец за формирање на градската слика на Куманово.
Проектите, наскоро ќе ги презентираме на нашиот медиум во соработка со авторите.
Забележлив беше интересот за овој настан, со претставници од повеќе скопски општини, бироа, студенти и луѓе блиски на професијата, кои беа активно вклучени со поставувања на прашања во дискусијата и коментари за темата.
Во контекст на тоа што го спомна и менторот на овој настан, проф. Огнен Марина, како заклучок за овој собир, се надеваме дека ова ќе биде само почеток на ваквите собири кои не насочуваат на решенија и размисли за иднината, преку реални проекти и смели применливи визии.
фото: Борис Јурмовски
Ф.К
Автор на статија: marh