Архитектонски илустрации / Танков
11.07.2023 • Уметност
Архитектонската илустрација е уметност на оживување на архитектонскиот дизајн. Таа ги надминува техничките цртежи, овозможувајќи на архитектите ефективно да го комуницираат својот дизајн пред клиентите, инвеститорите и широката јавност. Архитектонската илустрација опфаќа различни стилови и пристапи, секој со своја уникатна впечатливост. Илустраторите можат да изберат помеѓу постариот традиционален пристап, користејќи водени бои, моливи и маркери за создавање на рачно цртани илустрации. Исто така, можат да истражат дигиталните техники кои нудат безброј можности, вклучувајќи фотореалистични визуализации, стилизирани илустрации и дури и искуства со виртуелна реалност. Изборот на стил зависи од намерата, целта и посакуваните емоционални резултати.
Денешната објава ја посветуваме на архитектонските илустрации на Стефан Танков, архитект по образование кој успешно работи и на полето на графичкиот дизајн.
Илустрациите на Танков се минимални во својот израз, ја опфаќаат самата суштина на објектот кој е разгледуван и со тоа го амплифицираат емоционалниот впечаток на илустрацијата. Тоа кажува и за високата способност на авторот да ја сведе комплексноста на секој обработуван објект на својата фокусирана суштина, на она што го прави тој објект апсолутно впечатлив.
Во продолжение проследете ја галеријата на неговите последни илустрации кои воглавно за своја тема ја имаат архитектурата на светски познатите музеи, спомениците од просторот на поранешна Југославија и продукцијата на македонските архитекти.
Следете го Стефан Танков на неговиот Behance профил каде се наоѓа неговата последна продукција од полето на графичкиот дизајн.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Архитектонска илустрација / Графички дизајн / Илустрации / Стефан Танков