Архитектурата како творечка дисциплина / Брезоски

Извори: „За архитектонските работи“, Славко Брезовски (достапна во библиотека на Архитектонски факултет при УКИМ, Скопје)

 

Ви пренесуваме дел од истражувањето на арх. Славко Брезоски на тема анонимноста во архитектурата, каде ги анализира односите и улогите на инеститорот, проектантот и изведувачот. Заклучокот е дека архитектурата повеќе е резултат на општественото отколку на индивидуата.

„Многу пати се прашуваме дали на архитектот му е призната улогата што навистина му припаѓа во нашево општество. Дали архитектурата досега не е третирана повеќе како обична стопанска дејност отколку како креаторска гранка од сеопштите општествени гранки? Дали таа не се третира како обична градежна дисциплина каде архитектите – креатори, преку изработка само на идејни проекти, не се само една алка во долгата верига на технолошкиот градежен процес на реализацијата на едно архитектонско дело при кое тие во повеќе случаи остануваат АНОНИМНИ лица?

 

 

Архитектурата може да претставува вистинска креаторска целина ако нејзиниот идеен проектант работи на делото се до неговата конечна реализација. Но, најчесто, основниот услов тоа да се постигне – врската помеѓу проектот и оперативата – не се остварува. Дали тогаш изведувањето и обработката на еден архитектонски објект може да биде на техничка висина? Дали со тоа не се занемарува, дури и потценува, естетската страна? Во такви услови и во таква практика дефинитивната архитектонска реализација потонува во длабоките сенки на анонимноста.

Несомнено дека архитектурата влегува во ера на индустриска префабрикација каде производството на “тип“ или “серија“ е се почест случај, во прв ред во “производството“ на станови. И во редовите на самите архитекти-проектанти постои убедување дека секаква координација на проектирањето се индустријата на префабрикувани градежни елементи претставува загрпзување на понатамошната судбина на архитектурата како главна креаторска сила во областа на ликовните уметности.

Погрешно се мисли дека во производството на серијата, во типизирањето на елементите, па и на цели објекти, архитектонското дело станува обичен фабрички производ, лишен од претходни креаторски интервенции. Секој индустриски фабрикат, во рацете на вешти и надарени мајстори и проектанти, во доменот на применетата уметност, станува вистинско уметничко дело. Уметнички обликуван, индустрискиот сериски производ е составен дел на ентериерот на секое архитектонско дело.

 

 

На полето на масовната станбена изградба треба да се прави разлика меѓу самоволното архитектонско проектирање на објекти што ќе се градат на традиционален начин, бавно и комплицирано, и – студиозното проектирање на типски стан, каде времето, средствата и луѓето со инвентивност се, исто така, потребни како и кај изработката на проекти на индивидуален објекти. Еден “тип“ е резултат на синтезна, комплексна работа при која резултатот, добар или лош, доаѓа до полн израз. При  лошо изработен типски проект грешката се повторува, а штетата е повеќекратна.

 

Станбени солитери крај Вардар, Скопје (конкурсен проект, 2 награда), 1954 / Автор: Славко Брезоски

 

Денеска се помалку имаме смелост да тврдиме дека архитектурата, според сласичната поделба на ликовната уметност (сликарство, вајарство, архитектура), е една од нејзините основни творечки гранки. Архитектурата, третирана како уметност, најмногу зависи од материјалните услови. Таа се судира со факторите што ги наметнува природата: климата, материјалите, статичките закони за стабилност.

Човекот ги наметнува истрајните, привремените услови: функцијата, прописите, навиките, модата. Но, зградата ќе ги задоволи нормите како архитектонско дело само доколку се потчини на условите и на природата и на човекот.

 

 

За архитектурата се говори повеќе воопштено отколку за индивидуални остварувања. Тоа е разбирливо бидејќи архитектурата најмногу го изразува духот на техничките и општествените сили на одредено време, и повеќе е резултат на општественото отколку на индивидуата. Пред нас се испречува замрсената спрега на односите инвеститор (општество), проектант (индивидуа), изведувач (посредник).

За релативниот застој на градењето и проектирањето на ново Скопе би било, секако, корисно да се отвори широка дискусија по горните проблеми. Денес веќе го одминавме времето кога подигањето на новиот град може да има црти на недоволно промислен потфат од само квантитативна природа.“