Битолскиот Тотенбург – симбол на нацистичката архитектура
16.02.2026 • ХХ век / I половина
Растот на нацистичката идеологија низ Европа во раните 1930-ти години од минатиот век природно се одразил и во архитектурата на тоа време. Новата германска држава поттикнувала „култ кон паднатите борци“ преку изградба на масовни воени гробишта и меморијални комплекси. Гробиштата биле изградени на поранешните територии каде што Централните сили воделе воени битки, вклучително и во Македонија. Германските воени гробишта во Битола, со својата локација и монументалност, претставуваат карактеристичен пример на нацистичката архитектура од тој период. Овој вид масовни гробишта го добил името „Тотенбург“ или „тврдина на мртвите“ и служел како прототип за создавање масовни гробници низ цела Европа и пошироко.
Слика од гробиштата и нивната местоположба/ извор : Moreno Baccichet
Историја
По завршувањето на Првата светска војна и потпишувањето на Версајскиот мировен договор, било договорено двете завојувани страни да формираат организации задолжени за грижата за посмртните останки и за меморијата на загинатите војници. Како резултат на тоа, на територијата на Македонија биле изградени воени гробишта и меморијални комплекси во спомен на французите, британците, германците и на други војници кои загинале на македонска почва. Во оваа група спаѓаат и Германските воени гробишта во Битола, кои биле изградени во периодот од 1932 до 1934 година. За изградбата на гробиштата бил избран архитектот Роберт Тишлер, кој имал задача да ја отслика величината и пожртвуваноста на војниците од Централните сили. Во гробиштата почиваат посмртните останки на 3.406 војници кои се бореле на страната на Централниот сојуз на Македонскиот (Солунскиот) фронт.
Слика од отварањето на гробиштата/ извор: Битола.инфо
Гробиштата свечено биле осветени во 1936 година, во присуство на високи дипломатски и воени претставници на Третиот Рајх, Франција, Бугарија и Романија, како и на тогашните локални претставници на Кралството Југославија. Како благодарност за отстапувањето на земјиштето за гробиштата, градот Битола од Комисијата добил ѕвона, кои сè уште одѕвонуваат во Саат-кулата.
Архитектура
Воените гробишта, обликувани како тврдина, се одликуваат со овални ѕидови и главна порта. Портата претставува масивна правоаголна кула, над која доминира тристолбена арка, инспирирана од романската архитектура. Во кулата е сместен „Холот на честа“, во кој главната фокусна точка е саркофаг изработен од масивен гранитен блок.
Слика од капијата на Холот на честа / извор: DeutscheBautzeitung
Пред реновацијата на гробницата, на базата на саркофагот можеле да се забележат грбовите на германските држави, изгравирани во блокови од варовник. На таванот бил поставен мозаик во златно-кафеав тон, со единствен мотив – орел со раширени крилја.
Слики од ентериерот на Холот пред (десно и центар) и после реновирањето (лево) / извор: DeutscheBautzeitung
Холот бил реновиран во 1969 година, при што мозаикот, кој со текот на времето бил значително оштетен, не можел да биде реставриран. На негово место било изработено зграфито од германските уметници Франц Грау и Јозеф Еберл, кое постои и денес.
Овалните ѕидови што ја оградуваат гробницата се изградени од масивни гранитни блокови од планината Баба и се издигнуваат до висина од 2,5 метри, а од надворешната страна, на одредени места, достигнуваат и до 6 метри. Кружната гробишна површина е опколена со малку повисоко поставена патека, која е обиколена со високиот ѕид.
Слика од дрон во денешна состојба / извор: Битола Њуз
Овој вид градба, познат како Тотенбург или во превод „тврдина на мртвите“, имал изразен пропаганден и геополитички карактер. Архитектот Роберт Тишлер преку гробницата настојувал да создаде чувство на монументалност преку нејзината положба, форма и конструктивна цврстина, инспирирани од европските тврдини од XIX и од почетокот на XX век.
Гробницата во Битола претставува првиот реализиран пример на Тотенбург, кој подоцна послужил како прототип за останатите меморијални комплекси изградени од Третиот Рајх. Роберт Тишлер реализирал уште неколку Тотенбурзи – најпрвин во Вроцлав (Полска), а потоа следувале три Тотенбурзи во Италија: во Кверо, Пинцано и на превојот Пордои, како и во Толмин (Словенија) и во Петрисору (Романија). И по симнувањето на нацистите од власт, Комисијата за германски гробишта ги изградила Тотенбурзите во Тобрук, Либија (1955) и во Ел Аламејн, Египет (1959).
Тотенбург во Кверо Италија (лево), во Ел Алмејн, Египет (центар) и Тобрук, Либија (десно) / извор: википедија
Симболика
Одредени историски извори укажуваат на тоа дека по изградбата на тврдината локалното население почнало да ја нарекува „Хитлербург“, директно поврзувајќи го ликот на Хитлер со споменикот на паднатите борци. Оваа перцепција, всушност, се поклопувала со намерата на архитектот и на Комисијата за воени гробишта, преку нагласена монументалност да се симболизира издигнувањето на една нова, помоќна Германија.
Поради високите средства наменети за изградба на гробницата во Битола, претседателот на комисијата, Зигфрид Еулен, бил приморан да се оправда дека таа има цел да ја истакне доминантноста на германската култура. Според него, гробницата претставува „Хитлерово дело“ (Hitlerwerk), па оттука обвинувањата за високата цена на гробницата биле излишни.
Нацистите ги пренесуваат посмртните останки на војници во тотенбургот во селото Гора Света Ана, Полска, 02.04.1938 / извор: ДНБ.каталог
Архитектот Роберт Тишлер и Комисијата за воени гробишта, водени од нацистичката идеологија, преферирале масовни гробници наместо индивидуални обележја, со цел да го симболизираат војничкото другарство и жртвата во име на државата. Со тоа го отфрлиле западниот модел на воени гробишта (англо-американскиот и францускиот), каде што акцентот е ставен на индивидуалноста на жртвата. Преку овој пристап населението се насочувало кон негување на колективната меморија и идејата за заедништво, наспроти индивидуалноста на војникот.
Паралелно со изградбата на масовни гробници и споменици, тие активно го поттикнувале и учеството во комеморативни обреди во чест на жртвите што го положиле својот живот во војна. Преку нагласување на пожртвуваноста на војниците, тие станале ко-креатори на „култот кон паднатиот војник“.
Слика од скица на проектот / извор: Битола.инфо
Култот кон паднатиот војник бил истакнат во периодот меѓу двете светски војни и служел како симбол на национално обединување. Тоа не била политика само на Германија или на силите на Третиот Рајх, туку широко распространет метод кој имал цел да ја трансформира колективната траума од војната во симбол на херојство и национално ослободување.
И покрај тоа што гробницата во Битола е уникатна по својата форма, Германија изградила уште еден споменик посветен на загинатите борци во селото Градско, кој исто така содржи елементи карактеристични за нацистичката архитектура. Овој споменик денес е оштетен, а информациите за неговото создавање се оскудни. Според достапните податоци, како инспирација за споменикот послужиле египетските споменици.
Споменикот во Градско / извор: Macedonia 1912-1918
Во продолжение галерија од комеморација по повод 100 години од завршувањето на Првата светска војна.
Слики од комеморацијата / Извор: Macedonia 1912-1918
Објавата ја подготви: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ)
Deutsche Erinnerungsmale im Ausland, Deutsche Bauzeitung, Kunstdruckteil, 1938
Автор на статија: Sorabotnik
XX век / Битола / Гробишта / гробница / Тоталитарна архитектура































