Кафе Рутина / Ambience Design
13.01.2025 • Ентериер и мебел
Автор: Сандра Најдановска, Ambience Design
Локација: трговски центар „Лептокарија“, Скопје
Година: 2024
Површина: 35 m²
Реализација на мебел: Metry Manufactura
Фотографија: Сандра Најдановска
Концепт и организација
Со компактна површина од само 35 m², проектот претставува предизвик и можност за истражување на максималната искористливост и прецизна организација. Основниот дизајнерски принцип беше создавање функционален и визуелно привлечен ентериер, кој ќе ја одрази намената и карактерот на локалот.
Примарен фокус беше оптимизација на зоните преку внимателно позиционирање на шанкот, складиштето и местата за седење. Интегрираните складишни решенија под клупите овозможуваат практична употреба за потребите на кафулето, без нарушување на естетиката.
Материјали и атмосфера
Атмосферата беше замислена како клучен аспект на дизајнот. Комбинацијата на модерни материјали со топли текстури создава пријатна и динамична средина. Подот е обложен со терацо плочки, избрани заради својот уникатен дизајн и практичност, додека бетонската обработка на ѕидовите внесува современ, урбан карактер.
Шанкот, како централна точка, ги обединува основните материјали – дрво, бетон и метал – во визуелно хармонична целина. Столчињата со метална конструкција и ратански седишта дополнуваат со текстурална разноликост, истовремено обезбедувајќи практичност.
Декоративни акценти
Акцентите се внимателно избрани за да додадат естетска длабочина. Големиот тапет како централен ѕиден елемент, во комбинација со слика од локалната уметница „Артменска“, внесува суптилен артистички слој. Циглените облоги, поставени под клупите, создаваат врска помеѓу традиционалните и современите елементи.
Социјални аспекти
Овој ентериер е осмислен не само како место за социјализација, туку и како сцена што поттикнува визуелна интеракција. Секој детал е уреден да создава привлечни кадри, овозможувајќи просторот да стане совршен за маркетинг на социјалните мрежи.
Проектот претставува синтеза на функционалност и естетика, демонстрирајќи прецизност во дизајнот и креативност во изведбата. Ова е пример за тоа како малите димензии можат да понудат исклучително корисничко искуство.
Автор на статија: Љубен Трајаноски