Црква „Св. Архангел Михаил “/ Скопје, 1934г.
22.09.2025 • ХХ век / I половина

Период: XX век – 1934 г.
Локација: Автокоманда, Скопје
Архитект: Константин Хоменко
Ктитор: Александар I Караѓорѓевиќ
Фотографии од денешна состојба – МАРХ
Периодот меѓу двете светски војни се карактеризира со интензивна урбанизација на Скопје и најчесто го разгледуваме низ призма на профаната архитектура. Денес претставуваме еден поинаков пример – сакралниот храм „Св. Архангел Михаил“, изграден во 1934 година во времето на Кралството Југославија. Автор на проектот е Константин Хоменко, уште еден руски архитект кој живеел и работел во Скопје во овој период.
Историска фотографија / извор: www.domrz.ru
Во контекстот на градското подрачје на Скопје, пред почеток на ХХ век, има само три православни цркви: „Св. Димитрија“, „Св. Спас“ и „Св. Богородица“. По доаѓањето на Српската власт, Скопје добива пет нови цркви: „Св. Мина“, „Св. Константин и Елена“, „Св. Петка“, „Св. Великомаченик Георгиј“ и овој храм „Св. Архангел Михаел“ (тогаш „Храм Славе“). Денес, тој е еден од само трите храма кои го „преживеаа“ скопскиот земјотрес.
Црквата „Св. Архангел Михаил“ е сместена во Автокоманда, на подножјето на парк Шумата Гази Баба, непосредно до студентскиот дом „Стив Наумов“. Се претпоставува дека градбата почива врз темелите на постар храм кој датира од XIX-ти век.
Локација во современ урбан контекст
Во склоп на црквата се наоѓа и крипта во која се чуваат посмртните останки на 3.200 војници кои се бореле на страната на Србија за време на Првата светска. Впрочем црквата е дел од поголем проект на централизирање на воените гробишта и воена констурница, воглавно финансиран од југословенската војската.
Црквата е градена помеѓу 1930-1934, а била осветена во присуство на кралот Александар Караѓорѓевиќ, како и на други политички авторитети, меѓу кои премиерот на Југославија и градоначалници од поголемите градови.
Историска сминка од осветувањето на црквата / www.kinoteka.org.rs
Во првата половина на ХХ век, низ територијата на Кралството Југославија се развива таканаречениот српско-византиски стил. Неговата цел е да се изгради „национален стил“ преку враќање кон постарата византиска и романичка архитектура, комбинирано со современи градителски техники.
Храмот „Св. Архангел Михаил“ претставува типичен пример на овој правец – со централна купола, масивна камбанарија и фасади украсени со декоративни арки и ниши.
За разлика од средновековните цркви, каде фасадите се декорирани со камен и тула, кај овие понови храмови надворешните ѕидови се унифицирани и премачкани со малтер. Декорацијата е сведена на линии и полихромно боење на одделни полиња.
Фотографија од дрон / автор:
Основата на храмот е класичен впишан крст (византиско влијание) – квадрат кој е поделен на девет полиња, и купола која се издига врз централното поле. Куполата е осмоаголна и се потпира на четири столба.
Овој основен волумен е правилен кубус, со речиси еднаква ширина и висина, од која се извлекуваат два помали волумени кон запад и исток – влезниот нартекст и олтарната апсида. На секој од ќошовите на волуменот има по еден кружен отвор – розета, што е романичка карактеристика која почесто се наоѓа во Србија наместо во Македонија.
Камбанаријата е малку повисока од црквата и исто покриена со купола. Таа е поделена на неколку слоеви по вертикала, има симетрични отвори, и ист тип на декорација со лаци и венци.
Црквата, иако на прв поглед уметнички скромна, претставува интересно уметничко олицетворение на политичките и културните движења од периодот. Со доаѓањето на руските имигранти по Октомвриската револуција, Скопје се здобива со голем број обучени архитекти, сликари и уметници кои почнуваат да оставаат свои траги насекаде низ градот.
Оваа црква е токму таков пример, изградена од архитектот Константин Хоменко кој имал сопствено архитектонско биро „Култура“ и бил вклучен во подготовката на генералниот план на Скопје од 1929г.
За ентериерот на црквата е заслужна руската уметница и етнолог Олга Бенсон, која се има многу залагано за зачувување на македонската традиционална и фолклорна култура.
Еден од најзначајните елементи во внатрешноста е иконостасот од мермер и оникс, изграден од Николај Краснов. Овој иконостас е редок во македонските цркви поради неговата тежина и скапата обработка на мермерот, кој вклучува жолт оникс, донесен од регионот на Пеја (Пеќ).
Во иконостасот има 13 икони изработени од руските академски сликари: Иван Дики, Иван Шевцов, Борис Обраснов и баронот Никола Мајердорф.
Црквата е реновирана на неколку наврати по 2000-тата година. Работите опфаќаат поправки на кровот, санации на штети околу криптата, и воведување на подно греење. Дополнително е реставриран и дополнет фрескоживописот во внатрешноста на црквата.
Специфични се промените на фасадниот колорит на црквата. Фотографски извори укажуваат дека во изминатите децении таа прво имала бела фасада, па полихромна црвено-бела фасада, а денес таа има жолто-бел колорит.
Три верзии на фасадниот колорит / извори: termin.mk, wikimapia.org, mpc-spe.mk
Обоена историска фотографија, претпоставка за оригиналниот колорит
Историските фотографии се црно бели и не можат за сигурно да укажат на оригиналниот колорит кој дефинитивно бил полихромен. Некои извори споменуваат дека таа имала зелена боја која асоцирала на војнички униформи од Првата светска војна.
Истите фотографии укажуваат дека дел од волументите на црвката се подоцна додадени. Таков пример е стреата пред главниот влез, како и двете капели кои се поставени од лево и десно на нартексот.
Моментално во дворот на црквата се гради дополнителен параклис посветен на Св. Недела.
Самата црква има површина од 250 м², но нејзиниот комплекс е многу поголем и ги содржи и црковниот параклис “Покров на Пресвета Богородица” и крстилница посветена на “Светите бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан”.
Дополнително, во дворот на црквата се сместени британските воени гробишта од Првата светска војна, на кои почит одадале кралот Чарлс и принцот Едвард.
Благодарение на уредената градина и одалеченоста од градската врева, целиот комплекс создава мирна атмосфера, достјона за карактерот на религиозен објект.
Виртуелна прошетка низ објектот / автор: Александар Алексовски
Извори:
- Црква Св. Архангела Михаила у Скопљу, Н. Лајбеншпергер – Краљевина Србија и Краљевина Црна Гора у ратовима 1912-1918. – www.velikirat.rs
- Виртуелна поставка „Русские архитекторы города Скопье. 1920–1940“, Ј. Намичева, Е. Намичева –www.domrz.ru
- Новите Скопски Цркви на Почетокот на ХХ век, Д. Борисов – Годишен Зборник кинга 21-22, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Православен Богословски Факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје
Материјалот го приложи Дарко Милошевски

Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Автокоманда / Константин Хоменко / Кралство Југославија / Српско-византиски стил / Црква