Копаничарот Димитар Станишев
30.04.2022 • Ентериер и мебел Уметност
Извори: Македонска академија на науките и уметностите. Македонска резба. 1978. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите
Димитар Ќорнаков. Копаничарот Димитар Станишев од Крушево. 2009.Скопје: Матица македонска
Во денешната објава го разгледуваме животот на еден од најмаркантните копаничари кој што живеел и работел во Македонија – копаничарот Димитар Станишев. Тој, заедно со својот брат Андон, најпрвин заедно а потоа и со своите засебни тајфи се одговорни за огромен број на исклучително вредни резби.
За творештвото на браќата Димитар и Андон Станишевци најмногу можат да ни користат белешките на Иванка Андонова Станишева – ќерка на Андон, пишувани во 1896 година.
Родот Станишевци потекнуваат од слеото Тресонче Мала Река. Во немирните времиња кон крајот од 18 век (1770 г.), тој род се преселил од Тресонче во Крушево. Најстариот од овој род бил Станиш – градител и резбар, роден во село Тресонче, а неговиот син се викал Гешо за кого не се знае дали е роден во Тресонче или во Крушево по преселувањето. Тој бил градител но се занимавал и со резбарство. Тоа го научил од својот татко Станиш.
Гешо Станишев имал три сина – Димитар, Андон и Петар, а умрел во Неврокоп 1830 година. Димитар и Андон биле резбари, а Петар се занимавал со трговија. Нивниот татко – Гешо Станишев работел неколку години со родот Рензовци – Зографски од село Тресонче.
За почетоците
Во триесеттите години на 19 век во манастирот Св. Јован Бигорски почуваат резбарските работи на иконостасот, архиерејскиот трон и игуменскиот стол. Поради монументалноста на иконостасот и другите резбарски дела, Петре Филипович – Гарката ангажирал поголема група резбари, што впрочем може да се види и од нивните портрети на самиот иконостас.
На чело на резбарската тајфа бил Петре Филипович од село Гари, Мала река, Дебарско. Учество во изработката на иконостасот и другите резби во Бигорски земале мајстори – резбари од други мијачки родови: Макариј Фрчковски од Галичник, братот на Гарката – Марко, Димитар Станишев од Крушево, Аврам од резбарскиот род Филиповци од село Осој, Симон Максевски од село Требиште од Река и други. Покрај мајсторите во резбарската тајфа работеле и поголем број калфи и чираци меѓу кои и братот на Димитар Станишев – Андон.
Својот творечки пат Димитар Станишев го започнал тука во манастирот Бигорски, за што сведочат белешките од Иванка Станишева каде е заведено дека Димитар е роден 1806 година и оттука неговото учество во изработката на иконостасот во манастирот Бигорски било возможно каде бил на 20 годишна возраст и ученик на Петре Гарката.
По повеќегодишната работа во манастирот Бигорски, Димитар отпочнува низа на успешни изработки на иконостаси, царски двери, амвони, архиерејски тронови и други декорации. Дел од црквите каде што има допринесено се:
Манастирот Св. Јован Бигорски
Црква Св. Богородица, Скопје
Рилски Манастир
Црква Св. Благовештение, Прилеп
Св. Богородица- Каменско во Охрид
Св. Никола, Крушево
Св. Илија, Радовиш
Св. Богородица, Ново Село, Штип
Св. Никола, Штип
Св. Илија во Стар Дојран
Св. Марина, Пловдив
Пеќската Патријаршија
Во продолжение галерија од делата на Димитар Станишев кои се наоѓаат низ горенаведените цркви и манастири:
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Димитар Станишев / Копаничарство / Мијачко резбарско творештво