Дом на култура „Иљо Антески – Смок“, Тетово / Муратовски, Николоски, Герасимовски
25.01.2026 • ХХ век / II половина
Година: 1970-1973
Архитект: Кирил Муратовски, Владимир Николоски, Илија Герасимовски
Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век – Георги Kонстантиновски; http://user129.delovna.finki.ukim.mk/; https://www.porta3.mk/tetovskiot-dom-na-kultura-iljo-anteski-smok-dokaz-deka-i-vo-arhitekturata-klasata-e-vechna/
Локација: Тетово
Насловна фотографија: Борис Јурмовски, 2021
Дом на културата „Иљо Антески – Смок“ бил изграден во 1970-1973 година, во центрот на градот Тетово. Овој објект е дело на архитектите Кирил Муратовски, Владимир Николоски и Илија Герасимовски. Денес како НУ Центар за култура е главен носител на културно – уметнички активности во Тетово.



Архитектурата во тој период, втората половина на 20 век неминовно ги следела светските трендови на модернизмот и секако под влијанија на тогашните општествени околности. При создавање на вакви објекти од јавен карактер архитектите во тоа време внимавале на значајните аспекти во проектирањето, преку економичен пристап да се запазат антрополошките карактеристики за да се создаде хуманистичка архитектура. Овој објект и денес е репрезентативен пример и симбол кој е дел од културно – општественото јадро на градот. Подигањето на Домот на култура е дел од голем урбанистички зафат во 60-тите години со кој градот Тетово добил репрезентативна централна зона во склад со тогашните светски модерни текови. Таа зона опфаќала нов поголем Градски плоштад, консолидирани и пробиени улици, ослободени простори за зеленило, а подоцна и Градска пошта во близина на Домот.
Фотографии: Борис Јурмовски, 2021
Зградата на установата, која во тој период била позната како Дом на култура „Иљо Антески Смок“, е завршена во 1973 година, а администрацијата започнала со официјално функционирање во 1975 година. Установата располага со голема сала која има 661 седиште, како и мала сала за камерни концерти и промоции со капацитет од 100 места. Во зградата се наоѓа и фоајето на влезот, кое е погодено за организирање на различни изложби. Постојат и сала за вежби и простор за премиери. Центарот е идеален за одржување на музички концерти, промоции, изложби, настапи на различни ансамбли и политички конгреси. Преку сопствената продукција, активно учествува во создавањето на културни вредности. Секојдневно, бројни уметници од различни дисциплини, како глумци, музичари, пејачи и играорци, го користат просторот за своја работа. Само во големата сала, секоја година се организираат повеќе од 130 настани, кои привлекуваат над 50.000 посетители. Меѓу одделите на установата се: драмски, книжевен, ликовен, музички, балетски и фолклорен сектор.
Фотографии од ентериерот. Извор: https://www.instagram.com/p/DRzxR5VCMs4/?hl=en&img_index=1
Проектот за внатрешното уредување и обликување на просторот е дело на професорот на школата по применета уметност, архитектот Ѓорѓи Георгиевски. Во неговиот тим бил вклучен и еминентен сликар, резбар, графичар и уметник Димче Протуѓер, чие дело е и огромниот витраж кој претставува фасаден елемент над главниот влез во објектот, а од внатрешната страна ја краси изложбената галерија. Витражот е работен во пластично стакло, т.н. „кринглглас“ и претставува композиција со геометриско-орнаментални мотиви. Авторот Владимир Николоски го сметал Домот за негово животно дело, бил ангажиран и при изведбата, посветено надгледувајќи го секој важен аспект лично, за што сведочи и фактот дека тој самиот го избрал штофот за седиштата во аудиториумот.
Автор на статија: Martina Shteriova
Владимир Николовски / Дом на култура / Илија Герасимовски / Иљо Антески - Смок / Кирил Муратовски / НУ Центар на култура / Тетово














