Ѕидовите на Водно

Движејќи се по планината Водно, без разлика од која страна и пристапувате, можете да забележите безбројни ѕидови во деградирана состојба. За нивното датирање немаме истражувано во литературата, но затоа ја отвораме темата јавно за да се пресретнеме можеби со некој кој има податоци.

 

Приближно мапирање на затекнати ѕидови и групација на камени ломови

 

Личните размислувања за нив, не ја исклучувaат можноста нивното потекло да оди наназад до VI  век кога се подигнува средновековно Чрнче кај месноста Марково Крувче, или во периодот на повторното заживување меѓу XI – XIV век. Набљудувајќи го нивното присуство кое е буквално покрај секој пат или патека на планината, без разлика на висината ниту на теренот, ви создаваат чувство дека Водно било полно со жителство во минатото.

 

 

 

Присуството на тврдината, која е на источниот раб од планината, од каде се најстрмните падини на Водно, единствено е пристапна по патеката од Средно Водно – Марково Крувче. Со оглед на нејзиното неминовно поврзување со градот Скопје, како негово засолниште но и контрола над скопската котлина со цел навремено предупредување за раздвижување и приближување на војска, оваа патека е онаа која и денес ја користиме да пристигнеме од центарот на градот до Чрнче. Токму по должината на рекреативната патека , по целата нејзина должина се среќаат остатоци од потпорни ѕидови. Лево и десно од патеката тие ве пратат, дури и доколку скршнете кон повисоките предели по планинарските патеки, повторно ќе наидете на нив. На многу позиции можете да забележите основи од објекти, што го зголемува впечатокот за археолошка вредност.

 

Реконструкција на Чрнче – Марково Крувче според Управа за заштита на спомениците

 

Логично е со присуството на „сателитската“ тврдина на Скопје која во суштина е градска формација, вон ѕидините да има население. Дури и да не било класично жителство, овие ѕидини може да користеле и за омеѓување на земјиштетото, трла за добиток и напасување, потпора на косините на патот и слично.

 

 

Во неколку делови помеѓу оваа патека и врвот на Водно, сретнуваме подолеми ломови, т.е групирани купови на камења. Тука има вистинска подлога за присуство на средновековни села во околината на Марково Крувче.

 

 

Бидејќи оваа појава на Водно, ја набљудувам од дете, но воглавно од источната страна, не ми е позната добро состојбата кон запад, кон Свети Пантелејмон.  Она што последно можевме да го забележиме при расчистување на грмушести растенија, во делот од паркингот на Средно Водно по асфалтниот пат кон врвот на Водно, дека овие потпорни ѕидови се појавија и тука.

 

 

Во еден дол, во непосредна близина постои спомен чешма посветена на бавчите, додека нарачателите се од селото Горно Водно. Она што е впечатливо е нејзиното корито, кое е дефинитивно стар и реупотребен елемент од антиката. Во позадината на чешмата повторно следи камениот ѕид и поплочување. Во овој дел може да се забележи ѕидна керамика карактеристична за византискиот период, како и керамиди што докажуваат за присуството на објект.

 

 

Сомнежот дека овие потпорни ѕидови се правени во периодот на пошумувањето на Водно, лично за мене е дискутабилно од проста причина што не е возможно толкаво пропаѓање да се случи на истите при активното користење на планината. Некои од нив се длабоко вплеткани под корењата на дрвата. Но еве и да ја вклучиме таа можност за ѕидовите долж патеката кон Марково Крувче, што се случува со ѕидовите по целата планина?! Дури и интервенциите со поплочување на планинарски патеки и скалници во овој период на адаптација, не може да ја опфатат цела планина и особено не во длабоката шума. Тие потези се лесно забележливи и покрај оштетувањето и за истите во архивите на Град Скопје и Паркови и зеленило, веројатно постои документација.

 

Она што со сигурност може да се потврди е дека со копањето на рововите за пошумувањето, многу од остатоците се деградирани, особено концентрациите кои упатуваат сомнежи за селски населби. Впрочем така е  откриено и средновековно Чрнче, за кое говори  Микулчиќ во презентираното видео.

 

 

На Водно има неколку регистрирани археолошки локалитети  како по самата планина така и во подножјето. На facebook мрежата се појави и група со тврдење за постоење на формација во облик на пирамида во подножјето, поради забележани археолошки остатоци и некоја си паралела на релјефот со она што се случува со пирамидата во Босна.

 

Теории можат да постојат безброј, сомнежите се оние кои водат кон истражувачките процеси, но она што треба да се потврди останува на професијата. Од тука доколку некој поседува повеќе информации, нека не исконтирактира со цел да ја задоволиме меѓусебната љубопитност.

 

фотографии: Филип Конески (2017-2022)