Означен почеток на Еразмус + проектот ENABLE

 

На 07 и 08 Ноември, 2019 година во Скопје се одржа првиот (kick-off) состанок помеѓу партнерите на проектот ENABLE и со тоа се означи почетокот на овој две годишен проект поддржан преку Еразмус+ програмата на Европската Унија. Состанокот во име на институцијата носител на проектот го отворија ректорот на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, проф. Д-р. Томе Неноски и деканот на Факултетот за Архитектура и Дизајн, проф. Д-р. Мишко Ралев. На состанокот се дискутираа и планираа активностите кои следат, а во текот на вториот ден беше организирана прва студиска посета на градот Прилеп, кој е усвоен како студија на случај во рамките на овој проект

Комплексноста на животната средина во која живееме не условува да размислуваме за нов педагошки пристап и применета методологија особено преку градење на интернационални, компетитивни и креативни соработки, систематска мобилност на знаењето и нејзино вградување во наставните програми. Проектот ENABLE предлага вмрежена наставна програма како академски пристап со кој се предизвикува променливата состојба на контекстот со градење на соработка помеѓу високообразовни институции и истражувачки институти кои заедно со локалната администрација на еден град го оформуваат овој интернационален конзорциум. Структуриран на овој начин, проектот ќе донесе резултати кои ќе бидат иновативни за својата област, но и за географскиот контекст во кој проектот се имплементира.

Во првата фаза на проектот ќе се создаде наставна методологија за одржливи градови користејќи мултидисциплинарен пристап тестиран во форма на вмрежена наставна единица / предмет кој ќе биде инкорпориран во наставните програми на трите високoобразовни институции, партнери во проектот. Овој стратешки пристап ќе ги земе во предвид современите тенденции во полето на одржливостa во архитектурата и урбано планирање на градовите предизвикувајќи ги темите на урбан и економски развој, социјална инклузивност, иновации, културно и природно наследство и туризам.

Процесот содржи две години интернационална и интердисциплинарна соработка помеѓу субјекти од Македонија заедно со други субјекти со седиште во ЕУ (Австрија, Италија и Чешка) кои ќе го комплетираат овој меѓународен конзорциум на високообразовни институции и приватни истражувачки институти. Факултети на трите високообразовни институции (Факултет за архитектура и дизајн при УАКС, Институт за просторно планирање при ТУ Виена и Катедра за архитектура и територија на Медитеранскиот универзитет Реџо Калабрија) ќе се вклучат со наставниот план во форма на редовни или изборни предмет/и во нивните мастер програми, во текот на есенскиот семестар 2020 година. Наставните единици ќе бидат надополнети со искуствата на два други институти партнери во проектот (ИЕГЕ од Скопје и Фондација за партнерства во животната средина од Брно) во форма на предавања или студии на случај.

Временската рамка на проектот ќе биде структурирана преку три главни активности кои ги претставуваат целите на проектот, спроведени во временска рамка од 24 месеци:

  • Истражување и развој на програма / Развој на методологија
  • Спроведување на студиска програма / Есенски семестар 2020 година
  • Синтеза на резултатот / Концепт за одржливи градови преку практикување на мултидисциплинарен пристап

 

 

Целна група на оваа наставна програма се студенти по архитектура (мастер студии) кои се заинтересирани да ги подобрат своите капацитети во полето на одржливото планирање. Доминантно, групата ќе биде составена од студенти кои се веќе запишани на втор циклус на студии на трите партнерски високообразовни институции, меѓутоа оваа програма ќе биде промовирана и надвор од рамките на универзитетите се со цел да привлече и учесници кои се дел од преостанати образовни институции или индивидуалци кои можат да допринесат за што поуспешна имплементација на проектот. Со успешно завршена програма, секој од учесниците ќе добие сертификат за учество на Еразмус+ програма, адекватно акредитиран во рамките на универзитетот од кој доаѓа и кој е признаен од сите партнерски институти и образовни институции учесници во проектот.

 

Градот Прилеп позициониран во карактеристичен југоисточен европски контекст е земен како студија на случај и ќе биде предизвикан од интердисциплинарен и транснационален наставен процес. Со цел да се зајакне капацитетот на оваа платформа за соработка, целокупната администрација и градоначалникот на општина Прилеп се заложија дека ќе направат максимум напори да ја надополнат стратешката цел на проектот и во таа насока го потврдија своето партнерско учеството со официјално писмо за соработка. Главната придобивка од оваа обврзана соработка помеѓу општина Прилеп со меѓународните универзитети и истражувачките институти ќе обезбеди фундаментални стратешки насоки кои ќе бидат основа за секој понатамошен развој на градот и подлога за сите плански документи кои градот во иднина ќе ги подготвува.

 

 

Успешната реализација на проектните активности е важна за учесниците во проектот бидејќи обезбедува мултидисциплинарен едукативен пристап од областа на архитектурата и урбаниот развој и следствено влијае на нивните професионална надоградба, а со самото тоа ќе доведе и до појава на попрогресивни солуции и решенија во контектсот во кој ќе продолжат професионално да се изразуваат. Веруваме дека специфично структурираната наставна програма ќе ги задоволи потребите на студентите, обезбедувајќи флексибилност и иновативни пристапи за испорака на предметот и дека резултатот од овој проект во форма на методолошка анализа и стратешки концепти за одржливи градови ќе биде препознаена од претставници на останати европски градови кои ќе изразат интерес да ја тестираат оваа методологија со цел да генерираат насоки за нивниот иден развој.

 

 

Партнерски организации и личности вклучени во проектот:

 

Факултет за Архитектура и Дизајн, Универзитет Американ Колеџ Скопје

Максим Наумовски, Павел Вељаноски, Виолета Бакалчев, Иван Мирковски

Институт за истражување во животната средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ, Скопје

Ангелина Танева-Вешоска, Ана Томиќ

Институт за просторно планирање при ТУ Виена (Institute of Spatial planning, TU Wien)

Magda Maierhofer, Kerstin Pluch

Катедра за архитектура и територија на Медитеранскиот универзитет Реџо Калабрија (dArte, Mediterranea University, ​​Reggio Calabria)

Marina Tornatora, Благоја Бајковски

Фондација за партнерства во животната средина од Брно (Nadace partnersivi, Brno)

Vaclav Izak

Фотографија: Марија Пецалеска