АКТО 18: Изложба Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?

АКТО 18 ве кани во сабота, на 21 октомври, од 12 часот, на изложбата „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“, во киното на Железничката зграда, која има цел да го демистифицира авторитативниот дискурс за закрепнување од катастрофи што се фокусира исклучиво на зградите – „тули и малтер“ – кои се само физичкиот аспект на градот.

Потпирајќи се на претходното разбирање на архитектурата како метафора на општеството, со „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“ организаторите нè провоцираат со прашањата: „Како да се ангажираат луѓето и нивните заедници за време на природни катастрофи?“, „Каде да се најде солидарност за време на катастрофа?“ и „Што ако отсуствува таков човечки однос?“ Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков беше пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како „феникс“.

Покрај изложбата ќе има и презентација на процесот на работата со студенти како дел од проектот „Градот како сцена“ или изведување на јавниот простор, процес менториран од уметниците Борис Бакал, Миодраг Куч и Филип Јовановски. Проектот е поддржан од програмата за култура на швајцарската амбасада во Скопје.