Ѓорѓи Новаков – Џонгар и архитектонското наследство на црквата “Св. Никола” во Штип

Период: втора половина на XIX век

Година на изведба: 10 мај 1867 година

Локација: Кеј Маршал Тито бр. 1 ,Штип

Архитект: Ѓорѓи Новаков – Џонгар

Насловна фотографија:  историска фотографија од фб група “Штипска носталгија“

XIX век и формирањето на македонскиот архитектонски идентитет

XIX век претставува клучен период за формирањето на македонскиот архитектонски идентитет. Во овој век, особено преку станбената архитектура, се обликуваат идеи што подоцна ќе ја насочат архитектонската теорија. Иако раните истражувања на проф. Сотир Томовски и неавторизираниот ракопис на проф. Душан Грабријан ја дефинираат оваа архитектура како “народна” и “анонимна”, подлабоката анализа открива богата и разновидна архитектонска култура.

Архитектурата од XIX век се развива под силно влијание на општествените, економските и културните промени. Покрај куќите, се градат монументални цркви и се обновуваат манастирски комплекси, кои стануваат важни духовни и културни центри. Слабеењето на отоманската власт и појавата на нова граѓанска класа носат нови просторни концепти, типологии и размери, особено видливи кај трикорабните базилики.

Во овој контекст, XIX век ја дефинира индивидуалноста на авторството, ја афирмира традицијата и современите влијанија, и го поставува темелот за развојот на македонската архитектура како интегрален дел од балканското и европското. Носители на оваа преродба биле мајсторите-градители, меѓу кои се истакнува протомајсторот Ѓорѓи Новаков – Џонгар, чие творештво се одликува со смели конструктивни решенија изведени од природен градежен материјал.

 

Историска фотографија од 1945 година / извор: Wikipedia

Црквата “Св. Никола” во Штип, дело на протомајсторот Ѓорѓи Новаков – Џонгар / извор: https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=109647861 , фотографија од Тоши Трајчев

 

Наследството на Ѓорѓи Новаков Џонгар – трајни архитектонски обележја

Иако биографските податоци за Ѓорѓи Новаков – Џонгар се скудни, неговото творештво го сведочи мајсторството, визијата и амбицијата на еден градител кој успеал да остави неизбришлива трага во црковната архитектура.

Роден во село Папрадиште, Џонгар ја започнал својата кариера како сосед и можен соработник на познатиот Андреја Дамјанов, но својата архитектонска индивидуалност ја потврдува преку големите и амбициозни проекти. Неговиот најзначаен придонес е црквата “Св. Никола” во Штип – трикорабната базилика која го илустрира целокупниот талент на протомајсторот.

 

Црквата “Св. Никола” во Штип / извор: https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=109647861 , фотографија од Рашо

 

 

Џонгар не се ограничил на еден стил или локација. Неговото творештво опфаќа бројни цркви и манастири, како што се:  црквата “Св. Петар и Павле” во Папрадиште, манастирот “Св. Ѓорѓи” во Неготино, црквата “Св. Никола” во Штип, црквата “Св. Илија” во Дојран и многу други, создавајќи препознатлив архитектонски потпис. Неговите градби се резултат на вешто комбинирање на функционалноста со декоративната естетика, прецизност и чувство за пропорција.

Ѓорѓи Новаков – Џонгар не само што ја градел архитектурата, туку и ја потврдил својата позиција како мајстор кој се стремел кон совршенство, чии дела и денес сведочат за неговиот уникатен пристап, визија и трајна вредност во македонската културна историја.

 

Црквата “Св. Никола” во Штип

Црквата “Св. Никола” во Штип е еден од најрепрезентативните сакрални објекти од XIX век, издигната врз темелите на старата Сифиева црква од 1341 година. За ова дело Ѓорѓи Новаков – Џонгар, се инспирирал од градбите на Андреја Дамјанов, особено од црквата “Успение на Пресвета Богородица” во штипско Ново Село. Обновувањето е документирано преку натписната плоча над западниот влез, која сведочи дека црквата била изградена и осветена на 10 мај 1867 година во времето на митрополитот ќустендилски и штипски Игнатија.

 

Западниот влез во црквата со камени релјефи и тематики од христијанска симболика; над порталот натписната плоча / извор: https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=7588421, фотографија од Новица Наков

 

Црквата “Св. Никола” има должина од 30,92 m, ширина 25,19 m и максимална висина 19,30 m. Архитектонски, црквата е трикорабна базилика со три полигонални апсиди, обиколена со тремови од западната, северната и јужната страна, кои на горниот кат преминуваат во галерии. Средишниот кораб е нагласен со три куполи, додека страничните се покриени со полуцилиндрични сводови. Сводната конструкција е дрвена, обликувана во рабиц, малтерисана и живописана, додека периметралните ѕидови се од камен и варов малтер.

 

Технички цртежи / извор: Томовски, К, Наумовски, В. “Протомајсторот Ѓорѓи Новаков – Џонгар: живот и дело”. 2008. Македонска Академија на Науките и Уметностите.

 

Од трите портали на црквата, најрепрезентативен е западниот, со резбарена врата и фигуративна и вегетативна декорација во камен песочник. Внатрешноста плени со живопис на сводовите, фреско-икони на ѕидовите, голем иконостас со икони од Димитар Андонов Папрадишки (1869 г.), фрескоживопис од Костадин Иванов Вангелов и копаничарски дела, меѓу кои се издвојуваат балдахинот во олтарниот дел и владичкиот трон во наосот, изработени во ажурна резба.

 

Детали од црквата “Св. Никола” во Штип  / извор: https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=7588421, фотографии од Новица Наков, Рашо и Кристијан Топалов

 

Во 1990 година, катот од црквата бил претворен во Постојана галерија на икони, во која се изложени богат фонд на уметнички дела од повеќе македонски зографи и мајстори од XVII до почетокот на XX век, како и сакрални предмети, стари печатени книги и обреди.

Со својата монументална форма, раскошна внатрешна декорација и историско значење, црквата “Св. Никола” останува трајно обележје на културното и духовното наследство од XIX век.

 

Континуитет и препознавање на македонскиот архитектонски израз

Истражувањето на македонската архитектура покажува дека нејзините корени се многу подлабоки од XIX век. Составувањето на мозаикот кој го дефинира македонскиот архитектонски израз е сложен процес, често обесхрабруван поради уништување и занемарување на културното наследство, како и од недоволната академска и јавна внимателност.

Делото на Ѓорѓи Новаков – Џонгар е јасен пример за овој континуитет, демонстрирајќи како индивидуалниот мајсторски потфат може да ја отслика традицијата и да го обликува македонскиот архитектонски простор. Истовремено, потсетувајќи дека дефинирањето на македонскиот стилски израз не е само прашање на историска анализа, туку и на препознавање на вредностите на локалната архитектура, која долго време беше маргинализирана и потценувана.

 

Извори:

Томовски, К, Наумовски, В. “Протомајсторот Ѓорѓи Новаков – Џонгар: живот и дело”, 2008, Македонска Академија на Науките и Уметностите – МАНУ.

Национален комитет ИКОМОС Македонија. 2022. “Св. Никола”. Достапно на: https://monitoring.icomos.org.mk/map/churches/418/view

Маедонска Нација. 2011. Соборен Храм „Свети Николај“ – Штип. Достапно на: https://www.mn.mk/index.php/feljton/turizam/kultura/5211-Soboren-Hram-Sveti-Nikolaj-Stip

Википедија. “Црква „Св. Никола“ – Штип. Достапно на: https://mk.wikipedia.org/wiki/Crkva_”Sv._Nikola”_-_Stip

Wikimedia Commons. “St. Nicholas Church (Štip)”. Достапно на: https://commons.wikimedia.org/wiki/Category:St._Nicholas_Church

Брегалничка Епархија. “Храм Свети Николај – Штип”. Достапно на: https://web.archive.org/web/20140221173759/

 

Објавата ја подготви: Марија Трајаноска (соработник на МАРХ)