„Изложбено-дистрибутивен центар со магацин Балканија, Визбегово“ на Синдикат Студио е најуспешното реализирано дело за 2023 година

Авторите на проектот „Изложбено-дистрибутивен центар со магацин Балканија, Визбегово“ ја добија Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2023 година. Наградата на Миа Шириќ, Дејан Секуловски, Илија Божиновски и соработниците Саше Нешиќ и Катина Сутоглу од Студио Синдикат синоќа им ја врачи покровителот, претседателот Стево Пендаровски, а ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).

 

 

На почетокот на свеченоста се обрати претседателот на ААМ, професорот Мишко Ралев:

„Драги колешки и колеги, Ми претставува чест и задоволство да ве поздравам на овој значаен настан на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, доделувањето на Големата годишна награда со што на еден симболичен начин ќе го заокружиме овогодишниот циклус на активности на Асоцијацијата кој беше разноврсен и динамичен.

 

 

И додека годината го троши својот последен здив, ние еве забрефтани се закитуваме со одличјата славејќи ги последните победи кои се очекува да ни обезбедат или барем да ни резервираат место во меморијата. Но сепак, таму ќе има место само за оние чии дела ќе ги задоволат не сегашните туку идните генерации на корисници. И затоа не е важно што ќе извлечеме од шеширот, и зајакот и белиот гулаб, но и картите кои посакуваат еден ден да бидат асови од ракав и бесконечната свилена марама сепак го делат истиот шешир без разлика кој ќе добие поголем аплауз.

 

 

Сите потекнуваат и се враќаат во него. Па така, со сета почит кон годината што изминува во која се реинсталираше еквилибрумот на опшествените случувања и јавните настани, при што конечно ги одржавме пропуштените биеналиња, ги славевме 11 години од постоењето на Комората, а и 71 година од постоењето на Асоцијацијата, се боревме и се бориме за името во Меѓународната унија на архитекти каде славиме 30 годишно членување, расправајќи во таквиот форум за останување или не на Руската унија или дали да се учествува на изложба во земји под санкции, така што не би рекол дека сме „аполитична асоцијација на безгрижни архитектонски творци“ како што не нарече еден наш колега, секако во состојба на непознавање на нашите активности, чекаме во новата година да отвориме нови прашања на кои ќе се обидеме да дадеме професионални и прифатливи одговори. И сега повторно ми се навраќаат кажувањата на еден посебен современ мислител Фредерик Бегдебе од неговата книга „399“: „..Се најдов среде машинерија која голташе се на својот пат, и никогаш не претендирав дека оттаму ќе излезам неоштетен. На сите страни го барав лицето кое би имало доволно моќ да го промени светот, се до денот кога сфатив дека тоа можеби сум јас…“

 

 

Пред да се додели наградата, претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски меѓудругото истакна: „Живееме во комплексни времиња на простор каде што не е лесно да се твори, имајќи предвид дека архитектите чувствуваат притисок од инвеститорите, за жал, некогаш и од носителите на јавни функции, а модерната, бескрупулозна трка за профит го игнорира естетското и хуманото.

 

 

Во опкружување каде што предност добива инстантното и каде што доминира кичот, предизвикот да се направи успешно и естетско издржано дело кое ќе го издржи тестот на времето е уште потежок. Со доделувањето на Големата годишна награда, каде што се презентираат највредните архитектонските остварувања во тековната година, како и со своите останати активности, Асоцијацијата на архитекти придонесува за промоција на македонската архитектура и за соодветно, јавно вреднување на дострелите на македонските архитекти“

 

 

Насловно фото: Facebook страна на Претседателот Стево Пендаровски

Фото: Борис Јурмовски