Градски Трговски Центар, Скопје / 1973

Година на изведба: 1969-73

Проектанти: Арсовски Тихомир, Гелевски Живко,чо Димитров Димитар, Колев Благоја, Лаловиќ Радомир, Маркова Лидија, Поповски Живко, Андреевски Блажо

Соработници: Крстев Драган, Христовски Панта, Атанацковиќ Добрила, Николова Душица, Силјановска Стевка, Станков Панче, Стојкова Љубица

Локација: Кеј 13ти Ноември, Скопје

Фотографии: Борис Јурмовски – фотогалерија ГТЦ, Филип Куновски – фотогалерија ГТЦ

 

Градскиот трговски центар во Скопје е тема на бројни анализи, проекти и ставови кои сме ги споделиле на нашата платформа. Во оваа објава се навраќаме на историјата на неговата изградба и основниот дизајн. Ова архитектонско ремек-дело, создадено од различни тимови архитекти, инженери и изведувачи, претставува вистински пример за високото ниво на професионалност и соработка што преовладуваше во периодот на постземјотресната обнова.

 

 

Историска фотографија / извор: книга „Градски Трговски Центар Скопје“, Арсовски Т., Гаврилски Г., Трајков С.,  1981 г. 

 

 

По земјотресот во 1963 година, новиот урбанистички план предвидува изградба на нов комерцијален центар во срцето на градот. Целта е да се сместат и комерцијални и деловни простори, кои значително недостасуваат во Скопје по уривањето во земјотресот. Покрај тоа, центарот треба да функционира и на регионално ниво, каде што, по урбанизацијата, интересот и потребите на потрошувачите значително растат.

 

 

Сообраќајна шема од деветтата варијанта од планот за постземјотресна реконструкција на центарот на Скопје / студентска анализа -Т. Михајловска, М. Николиќ

 

 

Во почетокот на 1967-ма година е распишан Општ југословенски конкурс за изработка на идејно решение за Градскиот трговски центар. Од 23-те добиени елаборати, четири се наградени — два со втора награда, еден со трета и еден со четврта награда.

Меѓу второнаградените трудови е и проектот на архитектот Живко Поповски, кој подоцна продолжува да го разработува идејниот проект заедно со голема група на локални архитекти. Процесот е предводен од различни институции: Завод за урбанизам и архитектура на град Скопје, Институт за студии и проектирање „Бетон“ – Скопје и Проектантската организација „Македонија-проект“.

 

Макета на конкурсниот проект „0007“ од тимот предводен од Живко Поповски / извор: книга „Градски Трговски Центар Скопје“, Арсовски Т., Гаврилски Г., Трајков С.,  1981 г. 

 

Макета на идејниот проект / извор: книга „Градски Трговски Центар Скопје“, Арсовски Т., Гаврилски Г., Трајков С.,  1981 г. 

 

 

Изградбата започнува во октомври 1969 година, кога проектот е поделен на засебни зони, секоја со свој тим проектанти и инженери. Резултатот е комплекс од 161.250 m², од кои:

  • Градски трговски центар – 142.972 m²
  • Анекси – 3.232 m²
  • Станбени кули – 15.044 m²
  • Деловен простор – 6.009 m²
  • 118 станови – 9.035 m²

Настрана на изградбата на новите структури, се одвива адпатација на солитерите, реконструкција на кејот и новиот парк Жена.

Оригинално, објектот бил планиран со армирано-бетонска конструкција, но подоцна е променет во челичен систем, кој овозможува непречено водење на инсталациите низ конструктивните висини на носачите. Подрумот е изведен од армиран бетон, а погорните нивоа се со систем од челични столбови и греди, покриени со монтажни носечки Тисан-лимови.

Објектот има рамни кровови кои не се ставаат во употреба по оригиналната фаза на изградба. Во 2019 година, дел од нивото +2 конечно доби и зелен кров, кој кратко подоцна почна да пропаѓа од негрижа.

 

 

Фотографија од ГТЦ во изградба – подрумски нивоа од АБ

 

 

Фотографија од ГТЦ во изградба – челична конструкција / извор: книга „Градски Трговски Центар Скопје“, Арсовски Т., Гаврилски Г., Трајков С.,  1981 г. 

 

 

Волумените на различните програми се нижат по главната урбанистичка оска, која се развива паралелно на реката Вардар во насока исток–запад. Архитектонскиот јазик се формира околу шест главни јадра, поврзани со покриени пасарели, кои кон надвор се трансформираат во отворени тераси, скали и рампи.

Системот на движење е еден од главните акценти — сите типови на корисници на просторот имаат јасни, посебни оски кои не се преклопуваат. Градскиот трговски центар го манифестира концептот на ориентален базар, но во затворен простор: главната пешачка улица е нижиена со продавници и нуди различни начини на движење, корисни за сите минувачи низ градот.

 

 

 

Шема на можни патеки на движење помеѓу точка А и Б / студентска анализа – С. Нешиќ, И. Ристовски, Н. Чаусидис

 

 

Аксонометрија на патеки на движење на посетителите / студентска анализа – С. Нешиќ, И. Ристовски, Н. Чаусидис

 

 

Влезовите се секогаш отворени, дозволувајќи спонтано минување и генерирање на голема фреквенција низ комерцијалниот простор. Излозите ги привлекуваат минувачите, без разлика дали дошле за пазарење, за да се засолнат од дожд или сонце, или за да посетат ресторан. Објектот исто така овозможува пристап за стотици жители кои живеат во солитерите. Пасарелите се опремени со клупи, жардињери и киосци, со идеја објектот да служи и одмор, лесни прошетки и визуелна рекреација.

Вертикалните комуникации кон паркот имаат и функционална но и скилптурална улога. Рампите овозможуваат пристап за сите корисници, додека со своите отврои-очи донекаде потсетуваат и на традиционални етно мотиви.

 

 

Фотографија од денешна состојба / Б. Јурмовски

 

 

Отворените тераси биле планирани како дел од поголемата идеја за пешачки мостови кон Градската порта-Железничка станица, како што било предвидено во проектот на Кензо Танге.

Колскиот пристап додава уште еден слој на комплексност: на ниво -1 има отворена улица со мостови над неа, овозможувајќи пристап на автобуси во самиот објект.

 

Пресек и програмска анализа / извор: книга „Градски Трговски Центар Скопје“, Арсовски Т., Гаврилски Г., Трајков С.,  1981 г. 

 

Фотографија од денешна состојба / Б. Јурмовски

 

 

На оваа улица се и колските влезови, од кои првиот е за техничките зони кои се развиваат на ниво -1 во мрежа од складишта и технички јадра кои го овозможуваат дотурот и функционирањето на комплексот.

Вториот влез од оваа подземна улица е за паркингот за посетители кој се развива на нивото –2.

 

 

Анализа на движење за дотур на роба, ниво -1  /  студентска анализа – С. Нешиќ, И. Ристовски, Н. Чаусидис

 

Аксонометрија на движење на роба и технички јадра / студентска анализа – С. Нешиќ, И. Ристовски, Н. Чаусидис

 

 

Фотографии од скалдиштата и техничките лифтови за дотур на роба

 

 

Во децениите по неговата изградба, ГТЦ станува навистина повеќе од комерцијален простор. Зоната кон Жена-парк, а посебно делот „Пред Ванила“ е едно од најактивните социјални места во градот, каде се собира и гради младата скопска класа. Низ годините во објектот се сместуваат култни локални бизниси и културни простори како „Џино“, „Мусандра“, Кино „Милениум“, „Југотон“ и други.

 

 

Историска фотографија од собиранка пред Ванила / извор: книга „Градски Трговски Центар Скопје“, Арсовски Т., Гаврилски Г., Трајков С.,  1981 г. 

 

 

Во 2014 година, движењето „Го сакам ГТЦ“ успеа да спречи реновација и затворање со барокна фасада, што останува редок и исклучителен пример на обединување за заштита на локалната архитектура. Неколку години подоцна неговата подземна улица беше трансформирана во еден вид на галерија на отворено. 

 

 

Фотографија од протестите „Го сакам ГТЦ“ / извор: www.gosakamgtc.blogspot.com

 

 

Иако денес објектот се соочува со запуштеност и бројни предизвици, тој и понатаму успева да ги врши своите основни функции и да остане важен дел од градската сцена. Потенцијалот за негово оживување е сè уште присутен, а надежта за целосно враќање на неговиот оригинален сјај и современо вреднување секогаш ќе остане жива меѓу граѓаните и љубителите на архитектурата.

 

 

Фотографија од денешна состојба / Б. Јурмовски

 

 

Технички цртежи / извор: книга „Градски Трговски Центар Скопје“, Арсовски Т., Гаврилски Г., Трајков С.,  1981 г. 

 

 

Извори: