Хотел „Метропол“, Охрид / 1975
11.04.2025 • ХХ век / II половина

Година: 1975
Автори: Димитар Зарчев, Викторија Зарчева
Извори: „Архитектурата во Македонија 1969-1989“, Александар Кочишки
Локација: Охрид
На кружниот езерски пат Охрид – Свети Наум, на крајот на хотелската населба Свети Стефан, во 1975 година е изграден еден од најголемите и најрепрезентативните туристички капацитети на охридската ривиера, хотелот „Метропол“.

Архитектонскиот пристап е резвиван надвор од дотогаш познатите шеми, со модерен израз и со потенцирани тектонски структури. Со „вештиот распоред на масите зградата е, „легната“ на теренот и успешно ја следи благата падина. Хотелот располага со 440 легла распоредени во пет етажи од кои е формиран и основниот волумен. Другата пребогата содржина е распоредена во приземјето и во првите две етажи кои излегуваат од границите на основниот габарит. Во нив свој простор најдоа неколку ресторански сали со исфрлени пространи тераси, зимскиот базен со сауна, денсинг-бар, куглана и низа други содржини што му овозможуваат на гостинот пријатен и забавно-рекреативен престој во хотел со високи сместувачки и услужни можности.
Објектот располага со сопствена уредена плажа со тунелски пристап и неколку спортско-рекреативни игралишта, сите втопени во живописно сценарио од висока вегетација и цветно зелени оази.

На транспарентноста на првите три ката како контрапункт стои основниот хотелски волумен со разбранувана пластика. По вертикала контролирано и најизменично се менуваат белите балконски огради и темните хоризонтали на прозорските портали.
Главното архитектонско платно кон езерото е обликувано со хармоничен ритам на полни полукружни огради со кои основниот геометризиран волумен доби нови ликовно-просторни вредности. Креативните напори на проектантите се продолжени и во ентериерната обработка со која се збогатени и вредностите на вкупниот архитектонски чин.

Текстот е во целост пренесен од изворот.

Автор на статија: Martina Shteriova
Архитектурата во Македонија / Викторија Зарчева / Димитар Зарчев / Охрид / Хотел „Метропол“