Хотел Палас, Охрид / Михевц, 1958
24.11.2023 • ХХ век / II половина
Локација: кеј “Македонија”, Охрид
Автор: Едо Михевц
Ентериер: Олга Русанова во соработка со Едо Михевц
Година на изведба: 1958
Извор: архитектонска анализа на Ангела Лековска, дел од магистерскиот труд Откривањето на заборавениот туризам: Архитектурата на хотели и одморалишта во Социјалистичка Македонија; студентски проект на Јане Стојаноски, Подмладување: хотел „Палас“-Охрид; студентско истражување на Стефан Жупан.
Фотографии од денешна состојба: доколку не е поинаку наведено, сите фотографии се под авторство на А. Лековска / Засебна фотогалерија под авторсто на МАРХ
На само неколку чекори од историското јадро на Охрид, монолитниот габарит на Хотел Палас го означува почетокот на модерниот град.
Иако неговата изградба на времето била донекаде контроверзна, тој речиси 50 години важел за еден од најелитните комплекси на езерското крајбрежје. Без разлика што денес е надвор од употреба, оваа модернистичка архитектура сѐ уште е силно врежана во урбаната меморија на овој град.
Хотелот е изграден во средината 20-от век, кога југословенската држава го препознава туризмот како катализатор за модернизација на државата. Охрид претставува важен туристички центар на кој му недостасува инфраструктура и архитектура кои би ги промовирале вредностите и идеологиите на новите времиња.
Во овој период се планира „новиот Охрид“, кој го остава историското јадро на страна и се шири на југо-исток покрај брегот на езерото. Една од главните негови инфраструктури е нова пешачка патека долж крајбрежјето, чија прва точка би бил модернистички хотел како симбол на новата ера.
Празен простор имало, донекаде… Предвидената зона била неизградена на север, но на југ, долж езерото, веќе имало неколку куќи и два хотели – Белви и Турист. Овој контекст се замерува, парцелите се зимаат во државна сопственост и зоната почнува да се планира како табула раса.
Во пред план – хотел Белви (денес не постои), позади – Хотел Палас во изградба / извор: Архрид – архива на Благоја Кичеец
Локацијата пред и по изградбата на хотел Палас / извор: лево – www.delcampe.net / десно: Minić, O., (1958). Novo i Staro na Ohridu, Čovjek i Prostor, 79 (p. 3)
Словенскиот архитект Едо Михевц ја добива задачата тука да дизајнира модерен споменик на југословенскиот туризам. Тој планира чист монолитен блок поставен кон крајот на парцелата, со изобилие на празен прoстор према езерското шеталиште, отворајќи чисти визури од и кон објектот.
Самиот проект буди низа реакции, поради тоа што предвидува рушење на двата постари хотели и неколку куќи, но и поради големиот размерот кој драстично отскокнува од филигрански исткаеното историско јадро.
Фотографии од изградбата / извор: Архрид – архива на Благоја Кичеец
Изградбата завршува во 1957г. и Хотел Палас почнува да функционира како елитен хотел, каде за време на своите посети престојувал и Јосип Броз Тито. Во 1980-те објектот претрпува низа измени и доградби.
Историски фотографии / извор: www.delcampe.net, www.ohrid1.com и www.okno.mk
При крајот на 20-от век хотелот влегува во комплициран процес на приватизација, а во 2001г. официјално престанува да функционира. Откако се шират најави за негово демолирање, во 2016 објектот конечно се заштитува и прогласува како културно наследство. Сепка тоа не ја менува неговата физичка состојба. Без разлика на иницијативите за негово реновирање, тој веќе дваесетина година полека се распаѓа.
ПРОГРАМСКА ДИСТРИБУЦИЈА
Дизајнот на хотелот е целосно во јазикот на модернизмот во архитектурата. Програмата ја диктира формата, која се истакнува со функционалност, рационалност и чиста геометрија.
Комплексот вклучува три блока:
- Главна ламела: сместувачки единици, ресторан, кујна и администрација
- Источен блок: летен ресторан
- Западен блок: забавни активности
Аксонометриски приказ и програмска дистрибуција / извор: Архрид
Главната ламела е поставена кон крајот на парцелата паралелно на заливот и шеталиштето. Објектот е изграден од масовен конструктивен систем и има висина од приземје + 5 ката.
Официјалниот влез е од северната фасада, каде има соодветен пристап за автомобили и паркинг. Главните врати водат кон влезната сала со двојна висина од каде веднаш се отвораат визури кон езерото. Тука се рецепцијата и вертикалните комуникации, лево е ресторанот, а десно се административните простории.
Поглед кон главната влезна партија која излегува на ул. Партизанска / фото: Архрид
План на приземје / извор: А. Лековска, Откривањето на заборавениот туризам
Над приземјето се редат четирите катови со идентичен концепт – централен коридор со хотелски соби кон југ и кон север. Собите кон југ имаат своја бања, тераса и поглед на езерото, додека тие кон север се поскромни и имаат заеднички санитарии.
Централниот дел на секој кат е отворен и функционира како заеднички простории.
На петтиот кат се наоѓаат шест двокреветни соби со бањи, кои се ориентирани према север, а јужниот дел е концептуално решен како отворена тераса со поглед према езерото.
Во подрумот се сместени економските простории, магацини и котлара.
Јужна фасада и план на карактеристичен кат / извор: А. Лековска, Откривањето на заборавениот туризам
Источниот блок е изграден со висина од подрум и приземје. Во склоп на ресторанот во приземјето се наоѓа и кујната, а во подрумот се магацинските простории.
Западниот блок е со висина од приземје и кат, и има голема тераса со поглед кон езерото. Овој простор е предвиден да функционира засебно од хотелот како ноќен бар или диско клуб, затоа има и засебен влез од самото шеталиште. Внатре содржи отворен простор со две висини, со галерија на катот и пропратни простории како гардероби, тоалети, магацини и сл.
Програмска дистрибуција по катови / извор: А. Лековска, Откривањето на заборавениот туризам
Спојот поемеѓу главната ламела и источниот блок
Поглед кон западниот блок
ПАРТЕРНО УРЕДУВАЊЕ
Главната ламела е повлечена од езерото, формирајќи градина која се отвора кон заливот. Со цел да се истакне објектите да се одвојат од уличната кота и нивниот размер дополнително да се истакне, тие се подигнати на камена платформа.
Аксонометриски приказ на четирите нивоа на партерот / извор: Архрид
Во оваа платформа се сместени подрумите кои неколку метри штрчат над нултата кота. Нивните ѕидови речиси немаат прозорци и се обработени со истиот камен како преградите низ партерното решение. Така сите вертикали низ градината создаваат униформна пејзажна композиција, која се стои од низа платформи и тераси поврзани со скалила.
Попречен пресек низ целата парцела / извор: А. Лековска, Откривањето на заборавениот туризам
Клучен елемент на пејзажното уредување се столбовите и греди кои дефинираат зони во овој отворениот простор. Иако овие архитектонски елементи денес се во многу лоша состојба, тие сѐ уште придонесуваат кон монументалноста на објект и продолжуваат да ги примамуваат минувачите да го истражат овој полузаборавен простор.
НАДВОРЕШЕН ИЗГЛЕД
Фасадата на хотелот ја истакнува едноставноста на структурата, нејзините хоризонталните и вертикалните линии интуитивно ја рефлектираат внатрешноста.
Северна фасада / фото: Архрид
Јужната фасада на главната ламела е отворена мрежа од тераси кои се идентични за секоја соба, меѓу кои отскокнуваат големите прозори на лобито и на заедничките простори. Круната на фасадата е заедничката тераса на последното ниво.
Оваа едноставност е дополнително нагласена преку контрастот помеѓу фасадниот материјал на катовите и тој на платформата. Долната партија и партерот се изработни од локален камен со потемна, беж-кафеава боја, кој се карактеризира со голема тродимензионалност и пооргански форми. Приземјето и горните катови се обложени од мермерни плочи изработени од прилепскиот камен „сивец“, споени со минимални рабови за да создадат една униформирана бела фасада.
Јужна фасада – денешна состојба
Ѕидот на летниот ресторан во источниот блок добива посебен дизајнерски пристап. Најпрвин тој добива полукружна форма и стреа, што донекаде го претвора во сцена на отворено. Оваа вертикална сферична површина е прошарана со керамички кругови во различни бои кои даваат исклучително интересен ефект.
Западен ѕид на летниот ресторан / фото: Б. Јурмовски
ВНАТРЕШЕН ИЗГЛЕД
Рационалниот екстериер е во силен контраст со богатиот декор на неговите внатрешни простори. Ваквото уредување на ентериерите е карактеристично за социјалистичката хотелска идеологија на дизајн кој ги нагласува локалните материјали, талентот и вредноста на регионот.
Историски фотографии од енетериерот / извор: лево – Ј.Стојановски, Подмладување: хотел „Палас“-Охрид ; десно – www.okno.mk
Фоајето го красат низа кружните столбови кои се обложена со мозаици од црни, сиви и кафени камења. Употреба на различни бои е намерна – двојните столбови или тие со двојна висина се обработени во светол камен за визуелно да се намали тежината на структурата.
Централен архитектонски елемент се еднокраките скали кои го поврзува приземјето со првиот кат, и се целосно покриени со црни мозаик.
Ентериерот го следат низа заоблени ќошеви како на меѓукатната плоча на галеријата од фоајето, или пак рабовите на спуштените тавани.
Фотографии од ентериерот – денешна состојба
Играта на бои се проткајува низ плафоните, ѕидови и мебелот, а продолжува и низ ентериерот на ресторанот.
Уште еден од ѕид, овој пат на внатрешноста, добива посебен третман со керамички кругови во различни бои. Веднаш до него, надворешниот ѕид има низа длабоки отвори со различни големи, кои потсетуваа на прозорците на црквата Роншамп на Ле Корбизје.
Фотографии од ентериерот – денешна состојба / извор: студентско истражување на Стефан Жупан
ИЗМЕНИ
Во текот на 1980-тите при фаза на реновација и доградба, објектот трпи промени на оригиналните архитектура.
Така терасата на покривот целосно се затвора и претворена во друго ниво на сместувачки единици, со една долга предна тераса поделена со прегради.
Измени има и на централниот дел на фасадата кај заедничките простории за секој кат, каде се додаваат плочи за тераси.
Покрај тоа, додаден е уште еден дел, прикачен на источниот летен ресторан, кој претставува најдрастична трансформација. Современото решение употребува стакло и алуминиум кои во голема мера се спротивставуваат на безвременоста и тежината на оригиналната модернистичка структура.
Аксонометриски приказ на измените од 1980-те / извор: А. Лековска, Откривањето на заборавениот туризам
Јужната фасада, некогаш и денес / извор: www.publicitet.mk
Историска фотографија од кровната тераса која денес е затворена / извор: Архрид – архива на Благоја Кичеец
ХОТЕЛ ПАЛАС КАКО АРХИТЕКТОНСКИ СПОМЕНИК
Некогаш грандиозниот хотел Палас, симбол на новина, модерност и раст, денес постои само како реликвија на заборавеното минато. Откако беше затворен пред две децении, архитектурата полека стана трошна, бидејќи времето ја презеде зградата.
Иако тој денес е заштитено културно наследство, сепак останува заглавен во времето, бидејќи недостатокот на одржување и интерес за негово обновување се повеќе влијае на неговата напуштена состојба.
Панорамски поглед од терасите на последниот кат – денешна состојба / извор: Архрид
Денес, хотелот е историска знаменитост, сместен во срцето на новиот град Охрид. Честопати е точка на дискусија меѓу архитектонската фела општо за третманот на модернистичкото архитектонско наследство и непознатата иднина на ваквите заборавени споменици.
Светлата страна е дека објектот е заштитен, а Охрид се повеќе се развива како интернационален туристички центар. Се надевам дека неговата поволна локација и впечатлива архитектура ќе придонесат на евентуално оживување, макар и во некоја хибридна форма.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Едо Михевц / Модерна Архитектура / Модернизам / Олга Русанова / Охрид / туристички објекти / хотел / хотел палас