Хотел Европа, Отешево / Банишки, Павлеска, 1987

Автори: Ѓорѓи Банишки, Павлеска

Фирма: ГП „Мавровопроект“

Година на изведба: 1987

Локација: Отешево, покрај Преспанското Езеро

Извор:  архитектонска анализа на Ангела Лековска, дел од магистерскиот труд  Откривањето на заборавениот туризам: Архитектурата на хотели и одморалишта во Социјалистичка Македонија

Фотографии и технички цртежи:  доколку не е поинаку наведено, сите материјали потекнуваат од гореспоменатиот извор

 

Туристичката населба Отешево постои од 1948-та година, кога тука е изградено првото одморалиште во СР Македонија. Населбата се наоѓа на западниот брег на Преспанското Езеро, на падините на планината Галичица, во топографија која е совршена за поливалентен туризам. Езерото овозможува летна рекреација и риболов, а високиот квалитет на планинскиот воздух е погоден за рехабилитација од респираторни заболувања. Со изградба на ски-лифтовите на Галичица се развива и можноста за зимски спортови.

 

 

 

Документарен филм за туризмот во Преспа / МРТ архива

 

 

 

Покрај туристичката понуда, Отешево има и историско значење. Тука во 1943г. е одржано Преспанско советување на ЦК на КПМ, настан кој е предвесник на заседанието во АСНОМ и формирањето на Народното Собрание на Македонија. Овој настан е значаен дел од тогашната југословенска програма на градење на националниот идентитет, која се надополнува и со едукативен споменик од бруталистичкиот стил, дело на Јордан Грабул и Боро Јосифовски.

 

 

 

Споменик на Преспанското советување, Јордан Грабул и Боро Јосифовски / извор: www.spomenikdatabase.org

 

 

 

Со развојот на туризмот почна да се зголемува и бројот на посетители, па затоа во 1987г. се гради нов хотел со поголем капацитет. Новата структура е позиционирана на стрмен рид, како лепенка на веќе постоечкиот Хотел Југославија.

Новиот хотел Европа е грандиозен комплекс,  кој покрај сместувачките капаците вклучува и богата функционална програма, огромни колективни простори, тераси и сложено партерно уредување.

 

 

 

Хотелот во неговиот поширок контекст: 1. Хотел Европа; 2. Хотел Југославија; 3. Влезна капија; 4. Споменик на Преспанското советување; 5, Центар за рехабилитација; 6. Авто-камп Отешево

 

 

 

Историска фотографија од Хотел Европа

 

 

 

Хотелот функционира до пожарот во 2005, кој ги опфаќа и сериозно ги оштетува зградите на двата хотели, Европа и Југославија. Поради различни правни фактори и едноставно недостаток на интерес, комплексот никогаш не е поправен и со текот на времето целосно остануваат во заборав.

Во наредните години се случуваат низа кражби при кои не се вади само мебелот, туку и завршните материјали, како ѕидните и подните плочки, стаклото, прозорските рамки, па дури и дрвените тавани. Денес останува само основната структура која потсетува за некогашниот живот на туристичкиот комплекс.

 

 

 

Фотографија од денешната состојба на Хотел Европа / извор: www.atlasobscura.com

 

 

 

АРХИТЕКТОНСКИ ЈАЗИК

Архитектите Банишки и Павлеска се инспирираат од постојната зграда на Хотел Југославија, и користат слични форми при дизајнирањето на новата архитектура. Програмската поделба ја следи геометријата на габаритите, во полукружните сегменти се позиционирани сместувачките капацитети, а во правоаголните волумени се колективните намени.

 

 

 

 

 

 

Нерамниот терен е основниот елемент за архитектонскиот дизајн, кој се фокусира на создавање на драматичен ефект врз посетителот. Главниот пат и пристап до хотелот е на петтото ниво, така што на прв поглед се гледаат само три ката од вкупната висина и зградата изгледа релативно компактно и ниско. Меѓутоа, при пристапување во приватните соби се отвараат погледи на спротивната страна од објектот. Полукружниот волумен ја открива неговата вкупна висина од осум ката во драматична експлозија на бетонски балконски конфигурации.

 

 

 

 

 

 

ПРОГРАМСКА ДИСТРИБУЦИЈА

Внатрешниот распоред на програмите создава истражувачко и изненадувачко искуство за посетителот. На пример, во повеќето хотели од овој период езерото или морето биле видливи од самиот влез. Меѓутоа, во хотел Европа, по влезната сала и рецепцијата, посетителот може да следи различни насоки кои се разгрануваат од овој централен простор:

  • следејќи ја правата оска се пристапува до лифтовите и главните скали кои водат до горните и долните катови кои ги содржат хотелските соби
  • од десната страна има голем простор за одмор (lounge) со целосно застаклена фасада и прекрасен поглед на околната шума;
  • од левата страна внатрешниот простор полека се спушта и отвора поглед кон колективните програми, ресторанот, баровите и уште простори за одмор. Ентериерите се исполнети со природна средина се ориентираат кон терасата од платформи која е позиционирана на самата карпа;

 

 

Oснова на приземно ниво – петти кат 

Основа на прво ниво – шести кат

 

Попречен пресек

 

 

 

Главниот влез на хотелот се наоѓа на петти кат, а на истото ниво се наоѓаат и сервисните влезови кои водат до кујната.

Освен гореспоменатите ресторан и барови, објектот содржи и други заеднички простори како куглана, банкет сала и ноќен клуб. На двете најгорни нивоа среќаваме и две кровни тераси со поглед кон езерото.

 

 

 

ПАРТЕРНО УРЕДУВАЊЕ

Надворешните тераси започнува започнуваат од ресторанот и преку низа платформи се спуштаат надолу по стрмниот терен. Движењето се протега на одредени точки за да формира поголеми платформи со седишта создадени од истиот локален камен. Материјализацијата на камењата и платформите изгледаат како да се издлабени од карпата, а со тоа и архитектурата органски се поврзува со околниот пејзаж.

Конечно, скалите се спуштаат до центарот на заоблениот волумен на самиот хотел. Овој отворен простор вклучува градина и мал аудиториум, како и надворешни скалили за побрз пристап до вториот кат од хотелот. Од овој отворен плоштад, системот на скали и платформи продолжува да се спушта надолу кон езерото, каде се наоѓаат летниот бар и плажата.

 

 

 

 

 

 

НАДВОРЕШЕН ИЗГЛЕД

Поради особеноста на сложената архитектонска форма, објектот се стекнува различни фасади кои истакнуваат различни елементи, а сепак работат во уникатна систем.

Северозападната фасаде каде што се наоѓа главниот влез открива само мал дел од објектот, каде најзабележителен елемент е централното испакнато волумен кој го содржи вертикалното комуникациско јадро. Оригинално самиот влез бил истакнат со метална конструкција со покривка од заоблено црвено стакло, кое повеќе не постои.

Од другата страна, јужната фасада го создржи заоблениот блок за сместување и има многу поизразен и поартикулиран архитектонски јазик. Воочуваме ритмичката игра на испакнатите балкони со силни бруталистички мотиви низ дијагоналните поделби, вертикалните парапети  испакнатини и бетонските жардињери. Секоја соба има одредено ниво на приватност непрекинат поглед на езерото.

 

 

 

 

 

 

Архитектурата полека навлегува во закосениот рид како што се зголемува бројот на катови од долните кон горните катови. Тука на источната страна се формира трета, сосема поинаква фасада, каде заедничките површини со големи тераси се отвараат кон езерото.

 

 

 

 

 

 

СТИЛСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Апстрахирана имплементација на регионални елементи може да се забележат низ целата зграда, но најмногу на третата – источната фасада. Оваа фасада е нагласена со четири испакнати правоаголни тераси како и четири испакнати накосени покриви. Во горната партија е позиционирана покриената кровна тераса, која концептуално е слична на традиционалниот „чардак“.

Овој интересен ритам, заедно со црвените ќерамиди на кровот, донекаде потсетуваат на традиционалната македонска архитектура, но сепак, поради самиот размер и големи отвори, објектот останува длабоко модерен.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ХОТЕЛОТ ЕВРОПА КАКО АРХИТЕКТОНСКИ СПОМЕНИК

Хотелот Европа е парче туристичка архитектура од доцните фази на социјализмот, а изграден веднаш до првото дизајнирано одморалиште во социјалистичка Македонија. Тој укажива на пикот на туристичката населба Отешево, која откако континуирано ги исполнуваше своите хотели и павилјони со домашни и меѓународни туристи, има толку надеж и аспирации да изградии нов хотел од вакви огромни димензии.

Напуштањето на овој грандиозен објект претставува поетски крај на приказната за туристичкиот сјај на Преспанскиот регионот. Од десетиците згради кои некогаш постоеа во рамки на оваа населба, денес во функција се само кампингот и центарот за рехабилитација.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Денес хотелите Европа и Југославија се целосно напуштени и деградини. Тие служат како споменици на претераниот оптимизам на предходниот век, како и на недостатокот на моќ и интерес при зачувување на нашето архитектонсо наследство.

За да продолжиме со развојот на туристичките зони во земјта, неопходно е да ги препознаеме успесите и грешките од минатото. Хотелот Европа е пример за успешно препознавање на потенцијалите на контекстот, како и на органско поврзување на архитектурата со околната топографија. Но нажалост, модернистичкото планирање на туристички комплекси од вакви размери, на „off grid“ локации, се покажа како тешко одржлив модел, кој е сериозно деструктувен за околната природа.

 

 

 

 

 

 

Но, по сите трагедии, Хотел Европа сепак не е целосно заборавен. Денес објектот привлекува една специфична група на посетители – авантуристи кои се во потрага по убавината на руините. Неа јасно ја гледаме на фотографиите од моменталната состојба, што ни укажува дека вредноста на овој објект не е целосно исчезната. Соголената карабина на хотелот, ќе остане на брегот на Преспанското Езеро уште долги години, што остава можност за поинаков крај на оваа приказна.