Хотелите на Скопје од меѓувоениот период тонат во заборав

Скопје е специфичен град од многу аспекти. Особено се разликува од останатите европски градови, во недостатокот на еклектиката и класичните стилови на архитектура, кои ги губи во земјотресот. Грешката е секако во евалуацијата на тие вредности кои не се препознаа во обновата на градот кога напливот на модернизмот беше пресилен.

Специфично е Скопје, и по својот однос и кон тоа што сепак остана – едноставно го заборава, го остава на времето да го деградира и летаргичната политика да го девастира. Не знам дали  постои град кој во последните 100 години толку многу го менува својот лик, газејќи ги слоевите помеѓу?!

Во денешната објава, зборуваме за скопските хотели кои опстојуваат сеуште. Тоа се Хотелот „Бристол“ на улица „Македонија“ и хотелот „Јадран“ на улица „Никола Кљусев“, кои несватливо во напливот на изградба на сместувачки капацитети во Скопје не го најдоа своето место во дејноста.

 

Хотелот Бристол денес

 

Хотелот „Бристол“ е подигнат во 1923 година и се вели дека е најстариот сочуван објект во Скопје со таа намена.  Го подигнале Браќата Атанас (Ташко) и Ристо Караџа, познати скопски трговци, а свечено го пуштиле во употреба на 24 април, 1924 година. Во непосредна близина на Железничката станица тој претставувал вистинско место за престој и забава. Во  него функционирал и првиот Ротари клуб од 1931 година.

 

Оревот во дворот на хотелот Бристол

 

Архивски фотографии

 

„Хотел „Јадран“ е сместен во централниот ринг на градот Скопје, опкружен со стаклените фасади на модерните деловни објекти од малиот плоштад кој и го носи неговото име – сквер Јадран. Но, многу години пред да биде хотел или воопшто да го добие името „Јадран“, овој објект бил познат како „Арапска куќа“

 

Хотелот Јадран денес

 

Оваа градба е завршена во 1938 год. како сопственост на браќата Дикиџијан кои биле трговци со ерменско потекло познати по производството на свилени шамии во Скопје. Градската легенда вели дека Агоп Дикиџијан ја гради оваа вила како подарок за својата невеста Агавни. Таа е дело на архитекот Иван Артемушкин – руски имигрант кој има техничко биро во Скопје и кон средината на 20-от век проектира голем број на станбени објекти. Повеќето негови проекти се со неоренесансни и неокласицистички елементи додека среќаваме само една ваква ориентална „Арапска куќа“.“

 

Прочитајте повеќе за хотелот во нашата објава >>>

 

Во последната деценија, инвестирањето во сместувачки капацитети во Скопје е во својот зенит, додека паралелно се инвестира и во алтернативните форми на хостели, помали хотели и во објекти кои функционираат како Bed & breakfast.

Како во ваквата позитивна клима за оваа дејност, овие скопски паметници и ретки сведоци на таканареченото „Старо Скопје“ дозволуваме безидејно да пропаѓаат ?! Дали ни недостасуваат вистински мецени и богати сопственици кои го љубат доволно својот град, за да инвестираат во нивното „воскреснување“ или едноставно општата летаргија ни ги затвора видиците?!

Објектите се во релативно добра состојба додека нивниот потенцијал треба да стане ресурс за економски и културен напредок на градот.