INDIGO tattoo studio / BOLD Visions Collective

Локација: Населба Расадник, Општина Кисела Вода, Скопје

Површина: 90 m2

Автори: Андреј Клинчаров, Ена Савева

Студио:  BOLD Visions Collective    

3д визуелизација: Раде Китанчев

Фотограф: Стефан Божаров

 

 

За потребите на Индиго Тату студио, изработен е  проект за ентериер на нов простор со вкупна квадратура од 90м2. Со новиот концепт тој е поделен на повеќе функционални сектори.

Просторот пред интервенција

 

Распоредот на студиото е внимателно дизајниран за да ги задоволи потребите на тату уметниците и да им обезбеди удобност на клиентите.

Оттаму произлегува и почетната задача, простор за работа, наменет за 5 тату мајстори кои можат да функционираат во исто време: 3 тату позиции во еден отворен дел, додека другите 2 позиции се наменети за поинтимни сесии.

Работните станици се поставени стратегиски, овозможувајќи лесен проток на работа и интеракција. Приемниот дел се втопува во делот за консултации, додека пак кујната и делот за одмор се одвоени од главниот простор.

 

Фокалната точка на просторот е лачната подвижна преграда која претставува фиктивна сепарација помеѓу работниот дел и просторот за чекање. Изработена е од перфориран лим, материјал кој се провлекува низ целото студио како елемент кој визуелно и естетски ги поврзува сите функционални единици.

 

 

Централно поставеното огледало во лачната преграда го акцентира просторот давајки му дополнителна длабочина. Внимателно избраниот фото тапет дава чувство на галериски простор каде што всушност и се изложени авторски уметнички дела. Просторот за консултации е целно истакнат во монохроматски зелен амбиент со нагласени елементи во контрастна боја. Останатите ентериерни детали и елементи, како и ѕидните обработки и облоги го продлабочуваат просторот како продолжение на стилот и функцијата на студиото.

 

 

Секој агол на студиото е замислен да ја одразува динамиката на уметноста што се создава таму. Студиото е повеќе од само простор – тоа е искуство. Соодветното осветлување, внимателно избраните декоративни елементи и отворената комуникација помеѓу уметниците и клиентите создаваат атмосфера на доверба и инспирација.

 

 

Проектот ги комбинира функционалните потреби со емоционалната инспирација, претворајќи го студиото во место што инспирира и креира.

 

3 D визуелизации