ИНТЕРВЈУ СО БЕРКИН ИСЛАМ / ZAHA HADID ARCHITECTS – LONDON

МАРХ: Најпрво ти благодариме Беркин што ја прифати поканата за ова интервју. Сакаме да ја запознаеме македонската јавност со твојот професионален пат. Но, најпрвин претстави ни се – Кој е Беркин?

БЕРКИН: Пред сѐ, Ви благодарам за поканата за интервјуто. Ми претставува задоволство да ги споделам моите искуства на вашата платформа, особено кога станува збор за трендовите во светската архитектура. Имам 31 година и роден сум во Скопје, живеам во Лондон веќе 13 години, а професијата ме носи низ различни места во светот.

 

 

МАРХ: Како започна твојот пат со архитектурата? Кога одлучи дека сакаш да бидеш архитект и каде заврши високо образование?

БЕРКИН: Уште од мала возраст имав голем интерес за архитектонските форми и геометрии. Доаѓам од креативно семејство каде што татко ми е архитект, мајка ми пијанист, а јас сум и обете. Решив да студирам архитектура не знаејќи колку долг пат ме очекува.

 

 

Со архитектонски студии започнав во 2011 на Architectural Association School of Architecture во Лондон каде што студирале архитектонски имиња како Рем Колхас, Ричард Роџерс, Бен Ван Беркел, Заха Хадид и многу други. АА или Архитектонска Асоцијација е еден од најконкурентите факултети во светот, специјализиран за архитектура и основан во 1847 година и чие мото Design with Beauty, Build in Truth ми стана предизвик и понатамошен принцип.

 

Одбрана и презентација на испитна задача  РИБА дел 2

 

 

Студиите беа организирани во формат на РИБА Дел 1 и РИБА Дел 2, првиот дел беше Дипломски циклус, а вториот Магистерски. По дипломирањето,  одлучив да направам една година пракса или Year Out во една од најголемите светски компании Perkins + Will – London, каде што имав можност да работам на проекти во Лондон, кои денес се изведени. Искуството во пракса беше одлучувачки момент во мојата кариера за тоа како да се ориентирам себеси во различните полиња во архитектурата, со продолжување со магистерски студии.

 

 

Магистерски труд Културен Центар

 

Имено, своите интереси ги пренасочив во дизајн, специјализиран во откривање на напредна геометрија, формирање на методологии за нејзина примена, како и иновативна градба и градежни материјали. Архитектурата ми прерасна во инструмент каде што преку дизајн можат да се истражуваат нови општествени норми и формирање на инклузивно и одржливо населување кое ги подобрува врските и односите меѓу корисниците и нивната околина. Потребите и предизвиците на современиот животот кој постојано флуктуира во технолошко стимулирани промени, активно се проучуваат преку дизајн на нови просторни решенија кои ја поттикнуваат соработката меѓу луѓето, објектите и природата. Секако, нови архетипови формираат и различни комуникациски канали каде што преку дизајнот се создаваат нови стимулации и интеракции.

 

 

МАРХ: Каков е текот на професионалниот пат по твоето магистрирање?

БЕРКИН: По завршувањето на магистерските студии, во 2018 се вработив во Zaha Hadid Architects, но паралелно продолжив со студиите за професионалните лиценци, односно РИБА Дел 3, и при успешните резултати се регистрирав со АРБ (Architects Register Board). Со тоа станав Chartered Architect, односно дел од РИБА – Ројал Институт на британски архитекти. Неодамна сум член и на Комората на овластени архитекти и инженери.

 

МАРХ: Студиото Заха Хадид претставува едно од најпознатите и најзвучни имиња во светот на архитектурата. Како започна твојата кариера таму и како се развиваше истата?

БЕРКИН: Како што веќе напоменав, во 2018 година се вработив во Заха Хадид Архитекти преку непосредно интервју со Патрик Шумахер, директорот на студиото и основоположник на параметричната архитектура. Започнувајќи во оваа конкурентна средина, бев подготвен да се справам со предизвиците. Мојот прв проект беше конкурс за амбасада и резиденции во Кина, а низ текот на годините имав можност да работам на 33 проекти, многу од нив веќе во изведба. Како дел од ЗХЦ кластерот, започнав со креативна работа на концепт проекти за меѓународни конкурси. Во овие конкурси нашата екипа се натпреварува со најпознатите светски фирми, како Фостер и Партнерс, БИГ, ОМА, МАД, Снохета, Хеатервик и други. Од самиот почеток, оваа поставка на фирмата каде што се ценеа иновативноста и науката во струката ми беше голем предизвик. Во првата година од работата успеав да победам на еден голем меѓународен конкурс за музеј, што ми донесе огромен напредок.

 

3D визуелизација / „Аустин Роад“ / 4 деловни кули во изведба во Хонг Конг

 

МАРХ: Како е организирано студиото на Заха Хадид?

БЕРКИН: Фирмата е базирана во Лондон со гранки во Хонг Конг, Пекинг, Њу Јорк, и неодамна Шензен. Студиото е организирано во таканаречени кластер групи кои водат различни проекти. Јас работам во ЗХЦ- Заха кластер, односно групата што ја водела самата Заха додека била жива. Нашиот кластер е мала група од талентирани колеги со кои заедно ги водиме сите нови проекти-конкурси и концепти, како и нивната понатамошна разработка и изведба. Често имаме состаноци каде што со другите членови на нашата група споделуваме инспирации и лични креативни интереси и дебатираме како можеме да ги вклучиме во проектите.

МАРХ: Која е твојата позиција во студиото?

БЕРКИН: Веќе 6 години сум во фирмата. При вработување како архитект низ годините бев унапреден во Сениор архитект, а неодамна имам улога на Водечки или Lead архитект. Во оваа позиција водам свој тим со кој имаме одговорност спрема нашите клиенти и непосредно сум инволвиран со водечкиот менаџмент на фирмата со кои заедно го раководиме дизајнот на проектите и испорака на истите.

 

МАРХ: Работиш на проекти од светско значење и видливост. Наброј десетина објекти кои сметаш дека во моментов ја одбележуваат твојата тековна кариера.

БЕРКИН: Во мојата кариера имам работено на над 40 проекти, а како член на ЗХА, на 33 проекти. Искрено, секој од нив има своја посебна важност, но посебно би ги издвоил следниве:

 

3D Визуелизација Zaha Hadid Architects

 

  • Првиот конкурс на кој победив беше Музејот на наука и технологија во Шензен, Кина. Објект од 100,000 м2 чија изведба е при крај и треба да се отвори за јавноста во декември 2024.
  • Јидан интернационалниот центар, кула од 300м висина каде што го водев победничкиот дизајн на конкурсот. Кулата се изведува моментално во Шензен, Кина.
  • Неодамна имав чест да го водам победничкиот дизајн на светски конкурс за Шаошинг Културен центар- театар, Концертни сали и Дигитален музеј во Кина. Комплекс од 80,000 м2 за кој почнуваме со основниот проект.

 

3D Визуелизација Zaha Hadid Architects

 

  • Аустин Роад е група од 4 деловни кули во изведба во Хонг Конг.
  • Станбени кули од 400 м висина и 7 ѕвезден хотел во Дубаи, УАЕ.
  • Стадион и спортски комплекс во Џинан, Кина.
  • Мастер план на нов град во околината на Шарџа, УАЕ, создаден да функционира на 100% одржлива енергија, на кој моментално работиме на основниот проект.

 

3D Визуелизација Zaha Hadid Architects

 

  • Нов аеродром во Нави Мумбаи – мојот втор проект во студиото  што е во тек на изведба.
  • Метаверс проект на дигитален град кој се истражува преку виртуелна реалност (ВР).
  • Проект во доверба за кој сѐ уште не смеам да споделувам локација во јавност, меѓутоа се работи за уникатна супер-кула од 800 м.
  • За крај Музејот на научна фантастика во Ченгду, Кина кој имав можност да го посетам пред неколку недели.

 

Музејот на научна фантастика во Ченгду / фото: Archidaily

 

МАРХ: Листата звучи надреално за македонските прилики 🙂

Раскажи ни нешто повеќе за концептот, развојот на идејата и реализацијата на Музејот на научна фантастика во Ченгду, Кина.

БЕРКИН:  Концептот на овој Музеј е еден од најуникатните, бидејќи успеавме да го дизајнираме, изработиме и изведеме во рекордно краток период од само една година. Клиентот ни постави предизвик со бриф за музеј научна фантастика со површина од 50,000 м2, каде што главниот дел претставува салата наменета за Хуго наградите. Истовремено ни даде целосна креативна слобода да го направиме нај sci-fi што можеме, што за мене како архитект и sci-fi фан беше dream come true. Во октомври 2023 Музејот беше домаќин на настанот Worldcon 2023, што е еквивалентното на Comicon за sci-fi фановите и целта е, преку овој објект и ваквите настани, Ченгду да стане светски центар на научната фантастика.

 

Музејот на научна фантастика во Ченгду / фото: Archidaily

 

Сакавме посетителите да се чувствуваат како да влегуваат во вселенски брод и затоа нашата визија беше да креираме проект кој преку футуристичките форми, препознатливи за Заха Хадид, ќе понуди еден поинаков пристап до забава и образование. Тоа беше навистина амбициозно бидејќи проектот беше зададен во рамките на конкурс, со временски ограничувања од два месеца.

 

Музејот на научна фантастика во Ченгду / фото: Archidaily

 

Во нашето решение Музејот е составен од систем на различни нивоа и форми кои наликуваат на ѕвезда или ѕвезден облак, каде што краците се интегрираат со околното пространство на паркот и вештачкото езеро, поканувајќи ги гостите и случајните минувачи да стигнат во атриумот. Подиумот се подига од пејзажот создавајќи рампи кои се доживуваат како игралиште што го спојува јавниот плоштад со првото ниво на Музејот. Главниот волумен ја обединува целината преку еркери кои имаат распони до 20м. Ваквиот дизајн создава изненадувачки моменти во формата која постојано изгледа како да флуктуира во простор, каде што корисниците можат да го истражуваат објектот низ различни нивоа кои се преливаат од ентериерот во екстериерот.

 

Музејот на научна фантастика во Ченгду / фото: Archidaily

 

Истовремено покривот се спушта на одредени места за да се создаваат површини кои служат за проекции како дел на надворешните изложби. Двата главни влеза водат во централниот атриум каде што стаклениот покрив создава светол и пријатен амбиент со висина од 30 м. Атриумот служи со двојна намена каде што главната циркулација на корисниците се дели спрема различните сали, како и изложбен простор на големи предмети и поставки. Подземниот тунел директно ги спојува атриумот со пејзажот и подземниот паркинг.

 

Музејот на научна фантастика во Ченгду / фото: Archidaily

 

Во фазата на оптимизација користевме напредни параметрички софтвери за рационализирање на формите преку системи за производство на унифицирани фасадни панели, поделени на рамни, единечни и двојни кривини, кои се произведуваа во фабрика и инсталираа при изведба.

 

Музејот на научна фантастика во Ченгду / фото: Archidaily

 

Со победничкиот дизајн, водејќи тим од 12 членови, започнавме процес на рационализација кој траеше 2 недели. Во овие рекордни денови, напорно работејќи заедно со тимот од Пекинг и надворешните консултанти, ги дефиниравме Setting Out линиите. Клиентот организираше тендер за изведувач со техничка документација, и објектот започна со изградба само за 2 месеца. Паралелно со изградбата, прво беа формулирани статиката и железната конструкција, потоа фасадните системи и, на крај, ентериерите. По посетата на проектот, бев многу задоволен од резултатите. Овој проект постави нови рекорди и во студиото се шегуваме дека следната пресвртница е да завршиме за 10 месеци.

 

Музејот на научна фантастика во Ченгду / фото: Archidaily

 

МАРХ: Какво е чувството да се работи на вакви проекти? Како се постигнува нивото на квалификуваност за да се одговори на зададените задачи?

БЕРКИН: Работата на овие проекти е за мене е, пред сѐ, забавна, но носи многу голема одговорност. Покрај креативниот дизајн и функционалност на просторот, треба да се води сметка и за рационализација на комплексните форми, јасната комуникација со клиентот и ефикасен менаџмент на времето. Нашата квалификација се базира на највисоко искуство во дизајнирање на архитектонски проекти, 3Д моделирање, како и носење интуитивни одлуки за имплементација и координација со сите потребни елементи и фази за креација на еден архитектонски проект, како што се статика, противпожарна безбедност, одржлива градба за околината, кои понатаму се координираат со релевантните тимови. Но, слободатата во креативното изразување за мене е најзначајна бидејќи имам можност да ги применам своите интереси од областа на технологијата, научната фантастика, социологијата, како и да истражувам нови култури.

 

Беркин во посета на музејот во Ченгду  / фото од личната архива

 

МАРХ: Колку нивоа на развој има еден проект? Во Македонија тековно  се разработуваат идеен и основен проект? Како се работи во светот?

БЕРКИН: Обично проектите ги работиме во РИБА стандарди кои се компатибилни со другите светски етапи од Concept, Schematic Design, Developed Design, Technical Design, Construction Design, Project Life.  Сите од овие имаат свои предизвици.

 

МАРХ: Бидејќи работите најчесто параметрички дизајн, конструктивниот дел е вистински предизвик за колегите градежни инженери. Кога започнува соработката со нив и дали навистина сѐ е возможно кога се има голем буџет? 😀

БЕРКИН: Параметричкиот дизајн се однесува на дизајн создаден од одредени параметри кои најчесто обезбедуваат широк спектар на рационализација и  приспособување според различните услови. Соработката со колегите, кои се вклучени уште од самиот почеток, овозможува да се истражуваат нови статични анализи кои имаат улога врз иновацијата на дизајнот. На пример, во Музејот на научна фантастика статиката поставува одредени услови на големи распони, но многу често овие моменти се адаптираа со иновативни решенија во бенефит на дизајнот со навалување на волумените, а истовремено создавање површини за проекциско мапирање. Оваа соработка ни дава голема иновативна слобода во рамките на поставениот буџет. Иако вообичаено се вели дека сѐ е возможно со голем буџет, за нас вистински предизвик е да работиме на иновативен начин со помали буџети. За таа цел, во нашето студио егзистираат посебни тимови кои заедно со светските универзитети работат на истражувања за намалување на трошоците за градба, користејќи рециклирани материјали и нови одржливи градежни техники преку разработка на специфични прототипови.

 

Музејот во Ченгду  / фото од личната архива

 

МАРХ: Дали често се соочувате со промени на дизајнот на барање на инвеститорот. Каква е улогата во процесот особено, онаму каде што дизајнот е добиен на меѓународен конкурс?

БЕРКИН: Промените на дизајнот најчесто се случуваат до етапата на Schematic Design, каде што инвеститорот/ клиентот има голема улога во оформување на финалниот бриф. Дизајнот се рационализира, меѓутоа првичните идеи се зачувуваат.

 

МАРХ: Кои програми и софтвери ги користите во разработката на дизајнот и проектите?

БЕРКИН: За моделирање користиме специјално формулирани и приспособени верзии од софтверите, како Maya, Rhino/ Grashopper, Revit, CAD за студиото.

 

МАРХ: Кои се следните предизвици за Беркин?

БЕРКИН: Архитектурата за мене претставува поместување на границите на дизајнот кој, всушност, се отсликува во изградената средина. Тука се подразбира создавање на одржливи објекти кои се во хармонија со урбаниот контекст и природата во кои се создадени. Со вакви интеракции дизајнот во архитектурата има инклузивна и општествена одговорност да обликува нови возбудливи начини на соживот. Затоа ми претставува големо задоволство да работам со мултидисциплинарни креативци од различни култури и заедно да придонесеме кон создавање на проекти со научни иновации и уникатен landmark дизајн, кои би служеле како инспирација за идните генерации, исто како што проектите на Заха служеа за нас.

 

Музејот во Ченгду  / фото од личната архива

 

МАРХ:  Беркин ти благодариме за издвоеното време и ти посакуваме уште многу одлични дизајни и реализации. Остануваме да ја следиме твојата работа!

БЕРКИН: Ви благодарам за поканата на форумот и остануваме во контакт да споделуваме искуства и пријателство.