Исчезнува последниот слободен простор во строгиот центар на Скопје
02.03.2021 • Истражување Урбанизам
Јавниот простор во еден град ги манифeстира културолошките процеси на општеството и треба да биде колективно право загаранитирано за сите граѓани. Наместо прогрес и ослободување на јавниот простор во град Скопје, сѐ се движи во обратна насока. Сите процеси што се случувале изминативе години секако влијаеле врз поимањето на тоа што е јавен простор. Прашањето денес е: Дали, кога се зборува за јавен градски простор, постојат компромиси? Поради значајноста на прашањето и одговорот, ќе се обидеме да ви ги доловиме минатото, сегашноста и иднината за слободниот простор пред хотелот „Холидеј Ин“.
Местоположба на локацијата
Паркингот пред ГТЦ/Холидеј Ин е едно од последните најголеми слободни јавни градски простори во централното подрачје на град Скопје. Ја има клучната позиција на поврзување на источниот дел на градот со центарот. На северната страна веднаш се граничи со кејот „13 Ноември“ и реката Вардар. На југоисток е близу до булеварот „Кочо Рацин“, на југозапад се врзува со блоковите и кулите на Градски ѕид, а на северозападната страна веднаш се наоѓаат хотелот „Холидеј Ин“ и Градскиот трговски центар.
Оваа местоположба претставува мост за трасата помеѓу Новата железничка преку Градскиот трговски центар сѐ до плоштад „Македонија“. Се граничи и со Градскиот ѕид како реминисценција на тврдината, на Калето, како нешто што го затвора центарот на градот и го заокружува она што има поголема вредност во однос на тоа што е надвор од него, и понатаму се развива во сите правци. Денес сѐ уште се користи како јавен паркинг за потребите на граѓаните во самата околина.
Хронологија на случувањата
На просторот пред хотелот „Холидеј Ин“ (некогашен хотел „Гранд“) малку е познато дека кон крајот на 19. век постоел единечен амам којшто се нарекувал „Вардар бања“, именуван по тоа што водата до него се спроведувала од реката Вардар, а на местото на денешен Железен мост, имало дрвен мост преку којшто амамот се поврзувал со спротивниот брег на реката. Според некои истражувања, амамот функционирал сѐ до ослободувањето на Скопје, а потоа бил урнат. Несомнено е дека локацијата отсекогаш зрачела со смиреност, имала високоразвиено зеленило во околината кое придонесувало кон убаво секојдневно доживување и пријатен амбиент во самиот простор. Во близина се наоѓал парк (денешенниот парк „Жена-борец“), дрворедите на кејот одлично се вклопувале во просторот, а исто така имало и зеленило на местото пред да се изгради хотелот „Гранд“.
Овој реон бил од големо значење и при формирањето на урбанистичките планови низ годините, од страна на врвни светски архитекти и планери. На урбанистичкиот план Скопје на Димитрије М. Леко во 1914 год, локацијата се вклопува во првата ортогонална матрица заедно со населбата Маџир Маало. Претходно била доминантна оската север – југ, а сега се активира оската исток – запад. Локацијата останува централна во пресекот помеѓу овие две оски на урбаниот развој на градот.
Со генералниот регулационен план на Скопје на Јосиф Михајловиќ, 1929 год. останува во потврдениот концепт на прстен во централното подрачје.
Во модернизацискиот период, како главен именител во поствоениот период којшто започнува некаде околу 1948 година, кога бил направен и генерален регулационен план на арх. Лудјек Кубеш, оваа локација била дел од политичко-културно-историски реон на Скопје кога градот броел 87.654 жители. Во овој период, повеќе од сигурно било дека јавниот интерес се наоѓал далеку пред индивидуалниот. Архитектурата станувала средство за еманципација и се случувал препород на модерната архитектура. Важно е да се напомене дека при изработка на новите планови, идеите на CIAM биле најприфатливи при урбанистичкото планирање.
Во 1955 год. била започната изградбата на тогашниот хотел „Гранд“ на архитектот Славко Леви. Во близина се наоѓала зградата на синдикатите и објектот на Градскиот трговски центар. На просторот пред денешен „Холидеј Ин“, се наоѓала зградата на МВР, Правниот факултет, а дел од зградата им припаѓала на Филозофскиот факултет и Ректоратот на Универзитетот.
Карактеристично е тоа што објектот припаѓал на интернационалниот стил, архитектонскиот јазик припаѓал на високата модерна, претставувал слободностоечки објект во пошироката локација. Овие белези се присутни кај сите објекти изградени во тој период. Несомнено е дека ова место било значаен дел од културниот метаболизам на градот, со посебен дигнитет, сѐ до земјотресот на 26 јули 1963 година, во којшто објектот бил разурнат.
Значаен сегмент во предлог урбанистичкото решение на Кензо Танге
По земјотресот во Скопје 1963 година, реконструкцијата на центарот на градот била од клучно значење. На меѓународниот конкурс за изработка на урбанистички план за централното градско подрачје, меѓу четирите меѓународни групи на автори бил и Кензо Танге од Токио, Јапонија кој добил најголем дел од наградата. Идејата на овој план (метаболички, футуристички, утописки, постфункционален, со симболичка, оптимистичка визија дека градот може да се развива) за конкретната локација била да се оформи Републичкиот плоштад, којшто каскадно се спушта и се отвора кон природата, кон реката Вардар. Тој се протега и на едната и на другата страна на реката со објекти кои како да го прегрнуваат плоштадот, со само една силна вертикала која треба да биде една урбана доминанта. Овде била предвидена познатата пешачка платформа која води од транспортниот центар, преку трговската зона сѐ до Градскиот плоштад, за да овозможи непрекинато движење и пристап, ставајќи голем акцент врз пешакот.
Со ова се зајакнува новата оска на градот којашто оди исток – запад, наспроти онаа постоечката север – југ по која се развивал градот дотогаш. Ова подрачје се планирало како дел од центарот што се развива линерано по течението на реката Вардар, како спротивност на постоечкиот град којшто се развива центрично околу градскиот плоштад. Зоната со вертикалата била предвидена за администрација и трговија, а на спротивната страна била предвидена зона за научни и културни објекти.
Важно е да се напомена дека тенденцијата на планот била кон јавните простори (како што е ГТЦ), иако станува збор за големи структури што претставуваат парче урбанизам, транспарентност и достапност на објектот за секој минувач со различни потреби. Постои однос кон природата, не се затвора просторот за обичниот граѓанин, претставува јавен простор, кејот е оставен на јавноста. Истото се случува и на другата страна, еден огромен јавен простор којшто е на граѓаните, којшто амфитеатрално се отвора кон една широка платформа и каскадно се спушта кон реката, што е веројатно најдобриот пристап за планирање, најдобриот однос кон природата, реката, што некогаш го имало Скопје.
Вредноста на планот е што предвидува јавни содржини што му служат на човекот, претставуваат хуман простор, тоа што објектите се ориентирани еден спрема друг, како се отвораат кон градот и имаат исклучителна вредност со нивната пропустливост и транспарентност.
Предлог урбанистички план 2012
Во 2012 година, Општина Центар предложи детален урбанистички план за Голем ринг исток, којшто го третираше и просторот пред хотел „Холидеј Ин“. Првично во овој предлог- план, општината не го поимаше овој дел како јавен градски простор.
Во овој предлог-план доминантно е домувањето во станбени згради, а потоа комерцијалните и деловните намени. Се работи за три доминантни вертикали што се наоѓаат на аглите на самата локација и тие се поврзани со пониски објекти, со тоа што во средишниот дел помеѓу создаваат мал слободен простор или атриумски дел. Подреденоста на објектите не следат никаква траса од околината, не се водат според никакви потреби за осончување и не се става никаков акцент врз розата на ветрови. Висината на објектите според планот доминантно е 180 метри на трите аголни кули коишто меѓусебно се поврзани со 80-метарски објекти. Средишниот простор на комплексот останува затворен, а со тоа навистина клаустрофобичен и неосветлен.
Вака планираниот комплекс не ги обезбедува основните хумани услови за живеење, а со тоа и не се одразува добро врз градот. Овој комплекс со своите параметри вдомува жители колку што во просек има еден помал град, приближно 11.000.
Во овој реон постои мораториум, но прашањето е дали мораториумот е долгорочно решение или повторно замајување на вистината пред очите на жителите. Тој е можеби единствено нешто што го спречува градењето на овие мегаломански објекти, но урбанистичкото планирање не треба да биде за краток рок бидејќи е основа за тоа колку ќе биде хуман просторот за живеење, но постапката за донесување нов ДУП е прилично комплексна и долга.
Локацијата се наоѓа во зона со највисока сеизмичка активност. Препораките по земјотресот биле оваа зона да остане неизградена, а тоа е целата зона по течението на реката Вардар. Зоната на подземните води околу Вардар е многу висока и сите објекти коишто се сега изградени имаат поплавени подруми. Кај нив постојано, 24 часа, работат пумпи што вадат вода надвор од причина што се изведени без да ги земат хидролошките услови во предвид. ГТЦ има два ката под земја, но никогаш не бил поплавен.
ДУП Ц 08, 2012 наспроти ГУП на Град Скопје, 2012 – 2022
Разликата во решенијата помеѓу ГУП и ДУП од 2012 година е повеќе од евидентна. Недоследните спроведувања на законските решенија е, за жал, вистината за ова потпишување и одобрување на ДУП, а прекршувањето на начелата за урбанистичко планирање се чини како да не може да биде поголемо.
Урбанистичко-планската документација за ова подрачје била направена за само 1 денар на м². Ова остава доволно простор да се запрашаме дали понатаму се води кон поинакви игри коишто се веќе предвидени во потесните кругови или претставува повторна соработка зад затворени врати на општините, планерските куќи и инвеститорите.
Од друга страна, се јавува потребата од посочување на законските регулативи што ја одредуваат иднината на урбаното планирање и квалитетот на животот. По многупати докажаната нехумана состојба со деталните урбанистички планови, не само за овој регион, доаѓаме до заклучок дека постои и пропуст поради отсуство за докажување дека планерите постапиле по забелешките на Комисијата за урбанизам. Поради фактот дека е препуштено на очекувањата дека забелешките треба да бидат коригирани, планерските куќи ја користат ситуацијата во некаква полза.
На оваа локација, ако се чита намената на површината која е приватизирана, определена со ДУП во 2012 година, предвидени се станбени и деловни објекти и нема никаков јавен интерес. Според законот, кога се продава едно земјиште, сопственоста што се стекнува над него не се однесува само за она што се наоѓа над земјата, туку и за тоа што се наоѓа, односно што е предвидено да се гради под земјата. Под површината на ова место приказната е сосема поинаква, како што покажува и самиот генерален урбанистички план; предвидено е да поминува подземна траса на трамвај и тоа не може да се промени со деталниот урбанистички план како план од понизок ранг.
Јасно е дека јавниот градски превоз е прашање на јавен интерес и во самиот закон стои дека кога на едно земјиште се предвидува објект од јавен интерес, за продажба е потреба одлука на Владата, а не на Министерството за транспорт и врски. Законодавецот напишал дека објектот дури и не мора да постои, доволно е да биде предвиден со постојните планови.
Сопственичка структура
Сопственичката структура е појдовна основа за урбанистичкото планирање. Постои начин како да се менаџира со ова прашање што треба да доведе до позитивен резултат, но притоа е потребен сериозен аналитички и организациски пристап.
Каква е моменталната сопственичка структура на паркингот пред хотел „Холидеј Ин“ >>>
Интересите на бизнисот или на граѓаните за хуман простор
Зачудувачки е фактот како ова предлог-решение било потпишано и одобрено од институции што треба да се стремат кон се подобар и подобар развој на градот, со формирање на визија и стратегија. Немаме никаква поврзаност и отвореност на објектите кон градот, нема однос кон природата, нема никаква интеграција на околината и таа е далеку од хуман простор за живеење.
Сите ние имаме погрешно мислење дека ако е тоа приватна инвестиција, таму правата на граѓаните се намалени. Ако тој објект има карактер на јавен простор, тогаш тој мора, иако е приватен, да одговара на одредени стандарди на функционирање на јавен простор. Патологијата е што дозволивме да бидеме кантонизирани во политичката моќ. Денес тоа прашање има и здравствена конотација, за животната средина, не е само прашање на освојување слобода и право на град, туку и право на живот. Не постојат компромисни ситуации кога се работи за условите и квалитетот на живеење.
Загрижувачка е огромната летаргичност кога станува збор за дејствување во прилог на општественото и колективното добро. Еднакво загрижувачки е тоа што за локација како што е оваа во самото централно подрачје на главниот град со огромни потенцијални вредности и квалитети, се планира комплекс од таков вид, којшто претставува само комплекс што може да постои било каде на друга локација и ништо повеќе од тоа. Комплекс без идеја, без ентитет, далеку од размерите во секаква смисла, без однос кон контекстот, создаден без претходна опсервација и валоризација, создаден според некаков шаблон и без обмислување на консеквенциите што потоа. Со сето ова се доведуваме само до амнезија на градот.
Потребите на градот
Делувањата спротивно на законските регулативи секако не се потребата на градот. Инклузивноста, партиципативноста и јавноста во процесот на урбанистичко планирање, за жал, во моментов се утопија за која сите ние мечтаеме. Да нема недопирливи места и јавни простори да се појавуваат секаде. Тоа е она кон што треба да тежнееме, а не кон затворање простори; кон инклузивност, а не кон ексклузивност. Потребно е заедничко и транспарентно делување за иднината на градот, особено во овие простори како паркингот пред „Холидеј Ин“, Маџир Маало, Ново Маало итн. Кои имаат голем потенцијал, а конкурсите да бидат една од алатките за заедничкото делување.
Пред да се преземат било какви чекори потребно е да се направи сериозна опсервација. Идејата да се направи парк на целиот простор е нереална и непотребна, на Скопје му треба квалитетен простор со мешовит карактер во комбинација со јавен простор и силни пејзажни потези низ него. Недостасува јавното дејствување и залагање за човечките права и интереси. Недостасува критички рефлексивна дистанца во однос на сопствените движења, културното наследство, сопствените институции.
Преземањето на одговорност за заедницата ни недостига сѐ повеќе, а со тоа е недостижно и созревањето во сите професионални определби. Неопходно е принципиелно потткинување на културата на развојот, отвореност кон феномените на масовната култура, одоговорност за општествениот развој и ширење еден јасен и позитивен став во каков град сакаме да живееме.
Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Само прашај“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.
Автор: Мартина Штериова
Фотографии: Борис Јурмовски, Мартина Штериова
Графички прилози: Ноеми Чаусидис, Филип Конески, Љубен Трајаноски, Мартин Ефремовски, Мартина Штериова
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска
Автор на статија: Martina Shteriova
„Слободен-простор“ / ДУП / паркинг „Холидеј ин“ / Скопје / Урбанизам / Ц08 / Центар