„Исчезнување на јавниот човек“ / Современи (не)демократии“

Во рамки на 16. АКТО Фестивал за современи уметности „Современи (не)демократии“

Продуцирано од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“

Поддржано од Фондацијата „Хајнрих Бол Штифтунг“, Гете – Институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје.

Дизајн: КОМА

 

Краток концепт

Изложбата на постери насловена „Исчезнување на јавниот човек“ ги прикажува некои од позначајните резимеа на истражувачките процеси, и би требало да посочи зашто и како се случи намалувањето на јавниот простор преку еден конкретен случај – скопскиот плоштад, како најизразено и највидно место за дебата, но и од друга страна да ја поттикне аргументираната дебата да се врати на правото место. Стеснувањето на јавниот простор води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата. Во таа насока, скопскиот плоштад е место на кое државниот, но и приватниот апарат е здружен за поголем или личен профит  и каде што правото на говор е насилно одземено во секоја смисла (културолошка, идеолошка, политичка).

 

Ова истражување се одвиваше во текот на неколку месеци и опфаќа четири сегменти во временски период од осамостојувањето до денес. Процесот на денационализација и на приватизација на општествениот капитал и јавните ресурси кои водат и до намалување на обемот на јавното и на функцијата на јавниот човек, слободен артикулирано да говори, е во центарот на ова истражување. Овој процес во текот на 30 години, се истражува низ промената на главниот плоштад во Скопје нив повеќе призми: промената на архитектонско-урбанистичкиот изглед со фокус на одреден случај, а тоа е Стоковната куќа „Нама“, е тематска рамка на истражувањето на Јана Брсакоска. Наум Трајановски пишува за промената во локалната самоуправа и општествено-политички пејзаж со посебен фокус на мали изблици на солидарност на главниот плоштад. Ивана Васева прави селекција од уметнички практики кои сѐ уште ја ползуваат јавноста на плоштадот за да искажат теми важни за совремието, додека Филип Јовановски собира јавни мислења за историјатот на плоштадот. Сево ова беше засилено со мапирање на различни изблици на незадоволство и протест направено од Кристијан Караџовски.

Изложбата на постери ја пренесува итноста на пораките, од кои некои биле повеќепати повторувани. А, повикот на нивно повторно разгледување го дава и контекстот на нивно поставување.

Треба да ги создадеме условите за современата агора.

 

АКТО АГОРА – СОВРЕМЕНИ (НЕ)ДЕМОКРАТИИ

6 ноември 2021 (сабота)

13:00 часот

Сала за седници на Општина Центар

Концепт: Ивана Васева, Филип Јовановски

Учесници:

Бекир Адеми (архитект)

Дивна Пенчиќ (професорка на Архитектонски факултет);

Кочо Андоновски (активист, програмски директор на ЛГБТИ Центар за поддршка),

Филип Стојановски (активист)

      Краток концепт:

Светската пандемија на корона вирусот ја разниша визијата на прогресот во македонското општество. Сите сегменти на нашето живеење се погодени од оваа катаклизма а тоа стана и евидентно од последните локални избори. Народот е истрауматизиран и незадоволен и тоа се манифестира од нивото на комуникација, па сѐ до начините на кои го бара и дава својот глас.

 

Оваа пандемија го истакна и насилното деполитизирање на културата, градено со години, и го посочи коруптивниот дух кој цело време ја разнишува нејзината фрагилна природа. Пандемијата создаде и простор за рефлексија на залудните напори, пропаднатите желби и можните разочарувања на цел еден свет од културни работници. Културата е фрагментирана, девалвирана, во обид за нејзина елитизација. А таа не се произведува половично. За културата и уметноста треба егалитарен систем кој ќе дава еднакви можности за сите и компетитивниот индивидуалистички принцип кон градење на културата треба да се промени од корен.

 

И тоа е една од низата на современите недемократии кои се широко прифатени кај нас. Недемократиите вребаат од секој ќош. Чекаат да се појави шанса за веднаш да ги разнишаат столбовите на она што е градено осмилено, стратешки и со многу труд. Дали се тоа јавните простори, платформите за дискуција кои ја оневоможуваат аргументираноста, културата и уметноста па сѐ до начините на кои функцинираат институциите, овие недемократии претворени во лични апетити на отуѓување и збогатување го јадат сето она што е наше.

 

Оттаму, АКТО во 2021 година отвора двогодишна тема „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација и отуѓување кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото. АКТО ја испитуваа оваа тема преку примерот на плоштадот како репрезент на современите недемокрациски процеси, кој место да е арена каде што се слуша агонистичка дискусија, на создавање политички субјективитети, тој стана место на набљудување, на пасивност и молк, отколку на јавност или на живот на улица. Па така преку оваа деполитизирана, еродирана и приватизирана платформа, АКТО се обидува да го истражи стеснувањето на јавниот простор кој води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата.

 

„Современи (не)демократии“ се обидува да одговори на предизвиците но и препреките во непрепознавањето на недемократиите кои ни се случуваат секојдневно. Дали имаше вистинска дебата на јавните простори во земјава? Или само конфликт кој сè уште трае и се продлабочува? Конфликт што го дели (поларизира) општеството и со тоа го спречува неговиот развој? Што е демократија во денешен контекст и како таа (не) демократија се рефлектираше преку неможноста на раѓањето на агоностичка агора? И какви практики и активности имаат потенцијал да го изградат градот за да се одржи плоштадот како јавен?

 

Настанот се организира согласност мерките за заштита од Ковид-19 и Протоколот за организирање на јавни настани.