ИВАН АРТЕМУШКИН / 1886 – 1950
02.12.2024 • Автори
Извори: Артемушкин и Скопје, Градителите во Македонија XVIII-XX век – Георги Kонстантиновски
Иван Артемушкин е роден е во Санкт Петербург, Русија, на 3 јануари 1886 година.¹ Татко му Георгиј Артемушкин бил правник, додека мајка му Наталија била домаќинка. Своето школување го продолжува на Институтот за градежни инженери во Санкт Петербург, а по неговото дипломирање, во мај 1914 година почнува да работи како инженер-архитект.² Во меѓувреме стапува во брак со Ксенија, а во 1916 година се раѓа нивната единствена ќерка Наталија.³
По Октомвриската револуција, голем дел од руската буржоазија бега низ различни делови од светот, вклучувајќи го и тогашното Кралство СХС. Тука тие формираат заедници, наречени руски колонии, а државата им дава статус на резиденти и дозволи за работа. На тој начин, Артемушкин, заедно со фамилијата, се сели во Скопје, во 1920 година, каде што му е одобрена цивилната инженерска пракса во Скопје на 23 август истата година.4
Набргу се вработува во инженерското одделение на третата армиска област, а потоа во 1922 година, неговото име се среќава како инженер во скопската општина. Во почетокот на 1930-тите добива лиценца да оствари свое техничко биро, кое е сместено во пасажот Ароести бр 10. 5 Знаеме дека соработува и со други познати скопски градители, како Борис Дутов, со кој биле и фамилијарни пријатели. 6
Во следниот период станува еден од најпознатите архитекти во градот, за што се доказ големиот број проектирани и реализирани објекти, кои, според досиејата на техничкото биро на Артемушкин, броеле до 694 проекти. Неговиот опус е претежно во Скопје, но среќаваме и проекти за палати во Охрид и во Ниш, што укажува дека градел и низ регионот.
Артемушкин, во 1935 година го проектира и својот дом, како помала модерна куќа, доволна за него, сопругата и ќерката. Таа била сместена на улицата Вук Караџиќ (денес улица Бенешева), во населбата Буњаковец, спроти денешната грчка амбасада.
Овој регион од градот доживува многу трансформации во следните децении, поради кои денес не среќаваме никакви траги од оригиналната градба, ни докази дали била изведена. Неговото самостојно творештво значително се намалува со почетокот на Втората светска војна, а по неа работи во архитектонското одделение во Министерството за градежни, во првата влада на Македонија. 7
Во 1948 година, веројатно поради политички причини 8, заедно со семејството заминува во градот Велико Трново во Бугарија и со тоа неговата градителска дејност во Скопје официјално завршува. Артемушкин починал во 1950 година во Пловдив, а фамилијата подоцна се сели во Париз. 9
Неговата ќерка Наталија, подоцна Маслова, исто така станува инженер и продолжува да живее во Франција до почетокот на 2000-тите. Преку нејзиниот допис со проф. Константиновски, таа раскажува за нејзините подоцнежни посети на Скопје, палатата Рубен и Арапска куќа.
1921 – 1929 | ГРАДЕЖНО ОДДЕЛЕНИЕ НА ОПШТИНА СКОПЈЕ 10
-На 5 август 1922 година добива дозвола од Министерството за градежништво на Кралството СХС да учествува на градежни тендери како инженер.
-Почнува да работи како надзорен инженер на санациските зафати на училишните згради, кои биле оштетени од војните до 1918 година и кои биле приоритет во повоената обнова.
-Прегледува и доделува одобренија и дозволи на градежно-техничката документација за индивидуалните барања за градби во рамките на техничкиот оддел на Општина Скопје.
-Во истиот период, во техничкиот оддел работат и А. Рубинштајн, К. Хоменко, Б. Дутов, С. Газикаловиќ и други
– Црта и проектира низа јавни проекти, како зградите на противпожарната служба и на Зоолошката градина во Скопје.
-Проектот на Француски гробишта го следи од почеток до крај, без разлика на временското растојание меѓу различните елементи.
-Последниот пронајден проект, како дел од техничкиот оддел на Општина Скопје, датира од 7.11.1929 година, но се верува дека тој барем делумно работи до 1931 година.
1930 – 1945 | ПРИВАТНО ТЕХНИЧКО БИРО
– На 19 февруари 1929 година поднесува барање за регистрација на својата титула како градежен инженер со признание на неговата диплома од Градежниот институт во Петроград во 1914 година. (Јасминка)
– Од 1930 година, техничкото биро на инженерот Иван Артемушкин почнува со работа, со локација Пасаж Ароести бр. 10 во Скопје.
– Гради претежно фамилијарни домови, но и јавни објекти за приватни сопственици: кина, школа, комерцијално/деловни објекти.
– Работел и надвор од Скопје – проект за вила демостен во Охрид и изведен објект во Ниш.
– Соработува со Борис Дутов и Михаил Матвеев. Неговите проекти честопати се довршувани или изведувани од Кирил Жерновски.
– Школувал и други архитекти како чираци. Еден од нив бил Перо Десовски, а друг се викал Димче, кој и се појавува на нивната фамилијарна фотографија. 11
– Работи на нови градби, доградби и мали помошни градби. А некогаш работи и само документација на постоечката состојба.
1945 – 1948 | МИНИСТЕРСТВО ЗА ГРАДЕЖИ
– Период на висок на технички кадар во Македонија
– Имаме малку информации за творештвото на Артемушкин во овој период
– Работи заедно со Борис Чипан, Јан Дубови, Сотир Томовски и Михо Чакеља, најверојатно на обнова на селата низ Македонија.
– Во 1946 година станува дел од првото проектантско биро 12
ИЗБРАНА СЕЛЕКЦИЈА ОД ПЛОДНОТО ТВОРЕШТВО НА АРТЕМУШКИН:
1923-1927 – Француските гробишта Скопје
1927- Објект Рубен Емил
1930- Објект Димитријевиќ Василије
1930- Доградба на објект Исмаил Аки Бег денес Швајцарска Амбасада
1930 – Манахем Соломон
1931 – Објект Бојаџиј Ан Хавсеп
1931 – Објект Браќа Бојаџијевиќ
1931 – Објект Браќа Читкушеви
1932 – Објект Крстиќ
1932- Објект Каламарас Ѓорѓи
1933 – Проект за Кино Уранија
1934 – Објект Изи Мола
1935 – Објект Данон Рафаел
1935 – Објект Зеќирија Шохрет
1937 – Објект Дикиџијан Агоп – Арапска куќа
1938 – Стојановиќ Стојче
1939 – Сојуз на аграрни заедници
1940 – Писевиќ Ристо и Самуил
Референци
1 Константиновски, Г. (2001). Градителите во Македонија.стр 60-61
2 Државен архив на РМ (2017). Русите во Македонија (1920-1940 г.).
3 Детали од приватниот живот на нивната фамилија, се поменуваат во Сиделникова-Вербицка, О. Р. (2017). На што ќе се наврати мојата душа… стр 307-310
4 Намичева, Ј., & Намичева, Е. (2021). Руските архитекти во Скопје 1920-1940 година.
5 Пасаж Ароести се наоѓал на јужниот кеј на р. Вардар, источно од Офицерскиот Дом.
6 Константиновски, Ѓ. (2002–2004). Комуникација по писма со Наталија Маслова
7 Чипан, Б. (2008). Наместо да се презентира… Интервју за Порта 3
8 Период на „Информбирото“ – откако се заоструваат односите меѓу Југославија и Советскиот Сојуз, југословенското раководство почнува да ги прогонува, апси и репресира сите за кои се сомнева дека се приврзаници на сталинизмот.
9 Константиновски, Ѓ. (2002–2004). Комуникација по писма со Наталија Маслова
10 Намичева, Ј., & Намичева, Е. (2021). Руските архитекти во Скопје 1920-1940 година
11 Константиновски, Ѓ. (2002–2004). Комуникација по писма со Наталија Маслова
12 Чипан, Б. (2008). Наместо да се презентира… Интервју за Порта 3
Автор на статија: Мартин Ефремовски
архитект / Иван Артемушкин / меѓувоен период / руски емигрант / Скопје