Изградбата на соборниот храм „Св. Климент Охридски“ / Видео

Во денешната објава ви пренесуваме видео прилог за изградбата на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Прилогот е дел од документарен филм од архивата на МТВ, снимен во 1991 година.

По освртот на архитектонските елементи во една православна црква, процесот на осветувањето на храмот и сите канонски постапки кои се дел од истотото, на 9:41 од видеото почнува стручен осврт на архитектурата на Соборниот храм од страна на авторот на овој објект – проф. арх. Славко Брезоски.

Архитектот Брезоски ја образложува логиката на објектот, неговото обликување, неговиот став према традиционалниот начин на проектирање сакрални објекти како и мислење за измените во текот на градбата.

 

 

Во продолжение ви приложуваме транскрипт од првите неколку минути на неговото образложение:

„Јас, од првиот момент, се определив да одам кон модерна архитектура и модерна конструкција, иако ми беше сугерирано дека можеби треба да се потпрам на некои наши традиционални примери од сакралната архитектура. Но јас не го отфрлив тоа сосема. Меѓутоа беше еден хендикеп што во тоа време не можев да се потпрам на ни еден пример на нови православни црквени објекти градени во нас, ниту кај нас ниту во нашето поблиско соседство. Такво нешто немаше. Меѓутоа не го гледав тоа како голем хендикеп, затоа што од првиот момент сакав да одам во поголема творечка слобода, да истражувам нешто што ќе биде во дух на времето во кое се наоѓаме денес. Новите технички, градежни и архитектонски услови во тоа време бараа да се даде нешто ново. Во тој случај, мислам дека не можев поинаку да бидам определен. Скоро како некоја стручна етика да ми налагаше да се одлепам, од некои модели, од некои матрици кои веќе ги познаваме на наш терен, а знаеме дека градењето и проектирањето на сакрални објекти долго време на нашиот терен мируваше.“

 

 

 

Авторот продолжува со објаснување на формата на објектот и неговиот пристап во пректирањето:

„Овој општ просторен склоп на објектот можеме да видиме дека се состои од некои форми кои се или полутопка, кубе или делови од кубе. Тука се лаците и другите сферни форми кои се на некој начин ефектни архитектонски елементи сами за себе, меѓутоа тие се и пред се со статичко носечка функција на објектот. Тука јас гледав и го застапувам тој принцип во архитектонското творештво да се даде единство во таа смисла, една симбиоза конструкција-архитектура. Зошто? Затоа што во овој случај, како и во други, носечката конструкција има архитектонски ефекти како и просторни ефекти. А од друга страна тие просторни елементи, употребувани порано во нашата архитектура  содржат во себе конструктивни функции. Тоа е првата работа која ќе ја создаде конечната импресија на овој објект.“

Остатокот од интервјуто ви го препорачуваме да го погледнете на следниот линк, додека во меѓувреме можете да ја прочитате првичната објава за Соборниот храм: