Архитектонска изложба: Вертикални форми на населување на градот Велес
31.10.2025 • Изложби
На 27 октомври (понеделник) со почеток од 19:00 часот беше отворена архитектонската изложба „Вертикални форми на населување на градот Велес“. Преку 3Д модели, макети, фотографии, технички цртежи од објекти за домување или кули, стари велешки куќи и Градската саат кула, авторите ја претставија архитектонската приказна на градот Велес.
ВОВЕД
Во градот на ридовите и вертикалите, Велес ја доби својата архитектонска приказна за урбаните вертикали. Ликовниот салон, при Народен музеј Велес, во понеделникот (27.10.2025г.) беше домаќин на изложбата „Вертикални форми на населување на градот Велес“. Поставката ја претстави еволуцијата на градот низ неговите вертикални линии, од староградските куќи „што се качуваат по ридови“ до станбените кули на XX век.
ПОСТАВКА
Поставката е визуелна и истражувачка хроника на велешките кули. Преку 13 макети од вкупно 21 кула, посетителите можеа да ја проследат трансформацијата на домувањето во височина, од инженерски иновации до симболи на градскиот живот. Изложбата ги обединува различните периоди и стилови на домување: од куќата на Касапови, опишана од архитектот Душан Грабријан како „куќа што лебди“, преку Жаба зграда на Херман Јоже, првата станбена кула во Македонија надвор од Скопје, па сè до Зградата ХИВ и кулата на Мостот на Гемиџиите, кои ја одбележаа индустриската модерност на седумдесеттите. Блесокот на макетите на кулите симболично имаа за цел да ја расветлат природата на велешките вертикали не само како просторни артефакти, туку и како значајни конструктивни зафати од втората половина на XX-от век. На сталажите во позадина беа изложени фотографии од постојната состојба на кулите и нивна реинтерпретација во хартиени модели.
ОТВОРАЊЕ
Свеченото отворање беше проследено со голема посетеност и музички настап на Дарко Волчев, дипломиран пијанист при Факултетот за музички уметности во Скопје. Ликовниот салон беше исполнет со архитекти, градежни инженери, ученици од основните и средните уличишта во Велес и љубители на архитектурата. Во поздравниот говор на домаќинот Ангел Коруновски беше истакнато дека „оваа поставка ја враќа кулата во јавниот дискурс, не како артефакт на минатото, туку како жива алатка за нови визии на урбаниот развој“. Настанот се одвиваше во дух на истражувачки ентузијазам, при што посетителите имаа можност разгледувајќи ги макетите заеднички да ги откриат вредностите на подзаборавените велешки кули.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА
Отворањето заврши со три тематски презентации, кои го збогатија архитектонскиот наратив на изложбата:
проф. д-р Минас Бакалчев – „Дрвото, човекот и градот: Случајот со седумте јавори во Велес“,
Мартина Штериова – „Архитектонското наследство и истражувачката дејност“
Марија Петрова – „Станбените кули во градот Велес: Наследство од застарената иднина“
Преку овие излагања се разви дијалог меѓу традицијата и модерноста, каде велешките кули беа препознаени како урбани репери и архиви на колективната меморија. Настанот заврши со стиховите на Кочо Рацин, чија поезија го обедини концептот на „куќата – срце, порта, височина“, симболично заокружувајќи го истражувањето на вертикалните форми во градот Велес.
ЗАКЛУЧОК
Континуум на велешката вертикалноста е претставен не само како материјална, туку и како симболичка димензија на градот. Изложбата ги реафирмира станбените кули како вредни елементи на градската силуета, кои заслужуваат конструктивно-обликовна санација и нова улога во урбаниот контекст.
Изложбата е дел од Годишната програма од национален интерес за 2025 година при Министерството за култура и туризам, поддржана од Народен музеј – Велес, Државниот архив – Одделение Велес и „Масив Дизајн 2000“ – Кочани. Проектот е дело на тимот: Марија Петрова – Фафа, Сара Јованоска, Теодора Стеваноска, Ахмед Пошка, Горан Трајановски, Кирил Кочоски, Ангела Петроска и Дејан Јанев.
Автор на статија: Martina Shteriova
архитектонска изложба / Велес / Вертикални форми на населување на градот Велес / Народен музеј





























