Изложба „Македонска Архитектура 1974-2024“
19.11.2024 • Информации
Оваа година одбележуваме важни јубилеи: 10 години од формирањето на МАРХ и 50 години од изложбата „Македонска архитектура“ организирана од Сојузот на архитекти на Македонија.
МАРХ започна скромно, но со амбициозна мисија – зачувување и промоција на македонската архитектура преку создавање дигитална архива на минатото, анализирање на сегашноста и визија за иднината. Платформата се разви како простор за едукација, критика и инспирација, придонесувајќи кон важни општествени промени.
Каталозите од 1974 и 2024 година
Кон прославата на 10 години МАРХ Македонска архитектура, одлучивме да се надоврземе на истоимената изложба „Македонска архитектура“ организирана од Сојузот на архитекти на Македонија ( денес ААМ ) во 1974 година во Музејот на современата уметност во Скопје, со цел презентирање на историскиот континиум и современата македонска архитектура на тогаш 30 годишниот спомен од ослободувањето на Македонија. Години по скопскиот земјотрес и веќе големата обнова на разрушеното Скопје, оваа изложба го бележи најголемиот подем и златен период на домашните архитекти. Бидејќи го носиме истото име, се одбележува половина век од организирањето на таа изложба и издание на каталогот, година во која и ние прославуваме 10 години, па од тука одлуката да се надоврземе и да го обработиме низ фотографии периодот до денес беше логична и рационална мисла.
Каталогот од тековната изложба
Го следиме јазикот на изданието и формата. Покрај изборот на фотографии приложуваме и текстови на македонските архитекти и урбанисти кои презентираат свое видување на перидоот од 1974-2024 година за случувањата на домашната сцена. На тој начин создаваме архива на мислата и оставаме трага за идните борци за суштествувањето на македонската архитектура.
Во овој каталог, покрај воведот на основачот, ќе можете да прочитате осврти кон 50 годишниот период од проф. д-р Михајло Зиноски, Билјана Филиповска, Миодраг Радоњиќ Бато, Душанка Шуловиќ, проф. д-р Минас Бакалчев и Даница Павловска Циги.
Извадок од каталогот
Изложбата има за цел да го поврзе минатото и сегашноста преку повторно изложување на 63 фотографии од првичната изложба (до 1974 год.) и презентирање на 64 нови фотографии, кои го опфаќаат периодот од последните 50 години, до денес (1974-2024). На отворањето ќе биде достапен и каталогот од изложбата за купување.
Изложбата ќе ја отвори основачот и уредник на МАРХ, Филип Конески, во 18:00 часот на првиот кат во Public Room, Скопје.
Извадок од каталогот
Автор на статија: Љубен Трајаноски
1974-2024 / до 1974 / Изложба / Македонска архитектура / марх / Филип Конески / Фотографии