Каков град нѝ остава „скопскиот Генерал“?

Во изминативе години навистина се „дупнавме“ од зборување за скопските детални урбанистички планови (ДУП-ови). Стари, нови, спорни ДУП-ови…. Татко на сите овие планови е ГУП-от. „Г“ не е за „голем“, туку за „генерален“. Бидејќи овој Генерален урбанистички план на Скопје, ги дава главните насоки кои потоа неговите „чиновници“ – ДУП-овите ги имплементираат во своите градски четврти.

Моменталниот ГУП на Скопје е донесен во 2012 и како сите планови од овој ранг има траење од најмалку 10 години. Овој план нема да потрае повеќе од неговиот минимален рок. Град Скопје минатата година ја започна процедурата за изготвување на новиот ГУП, кој ќе биде во силa од 2022 до 2032 година.

Пред да се збогуваме со актуелниот „генерал“ би сакале малку подобро да ве запознаеме со него. Кои беа неговите задачи, какви беа неговите политики, во кои населби предвидуваше развој на градот и што нѝ донесе и остави за аманет.

 

 

 

Генерален урбанистички план на град Скопје 2012-2022 – синтензен план / www.skopje.gov.mk

 

 

 

Првата улога на овој план е исцртување на границата на градот Скопје. Моменталниот ГУП не ја опфаќа целата површина на 10-те скопски општини. Неговите граници некогаш се поклопуваат со границите на општините, но во суштина повеќето периферни општини само делумно спаѓаат во опфатот на овој план.

 

 

 

Граници на опфат на ГУП Скопје 2012

 

 

 

 

Оваа територија планот ја дели на 11 реони, во кои спаѓаат 162 градски четврти. За секоја четврт планот задава генерални параметри како намена на земјиштето, максимална густина на домување, максимална височина, просечен процент на изграденост и слично. Дополнително планот ги регулира и градските инфраструктурни и сообраќајни мрежи.

 

 

 

ГУП 2012 – поделба на реони

 

 

 

Моменталниот ГУП има донекаде „ретро“ пристап. Голем дел од неговите начела се дирекции за развој на градот коишто се зададени уште со пост-земјотресниот план од 1965 и ГУП-от од 2001.

Таков пример е јужната обиколница или тунелот под Кале, потези кои се исцртани уште пред 60 години. Тие не се имплементирани, а сѐ уште се присутни во ГУП-от 2012-2022. Во меѓувреме градот, урбанизмот и технологијата се толку променети што соодветно е да се запрашаме дали денес ваквите решенија се сѐ уште потребни.

Дополнително, планот повеќе ја документира моменталната состојба и го предвидува идниот раст, наместо да даде јасни и смели решенија на некои од градските проблеми, како градската инфраструктура или недостигот од зеленило.

 

 

 

 

 

 

Потфрлање кај зелените зони

 

Во слободните зони планот предвидува сместување на што поголем процент на површини за домување, наспроти сите останати намени. Ова е многу нормално за главен град кој треба да расте во идните 10 години. Планот работи со жива материја, и не смее да го кочи природниот развој на метрополата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Мапи на урбанистички параметри / „Посебни услови по четврт, нумерички показатели“ и „План на намена на површините“ – www.skopje.gov.mk

 

 

 

Сепак, под знак прашалник е димензионирањето на овој раст. Додека еден ГУП „црта“ нови станбени четври, тој мора да предвиди соодветно зголемување и на инфраструктурата и зеленилото.

Доколку го погледнеме синтезниот план од 2012 забележуваме дека тој повеќе се посветува на сообраќајното поврзување на новите населби и дека навистина потфрла во однос на зеленилото. На мапата на доминантни намени, никаде не можеме да сретнеме соодветно зголемување и на површините за зеленило, токму напротив, дел од претходните зелени зони стануваат зони за домување или комерцијални намени.

Веројатно урбанистите би ни одговориле дека зеленилото е планирано во посебните услови по четврт, каде во табелите ќе забележиме дека оваа намена добива одреден процент. Но што тој процент значи во реалност? Единствен начин јасно да ги претставиме ова е преку неколку примери. За таа цел ќе разгледаме две од новите населби кои ги предвидува овој ГУП.

 

 

 

Зони за идни населби во северниот дел на Скопје, локалитет Зајчев Рид и покрај Касарната Илинден.

 

 

 

Двата квартови се наоѓаат во северниот дел на Скопје. Првиот е во четвртата ССЗ 02 на Зајчев Рид, а вториот во ССИ 03 покрај Касарната Илинден и Скопскиот Аквадукт. Во двата случаи станува збор за неизградени зони, за коишто Општината Карпош веќе има развиено ДУП-ови и полека го подготвува теренот за градба. Преку овие ДУП-ови ќе можеме да видиме како посебните услови во ГУП-от се материјализираат на дело.

 

 

 

 

Денешна состојба на локацијата покрај Касарната Илинден – четврт ССИ 01

 

 

 

Пределот околу Касарната Илинден (дел од четврт ССИ 01) во минатиот ГУП беше планиран како зеленило, но со сегашниот план тој доби мешана намена – комерцијални/деловни намени и домување. Во параметрите на оваа четврт беа планирани 6% парковско и 2% заштитно зеленило.

 

 

 

 

 

 

Опфатот на ДУП-от покрај Касарната Илинден е дел од четвртта ССИ 03. Извадоците од ГУП и доделуваат домување и комерцијални и деловни намени. / извор: „Посебни услови по четврт, нумерички показатели“ и „План на намена на површините“ – www.skopje.gov.mk

 

 

 

Овие параметри резултираа во следниот детален план, каде среќаваме сегментирани површини зеленило, поделени со широки улици и високи блокови. Тие ни одблиску не надоместуваат за целата слободна површина којашто ќе биде изгубена. Едноставно не се доволно големи за да ја подобрат локалната микро клима, или да обезбедат еден здрав еко-систем.

 

 

 

Детален урбанистички план за Градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.02, Општина Карпош и Општина Бутел – Скопје, Плански период 2020-2025 / www.karpos.gov.mk

 

 

 

 

На локалитетот Зајчев Рид (дел од четврт ССЗ 02) се планира населба уште со претходниот ГУП од 2002 година. Во 2008 година Општина Карпош објавува ДУП, кој отвара простор за развој на нова населба. Сегашниот ГУП од 2012 ја продолжува истата намена како и претходно, предвидувајќи и 14% заштитно зеленило. Сепак, тоа подразбира само дрвореди и мали зелени појаси, оставајќи простор како и претходно тие да бидат сегментирани и распоредени по периферијата на опфатот, додека центарот би бил уште еден асфалтиран остров.

 

 

 

 

 

Опфатот на ДУП-от на Зајчев Рид е дел од четвртта ССЗ 02. Извадоците од ГУП и доделуваат домување, комерцијални, деловни и јавни намени и заштитно зеленило. / „Посебни услови по четврт, нумерички показатели“ и „План на намена на површините“ – www.skopje.gov.mk

 

 

 

ДУП за локалитетот Зајчев Рид, 2008-2013 / www.karpos.gov.mk

 

 

 

 

Слики од моменталната состојба на Зајчев Рид

 

 

 

Дополнително на проблематичниот однос кон зеленилото, овие два плана тангираат заштитени историски зони – локалитетот Скупи и Скопскиот аквадукт, кон кои не развиваат никаков урбанистички однос.

 

 

 

 

Поглед од локацијата покрај Касарната Илинден кон Скопскиот Аквадукт

 

 

 

Одржлив развој наместо максимален раст

Покрај двете населби во северниот дел на Скопје, ГУП-от остава простор и за други резиденцијални зони. Само во неколку од нив се предвидува процент на зеленило, како четвртта СЗ 01 или З03, но за повеќето квартови ГУП-от не планира никакви паркови или зелени појаси.

 

 

 

 

Мапа на нови населби и четврти со зголемена густина на домување

 

 

 

Генералниот урбанистички план, како план од највисок степен мора да е построг во планирањето на јавните површини. Сѐ додека зеленилото е само одреден процент во рамки на станбените четвртти, тоа секогаш ќе биде секундарно и сместувано во крајните ќошиња од новите населби.

 

 

 

 

Типови на урбанистичко зеленило / Правилник за урбанистичко планирање бр.225 од 18.09.2020

 

 

 

Исто така, клучно е планирањето на парковското зеленило наспроти заштитното. На Градот Скопје му недостига рехабилитирање на зелените пространства, вистински паркови кои завземаат доволна површина за да се спротистават на изобилието штетни гасови во нашиот воздух. За вистински подобрувања нѝ се потребни зелени оази, а не зелени островчиња заробени помеѓу високи згради и булевари.

Со новиот ГУП мора да се поправат грешките од минатото. Тој мора да содржи визија за Скопје, која нема да се заснова на максимален раст, туку на одржлив урбанистички развој.

 

Прочитајте ја целата сторија „На визијата за Скопје ѝ недостига здрав разум“.

 

Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Само прашај“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада. 

 

Автор: Ноеми Чаусидис

Фотографии: Борис Јурмовски

Графички прилози: Мартин Ефремовски, Љубен Трајаноски, Мартина Штериова