“ЌЕ ПУКНЕ ЛИ „ГРАДЕЖНИОТ БАЛОН“? Цените на становите ќе се намалуваат со изградба на државни комерцијални згради.” / Петровски

Ова беше само еден од многуте наслови кои се ширеа во јавноста кон почетокот на оваа година, кои влеваа трошка надеж меѓу жителите во државава дека е можно да се стави крај на веќе одамна нереалните цени на становите.

Механизмот со кој што владата требаше да се бори со инвеститорите е со изградба и продажба на станови кои се во државно сопствеништво, односно во сопственост на АДСДП (Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката-Скопје). Начинот на продажба на овие станови се одвива по пат на аукција со позитивно наддавање, односно со задавање на почетна цена за m2 на која што може да се наддава минимум по 1 евро за m2.

Сведоци на една таква аукција бевме на 14.07.2025, по претходно огласување од АДСДП за продажба 8 станбени единици со паркинг места, на ул. ,,Страшо Пинџур бр.6а“ во Скопје.

Линк до огласот:

https://adsdp.com.mk/2025/06/19/%d0%be%d0%b3%d0%bb%d0%b0%d1%81-%d0%b1%d1%80-3-2025-%d1%81%d0%ba-%d0%b7%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%b0%d0%b6%d0%b1%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d1%81%d1%82%d0%b0%d0%bd%d0%b1%d0%b5%d0%bd-%d0%bf%d1%80/

Станува збор за објект каде што АДСДП се јавува како ко-инвеститор, односно располага само со 8 стана од целиот објект, кој е со катност П+6, со почетно зададена цена од околу 1200 €/m2 .На ничие изненадување, како компензација на АДСДП инвеститорот ги оставил најмалку атрактивните станови, т.е. становите на првиот кат (во приземјето се предвидени деловни простории). Половина од становите кои се со североисточна ориентација имаат исфрлено еркер кој е над негреан простор, додека останатите станови кои имаат јужна ориентација се ориентирани спрема настрешница со лимен покрив, непристапна за чистење и одржување. Дополнително, становите кои имаат јужна ориентација, според ДУП пред себе ќе добијат објект со иста катност, кој во целост ќе ги остави во сенка.

 

 

Но на кого му е гајле за сето ова, битно е да се купи стан во “метрополата”!

Информациите кои беа достапни за јавноста според кои таа требаше да ја оцени вредноста и квалитетот на становите беа неколку фотографии направени со телефон, (меѓу нив и автопортрет на фотографот со туш кабина), а беше овозможена и прошетка низ становите. Сето ова беше доволно за да се пријават 317 учесници на лицитацијата за овие 8 стана. Тоа и не е изненадување кога ќе се земе в предвид дека немаше никакво ограничување за учесниците, можеа да се пријават сите физички и правни лица кои ќе уплатат депозит.

Како резултат на аукцијата која имаше за цел да ги сруши цените на становите, веќе првиот стан постигна вредност од 2803€ од метар квадратен! Дебакл од самиот старт. Според податоците на веб страната цена-квадрат (https://www.cenakvadrat.com/) моменталната просечна цена на m² во центарот на Скопје се движи околу 2100€. Тоа значи дека аукцијата не само што не успеала да ја намали цената на становите, туку и срушила рекорд продавајќи стан по цена за метар квадратен за 700€ повисока од просечната!

Доколку ова се адресира до АДСДП, нивниот одговор најверојатно ќе биде дека пазарот ги налага цените и дека направиле сè што можеле поставувајќи ниска почетна цена. Тогаш зошто најавата дека ќе се рушат цените на недвижнините? Се поставува прашањето кој ги купува овие станови и дали по тие цени би можела да купи стан средната класа на граѓани, доколку веќе и постои истата?

Има начин да се постигне помала цена на ваквите аукции, но се чини дека тоа не оди во прилог на носачите на одлуки. Преку поставување на претходно дефинирани услови за учество би можело да се спречат инвеститорите кои купуваат станови за подоцна да ги продаваат за профит.

На пример, условите на аукцијата може ограничат на:

  • Дозволено учество само за физички лица
  • Лица кои немаат недвижен имот на сопствено име
  • Лица кои немаат годишни приходи поголеми од X износ
  • Да се забрани давање на становите под закуп и нивна брза продажба
  • итн.

Очигледно е дека популистичките мерки и демагогиите на политичките елити ни приближно не помагаат во решавањето на проблемот со цените на недвижнините. Поддржани од корупцијата и криминалот, тие креираат систем во кои поседувањето на сопствен стан за идните генерации ќе станува се потешко. Оправдувањата секогаш ќе се бараат во војните, цените на градежните материјали, недостатокот на кадар, додека реалната слика на корумпираниот систем ја даваат големиот број на празни станови и иселувањето. Повеќе од мерките, апелите и изјавите на владеачките структури потребна е воља за решавање на проблемите, па кога неа ќе ја има, наоѓањето на решенија ќе биде лесниот дел.

 

Димитар Петровски