Kонкурсен труд „Идејно решение за административна зграда на општина Аеродром“ / Ивановски, Милушева, Дамјановска, Стојановски

Автори: Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски

Година на проектирање: 2021

Локација: Општина Аеродром, Скопје

Површина: 3.910 м²

Градовите се повеќе од само збир на нивните поединечни градби и инфраструктурата што ги поврзува; тие се комплексни состави на различни програмски, просторни, материјални и други елементи што заемно градат одредена структура и во чии рамки се содржани и социјалните односи што се развиваат помеѓу жителите. Структурата на градовите или на нивните делови што ги доживуваме како препознатливи, впечатливи или кои успеваме лесно да ги запаметиме е најчесто последица на одреден формален редослед на елементите, на нивна просторна синтакса. Структурата на градовите, во таа смисла, може да претставува основа на она што се нарекува – идентитет на градот, а секоја нова урбана или архитектонска интервенција што е замислено да се реализира во рамки на постојна градска структура би требало да се набљудува исклучиво во контекст на веќе воспоставените соодноси помеѓу изградениот и неизградениот простор.

Претходниот исказ се однесува и истовремено го формулира првиот проектански проблем на конкурсот за идејно архитектонско решение за нова административна зграда на општината Аеродром. Планерското непрепознавање на постојната урбана структура се согледува и преку предложената местоположба и преку геометријата на парцелата за градба на општинската зграда, анахрони во однос на морфолошки јасната модернистичка структура на соседните населби „Аеродром“ и „Ново Лисиче“. Основна амбиција на деталниот урбанистички план е трансформацијата на слободниот модернистички блок во традиционален (?!), проследено со неизбежното „заоблување“ на парцелата на аголот на двата големи градски булевари.

Од една страна, тоа подразбира суспендирање на идејата, историското искуство и континуитетот на Скопје како модернистички град, од друга страна, принудува на бескрајно проектанско талкање низ типолошките и конструктивните (не)можности за структурирање на планот на градбата што истовремено мора да биде и ортогонален и радијален.

Вториот проектански проблем се надоврзува на првиот и се однесува на непотребно обемната програмска секвенца, односно повеќе на нејзината несразмерност во однос на просторниот капацитет на парцелата. Распределбата на бараните програмски содржини на новата општинска зграда е можна исклучиво преку исполнување на максималниот дозволен габарит на парцелата, што е одлика на актуелната шпекулативна изградба на комерцијален станбен простор и инвеститорскиот стремеж за „искористување“ на просторот. Очекуваниот резултат може лесно да се претпостави – формално безлична, високо-компримирана изградена маса што тешко се вообличува и претвора во архитектура и која придонесува за формирање на – град без изненадувања!

Можеме ли и како, преку алатките на архитектурата, да ги поправиме погрешните проекции за иднината на градот и неговата урбана форма? Дали основните потреби на граѓаните можат да претставуваат појдовна основа за нови креативни просторни организации? Како општинската административна зграда да ја отвориме и да ја претвориме во „куќа“, наместо само во „сервис“ на граѓаните?

Крутите рамки на зададените урбанистички параметри упатуваат на неопходноста од изнаоѓање креативни начини како да се предложи оптимално проектанско решение што ќе даде соодветен одговор и на барањата на локацијата и на потребите на проектната програма. Задачата на проектирањето на новата општинска зграда бара соодветен концепт пред сè за нејзината архитектонска структура, што би придонело таа истовремено и да се идентификува и да се разликува од нејзината околина како јасно препознатливо место.

Последователно, основната идеја зад предложениот конкурсен проект е во двојно отворање на градбата, како кон пошироката локација, така и кон нејзините корисници. Проектанска претпоставка е дека интеграцијата на јавен простор во рамки на програмската и просторната структура би ја поттикнала каталитичката сила на самата (општинска) зграда, во смисла на способноста да има и изврши влијание врз својата непосредна околина.

Јавниот простор и пратечките содржини е замислено да се развиваат на секое ниво на зградата, добивајќи ја притоа најсоодветната типолошка форма – улица, плато, трем, променада, плоштад… Во овие точки на преклоп, зградата и околината, во помал или во поголем обем, прво се отвораат едно кон друго за да создадат простор, а потоа преку репертоар од различни архитектонски елементи и преку создавање на различно просторно искуство тежнеат да го „задржат“ посетителот.

 

Основната особеност и квалитет на ваквата хибридна просторна композиција е што таа придонесува за симболичка трансформација на административниот карактер на просторот во јавен, граѓански… Едноличната административна зграда се трансформира во комплкесна формација на заеднички простори, создавајќи на таков начин одржливо средиште за локалната урбана заедница.

Во обликовна смисла особено е значаен кровниот простор на зградата, каде во духот на модернистичката идеја за утилизација на покривот кровната површина е замислена да претставува јавен простор наменет за секојдневно користење на граѓаните. Покрај парковска површина од високостеблести дрвја, покривот е наменет за социјални, рекреативни и спортски активности, а пристапувањето до кровното плато се остварува преку вертикални комуникации што ја тематизираат главната силуета на зградата кон двата булевари.

Јасноста во просторната организација на зададените програмски содржини, репертоарот на внатрешните јавни содржини и нивната добра поврзаност, осветленост и материјализација, упатуваат на седиште на добро организирана општинска администрација. Во рамките на внатрешноста на градбата водечка архитектонска тема е централниот хол, кој претставува отворен и природно осветлен повеќевисински простор околу кој програмски се организирани различните општински служби.

Покрај својот правилен волумен холот структурално е дефиниран и преку згуснат ред од столбови, што придонесува за збогатување на просторното искуство на корисниците на просторот. Со проектот се предвидува внесување на природно зеленило на повеќе позиции во рамки на самата градба а заради обновливоста и природноста на материјалот дрвото е често употребено и како завршна обработка на ѕидните површини.

Од еколошко-енергетски аспект, со оглед на изложеноста на кровната фасада кон јужната ориентација, одржливоста на зградата е поттикната преку користење на алтернативни еколошки извори на енергија како фотоволтаични соларни системи од ќелии кои овозможуваат генерирање на струја преку директна конверзија на соларната радијација, отворени кровни површини кои се наменети за собирање на дождовна вода за понатамошна техничка експлоатација, како и фасадни брисолеи кои како пасивен систем придонесуваат во ладењето и греењето на градбата.

 

* Графичките и текстуалните содржини се приложени од авторите.