Првонаградениот конкурсен труд за Урбанистички план на населба Аеродром / Југословенскиот институт за урбанизам и домување од Белград
06.08.2024 • Урбанизам ХХ век / II половина
Автори на урбанистичко решение:
дипл. инж. арх. Ѓорѓе Бобиќ
дипл. инж. арх. Миодраг Ференчак
дипл. инж. арх. Др. Мирољуб Којовиќ
арх. Ненад Новаков
Специјалисти соработници:
дипл. инж. сообраќај Ратомир Врачаревиќ
дипл. психолог Слободан Лазиќ
дипл. инж. арх. Живојин Кара-Пешиќ
дипл. инж. шумарство Смиљана Николиќ
тех. Раде Марковиќ
и други соработници.
Она што ние го знаеме како „Населба Аеродром“, односно регионот од Скопје на чија што површина бил тогашниот постоечки аеродром, по земјотресот бил предмет на разгледување како зона на која ќе се предвидува ширење на градот.
За таа цел Фондот за комунално уредување на градежното земјиште во Скопје објавува анонимен конкурс кој е распишан во Мај 1974 година а завршил на 7ми Октомври истата година. Предметот на конкурсот било урбанистичко уредување на населбата Аеродром за 80.000 жители со реонски центар и потребни пратечки содржини. На конкурсот се повикани 10 заводи и институти за урбанизам од седум југословенски градови, додека примени се седум труда.
Првонаградено решение во износ од 50.000 динари е доделено на конкурсниот труд со шифра AS+2000 кој го изработил Југословенскиот институт за урбанизам и домување од Белград.
Во оваа објава ја разгледуваме мислата позади овој урбанистички план преку извадоци од документацијата на победничкиот тим со шифра AS+2000 каде се рационализира нивниот труд.
Фокусот на денешната објава е на организацијата на населбата, движењето и планирањето на намени.
Основни елементи на организација на населбата
Месна заедница
Основната организациона единица во населбата е месната заедница. Месната заедница е основна друштвено-политичка единица и е многу значајно да условите за работа и претставување кај делегациите од различни заедници се приближно исти.
Поради тоа се отстапува од типизацијата на единиците на ниво на станбени единици (4.500 жители) како што е предложено со претходната шема на организација туку е извршена типизација на ниво на месни единици. Со оваа постапка се добиваат седум, приближно еднакви месни заедници со типична големина од 12.000 луѓе.
Единица на соседство
Секоја месна заедница, бидејќи нејзината усвоена големина понекогаш е над оптималните граници во однос на органнизација на поединечни пратечки содржини, бара понатамошна поделба на пониски организациони единици. Усвоена е поделба на четири единици – соседства од кои секоја има популација од 3.000 луѓе (околу 1.000 домаќинства).
Оваа големина е поволна за организација на детски установи (градинки, игралишта и места за креативна игра), поволна е за организација на заштитни зелени простори и игралишта за деца без надзор, но и поволна за формирање на пунктови за секојдневно снабдување и сервисирање на домаќинството.
Станбена единица
Две со две соседства се споени со зелен меѓупростор и формираат станбена заедница чија популациона големина од околу 6.000 луѓе (2.000 домаќинства) што е прикладна големина за планирање на основно училиште и терени за секојдневна рекреација на возрасни.
Зелени простори во месната заедница
Позеленетите меѓупростори завземаат средишна положба во месната заедница, се надоврзуваат еден на друг низ соседните месни заедници и така формираат непрекинат зелен масив од која бочно се разгрануваат зелени и отворени простори на секоја од четирите единици – соседства во месната заедница. Во овие зелени меѓупростори се наоѓаат јаслите, игралиштата за деца, терените за рекреација на возрасни и основните училишта.
Центри на месни заедници
Центрите на месните заедници по правило почнуваат на булевар Јане Сандански и лентовидно се протегаат према комплексот на зеленило и рекреација на Вардар. Овие центри претставуваат средишни пешачки проспекти на кои се нижат локалните снабдувачки, угостителски и занатски содржини. Правецот на протегање на овие лентовидни центри има за задача да мотивира пешачко движење од средишната зона према Вардар, а положбата на на основните трговски групации во центарот кои се приближени на артеријалните сообраќајници има за цел да содржините со тоа се најдат на секојдневните патишта на жителите кои доаѓаат или одат од своите месни заедници кон другите зони на градот.
Пешачки алеи и центрите на соседните единици
Пешачкото поврзување на центарот на заедницата со реката дополнително се одвојува према единиците на соседства кои одат до станбените поединечните станбени објекти. Ова поврзување резултира со формирање на два поврзани пешачки системи на движење:
– систем за движење исклучиво низ мирен зелен простор од парковски тип
-систем за движење исклучиво низ активен и изграден простор од градски тип.
Овие два алтернативни системи на движење ја создаваат основната организација на јавни комуникациски простори во месната заедница и имаат за цел постигнување на интензивен и интересен општествен живот во урбанизиран амбиент – додека се зачувуваат еколошките квалитети на регионот и пружа слободни можности за избор или промена на амбиент.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
AS+2000 / Аеродром / Др. Мирољуб Којовиќ / Ѓорѓе Бобиќ / Миодраг Ференчак / Ненад Новаков / Општина Аеродром / Урбанизам