Конститутивна седница на Собранието на Комората ОАИ

На 12 јули 2025 година (сабота), се одржа Конститутивната седница на новоизбраното Собрание на Комората на овластени архитекти и овластени инженери со мандат 2025-2029. Седницата се одржа во хибриден формат – со физичко присуство и можност за електронско приклучување преку апликацијата Microsoft Teams.

На седницата по презентираниот извештај од д-р Анастасија Трајковска, претседателка на Централната Изборна Комисија, беа акламативно верификувани мандатите на новоизбраните претставници во Собранието на Комората 2025-2029, согласно изборните листи од професионалните одделенија и со согласност со Деловникот за работа на Собранието. Потоа беше спроведен избор на претседавач и заменик-претседавач на Собранието на Комората.

Претседателката м-р Кристинка Чулак честитајќи им го изборот на новите делегати во Собранието, во своето обраќање истакна „…Ви посакувам мандат исполнет со конструктивна работа, плодни дискусии и постигнување на уште поголеми од досега постигнатите успеси. Нека продолжат различностите и треба да продолжат, но не со цел да се натпреваруваме меѓу себе за да докажеме кој е попаметен, кој е поглавен или позначаен во градежништвото кое е нашата животна професија, туку за да се надополнуваме едни со други во неа. Затоа што дури и без една професија од нашите 12 профилирани, надвор – на терен, нема да има успешен објект.

Затоа ве молам секој од вас треба сериозно да пристапи кон своите обврски, со посветеност, одговорно, во служба струката и исклучиво со личен интегритет, затоа што ова е комора на индивидуалци, интелектуалци и инженер. Да го задржиме нејзиниот идентитет што успешно е граден 19 години по ред, а уште повеќе нејзиниот интегритет и независност.“

Со оваа седница, формално започна новиот четиригодишен мандат на Собранието на Комората ОАИ. Официјални документи од Седницата на Собранието ќе бидат дополнително објавени на веб страницата на Комората.