Куќа со средишен чардак / с. Будинарци

Локација / Регион:   село Будинарци / Малешевски регион

Период: XIX век или почетокот на XX век

Извор: „Селската архитектура во Малешево од XIX век и почетокот на XX век“

Издавач: Музеј на Македонија

Автор на користени цртежи во објава: Петар Намичев

 

Селото Будинарци, во ова издание се среќава со неколку примери на имотни селски куќи за домување.

Посочениот тип претставува куќа со квадратна основа, издигната на три нивоа со средишно позициониран чардак.   На тој начин одаите се поставени во аглите  додека нормално на чардакот се издвојуваат помали простории, меѓу ним создавајќи целосно индивидуализирање на собите.

 

 

Подрумот конструктивно е изграден во масивен систем (ѕидан  камен со дрвени серклажи). Во него се пристапува централно (трем), паралелно на чардакот поставен како оска на комуникација во следните нивоа.  Подредени се по три простории на двете страни, од кои четири се „Клет“ додека 2 се таканеречените „Куќи“. Во најдлабокиот дел од тремот се среќава вертикална комуникација која се врзува со чардакот.

 

 

Второто ниво претставува високо приземје, кон кое се пристигнува преку еднокраки скалишта,  двострано поставени на приемната тераса. Од тука се влегува кон централниот чардак, кој во средиштето формира неформален салон. Со отсекување на  аглите од главните соби, салонот се дефинира  во неправилен осумаголник. Ваквото отсекување, ги ориентира влезовите во просториите централно во една точка.

На приземјето се позиционирани три одаи, една „куќа“ и амбар, во длабочината на чардакот се комуникациите кои врзуваат со подрумот и катот.

 

Решението на катот е идентично на приземјето, со тоа што чардакот се исфрла над приемната тераса,  овозможувајќи поглед и контрола над имотот.