Лекција од Кочани – Градежни материјали и пожарна безбедност

Tрагичниот пожар во Кочани е уште еден мрачен потсетник за тоа како еден објект, кој треба да биде засолниште, може да се претвори во смртоносна стапица. За само неколку минути, трагедијата резултираше со над сто жртви и повредени.

Ризикот од пожари во објекти отсекогаш бил присутен, и до одреден степен, секогаш ќе постои – особено додека имаме плафони и ѕидови исполнети со жици и струја, што всушност претставува една контролирана игра со оган. Но, ако не ги почитуваме нејзините основни правила, оваа игра ќе продолжи да предизвикува несакани трагедии.

Ова е јасно и прецизно пропишано во регулативите за противпожарен дизајн. Но, во држава каде надзорот и инспекциите често потфрлаат, останува на нас – градителите, инвеститорите и корисниците – да ги препознаеме елементите кои ја загрозуваат безбедноста на нашите објекти, и гласно да инсистираме на нивно поправање.

Пожарната отпорност на градежните материјали

Првото нешто што може да го научиме од несреќата во Кочани е темата на запаливост на материјалите. На видеата се забележува како ова ја прави вистинската разлика помеѓу ситуација која можеше да резултира во минимална материјална штета и трагедија од целосни размери.

Само неколку секунди по првите искри, плафонот од дискотеката избива во пламења, кои се шират на неколку метри. Присуството на толку запаливи материјали во јавен објект е спротивно на сите правила за заштита од пожари. Би сакале да веруваме дека тоа некои луѓе го купиле, го донеле тука и го извеле без да знаат вистински што значи.

Слична ситуација се случи и во пожарот во болницата за Ковид во Тетово во 2021 година, каде што запаливи пластични панели го пламнаа објектот за само неколку минути.

 

Фотографија по пожарот во Ковид болницата во Тетово / извор: www.idol.mk

 

Затоа, време е да се запознаеме со една подточка која честопати се појавува во техничките спецификации на материјалите, а тоа е класа на противпожарност.

Оваа тема е исто така регулирана во Правилникот за мерки за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, изготвен од Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ. Во Член 19 од овој правилник, прецизно се наведува дека во сите објекти од јавен карактер, спуштениот таван мора да биде изработен од материјал чија пожарноотпорност е во времетраење од најмалку 30 минути. Ова очигледно не беше почитувано во дискотеката Пулс, ниту во болницата во Тетово.

Исто така, правилникот нагласува дека конструкцијата мора да биде способна да издржи пожар најмалку два часа. Целта на овие правила е да се контролира ширењето на пожарот и да се обезбеди доволно време за евакуација – нешто што во случајот со пожарот во Кочани беше дополнително отежнато од други недоследности, како прекумерниот број посетители и несоодветните евакуациски излези.

Македонскиот правилник се фокусира на времетраењето на пожарноотпорност на материјалите, но не ги зема во предвид начините на кои материјалите реагираат при пожар – дали испуштаат чад, токсични честички и слично.

 

Извадок од Правилникот за мерки за заштита од пожари, експлозии и опасни материи / извор: www.dzs.gov.mk

 

Стандард за отпорност на пожари: EN 13501

Европскиот стандард за противпожарни карактеристики на градежните материјали, EN 13501, е прифатен и надвор од границите на ЕУ и често се користи како референца во техничките описи на самите материјали.

Ако во овие документи забележите кодови како A2-s2 d1 или B-s1 d0, тие означуваат клучни карактеристики кои можат да направат огромна разлика во безбедноста на еден објект.

Првата буква од шифрата се однесува на реакцијата на пожар:

  • A1 – Незапаливи материјали кои не придонесуваат за ширење на пожарот / пр: бетон, челик, стакло, тули, камен или слично.
  • A2 – Слабо запаливи материјали кои не го пренесуваат пожарот на други материјали / пр: материјали од другите класи со противпожарни адитиви.
  • B – Запаливи материјали кои во мала мера придонесуваат кон ширењето на пожарот / пр: дрво третирано против пожари.
  • C – Запаливи материјали кои по 10 минути придонесуваат кон ширење на пожарот / пр: обично дрво или пластични панели.
  • D – Запаливи материјали кои пред 10 минути придонесуваат кон ширење на пожарот / пр: синтетички материјали или изолации.
  • E – Брзозапаливи материјали кои го шират пожарот за помалку од 2 минути / пр: хартија или пластични фолии.
  • F – Материјали кои не се тестирани.

Вториот дел од шифрата означува нивото на чад:

  • S1 – Ниско ниво на чад.
  • S2 – Лимитирано ниво на чад.
  • S3 – Високо ниво на чад.

Третиот дел означува колку материјалот капе или создава запалени честички:

  • D0 – Не капе и не создава запалени честички.
  • D1 – Капе, но честичките не се запалени.
  • D2 – Капе и создава запалени честички.

Па така, едни керамички плочки или камена волна који имаат код A2-s2 d0 значи дека не се запаливи, продуцираат малку чад и не капат или создаваат запалени честички. Или пак, стандардниот EPS стиропор често е во класа E-s2, d0, што значи дека има висока запаливост, умерено производство на чад, но не капе.

 

Пример на реакција на пожар наведен во техничка спецификација за камена волна / извор: www.rockwool.com

 

Отпорност на Пожари за Конструктивни Елеметнти: REI класификација

Градежните елементи не се оценуваат само како индивидуални материјали, туку и како целосни конструктивни системи. Отпорноста на конструктивните елементи на пожар се изразува преку REI-класификација:

  • R – Способност да ја задржи структурната стабилност.
  • E – Способност да спречи ширење на пожарот.
  • I – Способност да спречи пренесување на топлина.

Ако ѕидот има класа REI 90, тоа значи дека тој ќе ја задржи стабилноста, ќе спречи ширење на пожарот и ќе обезбеди термичка заштита најмалку 90 минути. Ако има RE 120, 2 часа ќе ја задржи стабилноста и ќе спречи ширење на пожарот, но нема да спречи пренесување на топлината.

Ова овозможува конструктивните елементи да се прават од материјали од различни противпожарни класи. На пример, стиропор може да се користи во јавни објекти, но доколку е обложен со помалку запалив материјал, како гипс плочи со противпожарен третман.

REI класификација за конструктивни елементи / извор: www.archdaily.com

Построги регулативи како последица на големи трагедии

Во многу европски држави, особено кај висококатниците, регулацијата на отпорност на пожар кај фасадните ѕидови сè уште се задржува на ниво на материјали и денес изнесува A1 или A2 s1 d0.

Ова доаѓа како одговор на голем пожар кој се случи во Лондон во 2017 година во кулата Гренфел (Grenfell Tower), кога трагично загинаа 72 лица. Оваа несреќа, за која еден од нашите колеги има на големо пишувано за Порта 3, многу видливо ги истакна опасностите од користењето на запаливи материјали на фасадите на висококатниците.

 

Пожарот во кулата Гренфел / извор: www.cs.wikipedia.org

 

Пожарот на овој објект изби од ентериерот на еден стан и од внатре се пренесе на фасадната ПИР изолација и алуминиумските композитни панели. За само 15 минути, целата зграда беше во пламен, а материјалите испуштија толку многу чад во внатрешноста што евакуацијата на станарите стана предизвик сама по себе.

Пред овој настан, повеќето регулативи дозволуваа материјали со класи до B-s3, d2. Но денес, во многу случаи кај фасадите на висококатниците, воопшто не смее да се користи ПИР или ЕПС (стиропор), дури и ако тие се обложени со поотпорни материјали.

Дали построгите регулативи би го спречиле пожарот во Кочани?

Веројатно не, бидејќи главниот проблем беше целосното непочитување на правилата, без разлика колку тие биле строги.

Сепак, не можеме да предвидиме што би се случило во иднина. Во Македонија постои голем број на висококатници кои, доколку се најдат во ситуација слична на онаа во кулата Гренфел во Лондон, можат да резултираат во уште една трагедија.

Темата за построга регулатива може да се дискутира, но целта на оваа објава е да ја информира јавноста за противпожарните стандарди, со надеж дека сите ние, при изборот на градежни материјали, ќе ги земеме во предвид нивните безбедносни карактеристики.

 

 

Дискотеката Пулс во Кочани по пожарот / фото: Ѓ. Личовски, извор: www.sdk.mk

 

Извори:

Насловна фотографија:

  • Тестирање на материјалите за отпорност на пожар – извор: www.motistech.com