Љубинка Маленкова / 1927
16.06.2023 • Автори
Љубинка Маленкова е родена во 1927 г. во Охрид. Архитектонското образование го завршила на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград, каде дипломирала во 1951 г., на тема „Станбен комплекс со придружни содржини“ во класата на проф. Богдан Несторовиќ.
По дипломирањето се вработила во Главната управа за комунални работи при Министерството за градежништво од каде што во 1952 година преминала во проектантското претпријатие за Македонија „Проектант“. По неговото расформирање во 1961 година се префрлила на работа во Проектантската организација на ГП „Пелагонија“ во Скопје, каде што работела до исполнувањето на раотниот стаж во 1987 година.
Се јавува како проектант со широк спектар на творештво. Проектирала објекти од станбен, општествен, трговски, образовен, здравствен и туристичко-угостителски карактер. Работела и на полето на урбанизмот.
Учествувала на 8 анонимни архитектонски конкурси на кои освоила две награди.
Својата активност ја насочувала и на изработка на студии (за Клиничкиот центар на Зајчев Рид, Скопје), пишувала рецензии, учествувала во бројни ревизии на проекти.
Повремено била ангажирана како хонорарен соработник по предметот Проектирање на станбени згради на Архитектонскиот факултет во Скопје. Повеќе години била член на Советот за урбанизам на град Скопје, член на Републичкиот совет за урбанизам и просторно планирање (1976).
За својот придонес во архитектонската струка била наградена со:
- Орден на трудот со сребрен и златен венец, 1980
- Диплома од САМ за високиот дострел од областа на урбанизмот и проектирањето „Порта Буњаковец“, 1985
- Диплома – специјална награда за реализиран објект од областа на снабдувањето, 1987
- Андреја Дамјанов, награда на ААМ, за придонесот во македонската архитектура, 2000
Од нејзиниот богати опус на творештво позначајни објекти се:
- Средното фискултурно училиште со спортска сала во Скопје, 1958
- Станбениот блок (П+5) на ул. „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во Скопје, 1958
- Станбената кула на ул. „11 Октомври“ во Скопје, 1960
- Хотелот за работници во Кисела Вода во Скопје, 1961
- Републичкиот завод за медицинска рехабилитација во Козле во Скопје, 1961
- Стабените кули (П+11) во нас. „Карпош IV“ во Скопје, 1965
- Педагошката академија во Штип (со арх. Вера Ќосевска), 1966
- Станбениот блок (П+5) од „Градски ѕид“ во Скопје (со арх. В. Ќосевска, Н. Богачев, С. Симоски, С. Ѓуриќ и А. Серафимовски), 1966
- Деловниот комплекс блок „Москва“ во Скопје, 1967
- Станбениот блок, тип „А“ (П+7) во нас. „11 Октомври“ во Скопје (со арх. Г. Златановиќ и В. Ќосевска), 1968
- Центарот за рехабилитација на деца и младинци во Топаанско Поле, Скопје, 1968
- Станбените блокови (П+4+По) и (П+8) во нас. „Чаир“ во Скопје, 1970
- Театарот на народностите во Скопје (со арх. В. Ќосевска), 1974
- Хотелот на „Фени“ во Кавадарци (со арх. Љ. Андреев), 1979
- Станбениот објект (П+9+Т) во Скопје (со арх. Б. Иванова), 1981
- Станбено-деловниот комплекс „Порта Буњаковец“ во Скопје (со арх. Љ. Андреев), 1985
- Поштите во: Прилеп, 1975; Тетово, 1977; Куманово, 1978; Струмица, 1981; Кочани, 1982
- Стоковните куќи во: Штип, 1955-60; Неготино, 1985
- Хотелите во: Кочани, 1957; Ново Село, Штип, 1958; Дојран, 1969
Од дејноста на урбанистичкото планирање позначајни проекти и’ се:
- Урбанистичкиот план за Ресен (со арх. Љ. Пота), 1953
- Урбанистичкиот план за Кичево (со арх. Л. Кубеш), 1953
- Урбанистичко решение на с. Извор, Кичево, 1953
- Урбанистичко решение на с. Кривогаштани, Прилеп, 1953
- Урбанистичко решение на Центарот на Кочани, 1960
Автор на статија: Martina Shteriova
градителите во македонија / Љубинка Маленкова / Македонски архитекти