Интегрирање на археолошкиот локалитет Скупи во современата урбана структура на Скопје / Чаусидис
23.09.2020 • Студентски проекти
Година: 2019
Тема: Архитектурата како фактор на културна одржливост на македонските градови
Наслов: Интегрирање на археолошкиот локалитет Скупи во современата урбана структура на Скопје
Предмет: Магистерски труд / АФС
Автори: Ноеми Чаусидис
Ментор: проф. д-р Анета Христова-Поповска
Локација: Зајчев Рид, Скопје
Фотографии од макета: Борис Јурмовски
Кога објектите на прв поглед повеќе немаат никакво значење или функција, го отвараме прашањето за нивниот изминат век. Кои се нивните микро-наративи? За што биле користени? Кои се луѓето кои ги создале и зошто исчезнале?
Напуштените историски места нѐ поврзуваат уште повеќе и со сегашноста, веројатно бидејќи согледуваме дека и нашите градови ќе станат тотеми на ова време откако тоа ќе исчезне. Можеби затоа се јавува и желбата да го одложиме нивното распаѓање така што би ги реконструирале, или уште подобро, реанимирале во активни и живи структури.
Театарот во Скупи (Римски театар Скупи, 2017, p.18)
Скопје има изобилие на физички остатоци од минатото, но еден од најинтересните, а воедно и најстариот, е археолошкиот локалитет Скупи. Неговите руини денес се заградени, на периферијата на градот, како некоја полу-заборавена приказна. Додека на историчарите, и на нас архитектите, овој локалитет ни е добро познат, колку всушност останатите граѓани се запознаени со него?
За оваа цел се изведе кратка онлајн анкета која со 163 одговори успеа да ја потврди оригиналната хипотеза за заборавеноста на локалитетот Скупи.
Резултати од анкетата „За почетоците на Скопје“
Сепак, без разлика на првичнот впечаток, овие археолошки наоди укажуваат на исклучителната големина и важност на овој антички град. Анализата на неговите историски, архитектонски и урбанистички карактериските може да ја проследите во првата објава од ова истражување РИМСКИОТ ГРАД СКУПИ.
Постојнасостојба на локалитетот
Денес локалитетот е третиран како музејски експонат, „капсулиран“ во неговата значително распадната состојба. Но, ова е целосно спротивно на духот на местото кое некогаш било активна урбана зона.
Доколку сакаме да ја реанимираме оваа античка метропола, како би требале да ја обновиме без да ја деградираме нејзината археологија?
Референтен пример: Диоклецијанова Палата, Сплит, урбано наслојување (caruso.arch.ethz.ch, 2013)
Диоклецијановата Палата опстојува до денес, како еден колаж од сите историски периоди: античко римски, средновековен, модерен и постмодерен. (spicenotsugar.co.uk, 2016)
Сличен пристап е возможен и во случајот на локалитетот Скупи, каде се уште се чита неговиот историски „скелетон“ – урбанистички шаблон на каструм, квадратен град со ортогонална улична мрежа во која доминираат главните оски кардо и декуманус максимус. Целта на овој проект е да ја истакне оваа маатрица и да ја интегрира во современото урбано ткиво.
Со намера да се создадат оптималните околности за оваа теоретска задача, најпрво се дефинира пристапот на работа преку неколку претпоставки. Проектот се базира на:
– надооврзување на моменталните планови за регионот, како градење на нов мост преку реката Вардар, кој би го поврзувал локалитетот со ул. Љубљанска во Карпош;
– дислокација на одредени патишта и зони кои ја нарушуваат историската средина;
– моменталните археолошки пронајдоци и одредени насоки кои тие ги сугерираат, без разлика што поголемиот дел од локалитетот се уште не е истражен;
– изоставување на југо-западниот дел од локалитетот каде веќе се има развиено населбата Злокуќани;
Дефинирање на пристапот на работа
Чекори на урбанистичко планирање: продолжување на античката улична мрежа (лево) / поделба на локалитетот во зони (десно)
Во примарната зона на заштита се задржува намената на археолошкиот локалитет. Тука се предвидуваат низа нови содржини кои се сместени во лесни надземни структури како павилјони и монтажни градби, изведени во склад со постојните археолошки наоди. Останатата површина го задржува постојното ниско зеленило и добива рекреативна или агрикултурна намена.
Новопроектирана ситуација
Локалитетот е заштитен и дефиниран преку обновување на неговата оригинална граница – античкиот бедем. Неговите северни страни се изведуваат со високо и густо зеленило, кое значително отскокнува од пасиштата на Зајчев Рид. Дополнително дизајнот на оваа зелена граница може да вклучува и патеки, огради, изложување на археологија од бедемот и неколку секундарни влезови.
На југоисточната страна бедемот е реконструиран со нова структура која ја имитира неговата оригинална висина.
Реконструираните бедем и кули се новиот визуелен маркет на Скупи наговестувајќи ја границате помеѓу современиот и стариот град / визуализација на неговата внатрешност
Новата структура се разива над постојната археологија, овозможувајќи две паралелни патеки, една покрај археолошките наоди и една издигната променада / попречен детален пресек
Поле на детална разработка е првата зона од урбанистичкиот потег, надвор од ѕидините, на самиот раб од заштитениот архолошки локалитет, каде урбанистичката регулатива дозволува изведување на структури и урбани површини, доколку археолошките ископувања не резултираат со значителни пронајдоци.
Аксонометриски приказ на новата интервенција
Урбаниот развој на римските градови најчесто бил проследуван со додавање на нови урбани сегменти (на пр. низата форуми во Рим или во Лептис Магна). Токму во тој дух, овој проект ја предвидува модерната екстензија на Скупи во облик на еден „нов форум“ дефиниран од низа јавни објекти.
Зона 1, поле на детална разработка – основа на приземје
Основа на ниво -1 (лево) / основа на ниво -1 при пронаоѓање на нови археолошки наоди (десно)
Подолжен пресек
Попречен пресек
Постапката на обликување на овие новопроектирани објекти се базира на теоријата на Алсо Роси за перманенција на архитектонски типови. Терминот ја подразбира суштината на архитектонските форми или поточно основните елементи за градење кои не можат дополнително да се редуцираат. Ова најдобро го воочуваме во неговиот пример за фундаменталноста на архитектонскиот тип на амфитеатарот.
Алдо Роси, пример за перманенција на архитектонските типови: векови по исчезнувањето на неговата функција римскиот амфитеатар ја задржува својата форма која добива нови намени: плоштад и обѕидана населба.
По овој принцип можеме да ги прочитаме и останатите архитектонски типови од римското градителство. Надградувајќи се на нивната основна логика добиваме објекти кои ја следат традицијата, но оставаат слобода за нејзина интерпретација и вселување на нови намени.
Генеза на форми – игра со архитектонските типови од рисмкото градителство
Интерпретација на римските архитектонски типови – аксонометриски приказ
Архитектурата во изминатиот век се доживува како статична уметност, креирање на структури само за овој момент – сега. Но, нашите градби остануваат долго после нашиот животен век. Затоа тие мора да се флексибилни да сместат различни сценарија кои би можеле да се потребни за идните генерации.
Формата на базиликата е пример за една ваква перформативна структура. Од оригиналната намена за јавни настани и судења, во доцната антика таа се пренаменува во основната форма на сите христијанските храмови.
Формата не ја следи функцијата – можни идни намени на комплексот на мали базилики
Визуализација – аудиториум на отворено, толос
Визуализација – домус (лево) / терми (десно)
Градот е атмосфера, дејствие, историја и сеќавања. Тоа се причините зашто одредено место е нечие „дома“ и зошто сакаме да му се навраќаме. Ваквите емоции и сеќавања ги вселуваме во симболичните места, без разлика дали тоа се сруктури или пак некое посебно дрво или карпа. Овие претпознатливи фиксни точки се врежуваат во нашата колективна меморија, а таа е нужна за создавање на континуитет на нашите градови.
Античкото Скупи, како почетокот на нашиот град, носи огромна ваква симболика. Време е да го откопаме од неговите урнатини и да го трансформираме во нешто на што ќе се надоврзуваат сите идни генерации.
Автор на статија: marh
Археологија / АФС / Зајчев Рид / Магистерски труд / Римска архитектура / Скупи