Македонските мотиви во делата на Густав Вундервалд 1917-18
13.03.2023 • Уметност
Густав Вундервалд (Gustav Wunderwald)(1882 – 1945) Велес, Македонија, масло на платно, околу 1917
Густав Вундервалд е германски сликар, чија уметност во 1934 година, нацистичката партија ја прогласува како „дегенерирана“. Неговите слики се отстранети од музеите, галериите и јавните места. На Вундервалд му е забрането да слика или создава каква било форма на уметност. Заработува за скромен живот со рачно фарбање на рекламни филмови во боја за германски филмски компании.
Но пред овој тежок периoд, во 20-тите години на XX век уметничките списанија го нарекувале „берлинскиот Утрило“. Неговиот иновативен сликарски стил е дел од новото уметничко движење наречено „Нова објективност“ (Neue Sachlichkeit) кое остава белег не само на германската и светската уметност, туку и во јавниот живот на пред-нацистичка Германија, нејзината архитектура, музика и филм.
Густав Вундервалд (Gustav Wunderwald)(1882 – 1945) Улица во Ускуп (Скопје) 1917, ( (“Straße in Üskyp (Mazedonien)”) масло на платно
Она што го прави Вундервалд различен од останатите е неговата палета на бои. Кафеавите и сивите тонови се комбинираат со палета на силни жолти и црвени бои , многу слично на стилот на Винсент Ван Гог. Ваквата комбинација создава атмосфера на магичен реализам во навидум досадни и неромантични сцени.
Густав Вундервалд (Gustav Wunderwald)(1882 – 1945) Џамија во Велес, Македонија, 1917, масло на платно
Малкумина знаат дека Вундервалд ја развил својата уникатна палета во земјата за која што повеќето Германци никогаш не слушнале: балканската провинција Македонија, каде што служел во германската армија стационирана во Велес и Скопје од 1915 до 1918 година. Во Македонија Вундерервалд сликал џамии или пејзажи со минималистичка и навидум наивна геометрија. Но со топла палета на жолто во контраст со темно виолетово небо, како што Винсент ван Гог сликал во јужна Франција.
Густав Вундервалд (Gustav Wunderwald)(1882 – 1945) Велес, Македонија, масло на платно, околу 1917
Извор: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950
Автор на статија: Filip Koneski
Neue Sachlichkeit / Густав Вундервалд / Македонска архитектура / Македонски градови / Македонски пејсажи / Нова објективност / Традиционалан архитектура / Џамија